Достапни линкови

Налепници со НМК сè уште нема, МВР најавува дека ќе бидат бесплатни


Обврската за регистарски таблици со НМК за возилата произлегува од Преспанскиот договор што Северна Македонија и Грција го потпишаа во јуни 2018 година.
Обврската за регистарски таблици со НМК за возилата произлегува од Преспанскиот договор што Северна Македонија и Грција го потпишаа во јуни 2018 година.

Налепниците за регистарските таблици се очекуваат идната недела во станиците за технички преглед. Според Преспанскиот договор, за кодот НМК на возилата и за личните карти важи „политичкиот преоден период„, односно ако не се променат до 12 февруари ќе може да се користат само внатре во државата.

Сопствениците на возила со регистарски таблици со стариот код МК, заклучно со 12 февруари ќе треба да ги заменат со новиот код НМК што беше договорено со Преспанскиот договор којшто Северна Македонија и Грција го потпишаа во 2018 година.

Граѓаните имаат опција или да ги заменат целосно регистарските таблици, кои ги има во станиците за технички преглед каде се прави регистрација на возилата, или, пак, да стават налепница.

Нови регистарски таблици, заедно со промена на сообраќајната дозвола, чинат 2.336 денари.

Налепниците, пак, како што денеска МВР најавува ќе бидат на товар на Министерството, односно бесплатни за граѓаните, за што веќе е изготвен предлог. Но, тие се уште не се пристигнати. Од неколку технички прегледи, каде се обрати Радио Слободна Европа (РСЕ), посочија дека чекаат да им достават налепници, а регистарски таблици имаат.

„Склучен е договор за нарачка со избраниот економски оператор, за што течат законските рокови за испорака на налепниците. Истите, ќе бидат доставени до сите технички прегледи во цела држава, граѓаните ќе можат да ги набават од референтите за сообраќај каде што вршат регистрација. Налепница НМК треба да набават сите сопственици на возила чии регистарски ознаки немаат никаква ознака или имаат ознака МК“, велат од МВР за РСЕ.

Според неофицијални информации од МВР, се очекува налепниците да се добијат во текот на следната недела и да се дистрибуираат.

За набавката на налепници, како и на регистарски таблици со НМК, Министерството претходно во декември склучи договор вреден 2,3 милиони евра. Договорот што го потпиша е за период од три години, а добитник на тендерот беше компанијата КВАНТУМ од Скопје заедно со германската „ЕХА Хофман интернационал“.

Над илјада документи доставени на домашна адреса во Скопје

Промената на регистарските таблици е една од обврските што ги презеде Северна Македонија со Преспанскиот договор. Граѓаните до 12 февруари треба да ги променат и личните документи со новото уставно име. По истекот на рокот, личните карти и возачките дозволи ќе важат за внатрешна употреба, но граѓаните треба да ги променат пасошите за да може да патуваат надвор од државата. Доколку со автомобил не излегуваат од државата рокот до 12 февруари не важи ниту кодот НМК за регистерските таблички.

Тоа произлегува од Договорот од Преспа каде што има „технички“ и „политички преоден период“ за промена на документите. Техничкиот период од 5 години по потпишување на договорот, кои истекува на 12 февруари 2024 година важи за промена на личните документи со Република Северна Македонија кои се во меѓународна употреба. Политичкиот преоден период се однесува на сите документи и материјали коишто се исклучиво за внатрешна употреба и нивната задолжителна промена “ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш“, пишува во Договорот.

Како се наближуваше рокот, турканиците и метежот за лични карти станаа секојдневие. МВР отвори и пункт во полициската станица „Пролет“ за фотографирање без закажан термин, а граѓаните чекаа со часови за да дојде нивниот ред.

Метежот се преслика и во зградата на Македонската радио-телевизија (МРТ) каде се наоѓаат шалтерите за подигање на документи.

За да го забрза процесот, МВР на 26 јануари објави дека почнува со пилот проект само на територијата на Скопје во рамки на кој преку готовите лични карти и возачки дозволи полицајци од локалните полициски станици ги доставуваат на домашна адреса.

Според информациите од Министерството, досега на домашна адреса биле доставени над 1.150 документи.

„Личните карти и возачките дозволи се доставуваат лично на граѓанинот. Се вршат два обида за достава на лична карта и возачка дозвола на граѓанинот и доколку истиот не се пронајде на адресата каде му е живеалиштето тогаш граѓанинот може да си го подигне готовиот документ во Управните служби каде се издаваат документи“, велат од МВР.

Пасоши не се доставуваат на домашна адреса затоа што при нивно подигање потребно е да се остави отпечаток од прст.

Податоците на МВР за тоа колку документи досега се сменети покажуваат дека во периодот од 5 јули 2021 до 16 јануари 2024 со новото уставно измени издадени се 1 050 439 лични карти, 1.211.776 пасоши и 546 741 возачки дозволи.

Преспанскиот договор беше потпишан на 17 јуни 2018 од тогашните министри за надворешни работи на Северна Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во селото Нивици на грчка територија. Договорот стапи на сила на 12 февруари 2019 година, а земјата доби рок од пет години, односно до 12 февруари 2024, да ги промени документите за меѓународна употреба.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG