Достапни линкови

Кој ве „демне“, според новиот Кривичен законик, може да оди и во затвор


Илустрација
Илустрација

Единствениот случај за кој е поднесено обвинение за демнење е на двајца сопружници кои пријавиле дека ги „демне“ човек кого го познавале. Обвинителството го гони, но се уште не стигнал до судење. Казната е од парична до пет години затвор. Кого може да пријавите за „демнење“ или кој е „демнач“?

Секоја ситуација е уникатна и индивидуална, а ова е ново кривично дело кое жртвите треба да знаат да го препознаат и на време да го пријават „демначот“. Ова е ставот на обвинителката Ана Гоговска Јакимовска од скопското обвинителство која го работи првиот предмет од кривично дело „демнење“ во земјава.

Новиот член 144-а во Кривичниот законик беше воведен во февруари годинава, како резултат на низата случаи на родово базирано насилство кои се случуваа претходниот период. Со него се пропишани од парични казни до пет години затвор и тоа повисоките затворски казни се определуваат ако делото е сторено врз човек со кој сте моментално или сте биле во интимна врска или пак врз дете.

Случај „демнач“ на сопружници

Според обвинителката предметот на кој работи е по пријава од двајца сопружници кои биле прогонувани од познаник, кој започнал да им се меша во личниот живот и инсистирал да контактира со двајцата. Тоа се повторувало во неколку наврати, а според неа повторувањето на дејствата е основата за да постои „демнење“.

„Обвинетиот, во периодот од 26 февруари до 9 мај, повторено неовластено прогонувал ги вознемирувал мажот и жената со повици, СМС пораки и пораки на телефонски апликации, ги фотографирал и тоа неовластено и им се заканувал дека ќе објави податоци за нив“, вели Гоговска Јакимовска.

Сепак не сакаше многу да го коментира предметот бидејќи се уште не е влезен во судница. Вели дека жртвите на истражителите им дале доволно докази од обидите за комуникација, но и видео снимка која им ја испраќал обвинетиот по што следувал и претрес во неговиот дом и други простории кои ги користи.

„Беа одземени мобилните телефони, СИМ картиците кои биле користени за да се праќаат такви пораки и се приложени како докази пред судот. Што ќе биде понатаму зависи од судот“, вели обвинителката.

Преку телефонската комуникација било пронајдено дека „демначот“ бил охрабрен од човек кој лажно се пријавувал како полицаец, му помагал во демнењето споменувајќи и имиња на инспектори и обвинители кои ќе му помогнат да се „заташка“ случајот. И против него е поднесена пријава за „лажно претставување“.

Како да препознаете ако некој ве „демне“, важно е да пријавите и да сте истрајни

Вообичаени знаци на кои треба да внимаваат луѓето кои се сомневаат дека некој ги „демне“ ги има повеќе. Првиот знак е кога демначот постојано се јавува, праќа пораки на социјални мрежи или е - пошта и покрај тоа што ќе биде побарано да престане да го прави тоа. Може да испраќа и несакани подароци или писма. Второ е кога демначот ги следи жртвите, онлајн и офлајн, непокането се појавува во нивниот дом или на работно место покажувајќи дека знае каде се движат и го знае нивниот личен живот.

Ги следи и пеш и со автомобил, а може и преку онлајн платформи. Може постојано да присуствува на места каде жртвата се движи, без друга причина да е на тоа место. Наметливо се однесува, хакира онлајн сметки, инсталира шпионски софтвери на нивните уреди или пак ја нарушува приватноста.

Најчесто „демначот“ користи социјални медиуми за да ги вознемири и заплаши своите жртви. Може да создаде и лажни профили, да испраќа навредливи пораки, да шири лажни гласини или јавно да споделува лични податоци од жртвата. Може да манипулира со жртвата или да ја контролира користејќи чувство на вина, закана или емоционално да манипулира. Во некои случаи може и да се обиде да ја изолира жртвата од семејството и пријателите.

„Не секоја жртва е подготвена да пријави бидејќи се работи за сензитивни случаи. Важно е да се работи со неа, да се кажат можностите, правата и понатаму што следува. Меѓутоа кога веќе ќе биде даден таков предлог треба да биде истраен бидејќи се случува оштетениот до завршување на постапката да го повлече предлогот“, вели обвинителката.

Особено е битно жртвата на време да го препознае и пријави, бидејќи најчесто доказите се електронски па постои можност од нивно бришење. За тоа брзото пријавување значи и брзо собирање на доказите. Обвинителството преку МВР соработува со оператори на социјални мрежи, а онлајн доказите се многу променливи и ако не се обезбеди веднаш доказот голема е веројатноста тие докази да се изгубат, вели обвинителката.

„Знаете во тој случај предметот може да го изгубиме и никогаш веќе да не се процесуира“.

Што е спорно за судската пракса?

Кривичното дело „Демнење“ е инкриминирано и во Европската конвенција за човекови права и е дефинирано како опсесивно однесување на едно лице или група спрема друго лице, предизвикувајќи страв за неговата безбедност. Конвенцијата го појаснува терминот „опсесивно однесување“ кое во овој случај се состои од постојано следење и воспоставување на несакана комуникација со другата личност.

Конвенцијата демнењето го карактеризира како физичко демнење, односно следење на другата личност и како виртуелно демнење, односно на социјалните мрежи. Во членот во македонскиот законик спорно прашање кое би можело да предизвика дилеми во судската пракса е што се бара дејство во „определен временски период“ велат дел од судиите.

Според судијката Габриела Гајдова од Основниот суд во Велес која веќе држела обуки на оваа тема, прашање е колку ефективно време треба да помине за да може да стане збор за кривично дело демнење.

„Врз основа на јазичното толкување на наведената формулација произлегува дека не е потребен некој долг временски период мерен во години. Напротив, се чини дека наведената формулација дозволува да постои ова кривично дело и кога дејствијата се преземаат во значително пократок период како на пример неколку месеци“, вели Гајдова.

Сепак, според Гајдова најинтересна ситуација, во смисла дали е исполнет временскиот услов, постои во случај ако дејствието е извршено во период од неколку часа, денови или недели во континуитет. Треба да се има предвид дека во денешниот начин на живеење е зголемена чувтсвителноста на луѓето и тие многу лесно стануваат вознемирени, па тешко може да се прифати дека преземање на дејствијата само во време од неколку часа, би можело да се квалифицира како демнење.

„Ова би можело да биде случај само доколку жртвата за време од тие неколку часови била изложена на стотина заканувачки односно прогонувачки пораки преку телефонски или електронски пат“, вели Гајдова.

Но, ако дејствијата биле извршувани и би продолжиле во време од неколку дена или недели во континуитет, би требало да се земе дека постои демнење, имајќи предвид дека тоа е сосема доволен временски период кој може да се третира како прогонување на жртвата. Дејствието кое е преземено само еднаш или доколку помеѓу две преземени дејствија не постои временски континуитет, не се смета за ивзршување на кривичното дело „демнење“.


Конвенцијата за заштита на човековите права ги обврзува властите да дејствуваат експресно во вакви случаи, веднаш штом дојдат до сознание во врска со случај. Особено се фокусира на тоа дека истражните органи мора да реагираат со посебна вимателност кога ја спроведуваат истрагата.

Адвокатката Павлина Зефиќ вели дека воведувањето на кривичното дело е многу корисно за странките. Причина за ова е што до сега правдата можеа да ја бараат само во граѓанска постапка, а сторителите не одговараа кривично. Тоа значеше дека немаше ниту парична ниту затворска казна туку жртвите добиваа заштита која беше временски ограничена од 6 до 12 месеци, а насилниците често ги прекршуваа забраните бидејќи немаа кривични реперкусии.

„Сметам дека обвинителството сега треба да отвора предмети по пријавите за да се подигне јавната свест за тоа што преставува демнење и да се охрабрат жртвите за да добијат храброст да ги пријавуваат насилниците, вели Зефиќ.

Инаку најблиско дело до „демнењето“ во Кривичниот законик е загрозување на сигурноста бидејќи може да постојат преклопувања. Главна разлика е што кај демнењето мора да се повторуваат неколку дејства повеќе од еднаш, додека кај загрозување на безбедноста заканата може да се изрече само еднаш и е врз животот и телото на жртвата или врз нејзин близок.

Но, двете се со умисла што значи дека сторителот е свесен и знае дека може да и наштети на жртвата. Мотивите исто се различни, кај демнењето мотивот е лична опсесија, одмазда, контрола додека кај загрозување на сигурноста најчесто е финансиска добивка, идеолошки убедувања или политички агенди.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG