Достапни линкови

Меџити: Ќе се војува против корупцијата


Меџити: Во ДУИ е тенка линијата меѓу политичка партија и подземје
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:49 0:00

Меџити: Во ДУИ е тенка линијата меѓу политичка партија и подземје

Коалицијата „Европски сојуз за промена“ ќе понуди конкуренција во албанскиот политички блок со фокус на економските прашања, вели претседателот на Деморатско движење, Изет Меџити, чија партија е дел од опозицискиот фронт, заедно со БЕСА и Алтернатива. За неприфаќањето на отворената покана од Алијанса за Албанците вели: „влегоа во влада за уставни измени, завршуваат како помагачи за враќање на Никола Груевски и донесување на измените во Крвичниот законик“.

Г-не Меџити, на почеток на месецов го претставивте „Европскиот сојуз за промена“ – коалиција на три обединети опозициски партии од албанскиот блок. Кои се програмските заложби кои ве разликуваат од владејачката ДУИ?

Прво мислам дека прв пат и ретко, се уште далеку од изборите, опозицијата да биде заедно и тоа врз основа на принципи, нова програма, нови приоритети. Надминати се веќе некои поранешни суети во однос на лидерството - односно кој ќе ја предводи опозицијата, туку фокусот е ставен дека на Албанците им треба конкуренција во албанскиот блок. Да има конкуренција во идеи, програма, платформа, што недостасуваше во овие 20 години. Прво, тоа е вредноста. Второ, не само што ќе констатираме лошо владеење на ДУИ и другите партнери во владата, туку ќе дадеме конкретни предлози за решавање на тие проблеми за подобрување на животниот стандард, за подобра перспектива, да се спречи миграцијата на младите. Ќе се војува против корупцијата која е посочена и во последниот извештај како најкатастрофален досега, заради големата корупција и тоа на високо ниво. Фокусот ќе биде на економските прашања и теми, бидејќи според анкетите седум до осум прашања што ги тангираат граѓаните и Албанците се платите и животниот стандарди и темите поврзани со нив.

Од Алијанса за Албанците сепак не ја прифатија поканата да бидат дел од опозициската коалиција и најавија дека на претстојните избори ќе настапат самостојно. Што сметате, кои се причините за тоа?

Кога влегоа во владата, а кога ние излеговме и од ДУИ и Алтернатива од владата, тие станаа патерица на владата на Артан Груби и да го спасат него. Тогаш нивното објаснување беше дека влегуваат заради уставните промени. Но, на крај уставните промени не се случија и завршуваат како помагачи на враќање на Никола Груевски, донесување на измените во Кривичниот законик. Не може министерот за правда да каже дека не е запознаен со тоа, дека целиот процес го водела заменик - министерката, кога знаеме дека тој предлог закон не може ниту да се архивира без согласност на ресорниот министер. Истиот закон треба да оди во Комисија за политички прашања, за економски прашања во владата каде е самиот министер и другите министри на Алијанса за Албанците. Така што, влегоа за уставните измени, завршија како помагачи и треба да платат цех за сето тоа што е направено во изминатите 20 години.

„Европскиот сојуз за промена“ најави заедничка листа за претстојните парламентарните избори и кандидат за претседател на државата. Дали во рамки на коалицијата фигурираат одредени имиња за претседателски кандидат?

Се уште не сме седнале на маса, но ние не сме за бројки и лични позиции, туку, фокусот е да донесеме нова политичка ера кај Албанците во државата. Ќе имаме и претседателски кандидат. Во логото наше има три ѕвезди и ние кажавме и очекуваме дека ќе има и четврта и петта ѕвезда. Ќе се приклучат на оваа коалиција и други субјекти. Рано е да кажеме кој ќе биде претседателски кандидат. Ќе имаме Албанец кандидат за претседател на државата кој ќе биде дополнителна вредност.

Ќе биде партиски член или може да биде и натпартиски кандидат?

Може и едното и другото. Не сме одлучиле. Ги гледаме сите опции, ќе ги следиме и анкетите и како гледаат граѓаните и врз основа на анализи ќе донесеме заеднички заклучок кој е најдобро да ја претстави албанската опозиција на претседателските избори.

Во изминатите денови на прес конференции се посочува испразнетото место во Државната изборна комисија треба да и припадне на опозицијата. Постојат ли потенцијални пречки за тоа да не се случи?

Да. И проблемот има име. Тоа се Талат Џафери, ДУИ и Алијанса за Албанците. Сакаат да убедат нешто што немаат никакви аргументи. Ќе посочам дека член во ДИК претходно беше член од АА, кој сега е министер за правда. Самиот факт што е министер, тој е дел од власта и дел од мнозинството. И нема никаква логика тие да претендираат да претставуваат опозиција. Тоа остава лош впечаток дека нешто се спрема. Веќе не се комотни, не се сигурни, анкетите покажуваат дека тонат и затоа посегнуваат по мерки кои не тераат да мислиме дека се спремаат за најмалку нефер демократски избори. Бидејќи, во принцип во ДИК треба да има претставници и од албанскиот и од македонскиот блок, позиција и опозиција, да има балансирање. Дури опозицијата секогаш треба да има мнозинство во ДИК. Целта е да има фер и демократски избори и што помалку девијатни појави. Ние ќе ги искористиме сите демократски средства, го известуваме и меѓународниот фактор и аргументите се на наша страна. Најодговорен во ситуацијата е Талат Џафери. Огласот е отворен, ние имаме понудено кандидат. Тоа е Абдуш Демири од БЕСА. Огласот треба да се затвори и да се избере.

Господине Меџити, по објавените истражувања на РСЕ за Државна лотарија, коалицијата побара оставка од генералниот директор на акционерското друштво, Перпарим Бајрами. Во неколку јавни споменавте дека имате нови информации за Државна лотарија. Дали планирате да ги споделите јавно или пак до надлежните институции кои веќе и покренаа постапка за работата на акционерското друштво?

Една од причините што излегов од ДУИ е бидејќи забегаа во некои работи, каде е тенка линијата политичка партија и подземје. Се работи за казино бизнисот и брзите кредити кои по случајност или не лиценците ги добиваат од ДУИ и министерство за финансии. Чудно е бидејќи албанските партии во последните 30 години никогаш не изразиле интерес да се дел од Лотарија на Македонија. Немаа ниту членови на Управен одбор, ниту заменик директор. Оваа власт и ДУИ што не можам да го препознаам ниту јас, прв чекор го направи со тоа што асистентот што го имаше Артан Груби во Собрание го постави за генерален директор на Лотарија на Македонија.

Иако имаше концесија на 15 години од порано и дел од тоа беше изминат рок, незаконски, без владини процедури, без мислење од законодавната комисија, зборувајќи цело време дека треба да ги дислоцираме казината на 500 метри, а во тој период се издаваат нови концесии што ризикуваме државата да се казни над 160 милиони евра. Се потпишуваат три, четири нови ланци на казина, Албанија, Косово и другите држави во регионот се затвораат и сето тоа се преселува тука.

Целосното интервју со лидерот на Демократското движење Изет Меџити може да го погледнете во видеото погоре.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG