Достапни линкови

Големите хотели наскоро „објекти од државно значење“?

Изградбата на хотелскиот комплекс на Дивелоп Груп во Горица, Охрид. Фото „Охрид SOS“.
Изградбата на хотелскиот комплекс на Дивелоп Груп во Горица, Охрид. Фото „Охрид SOS“.

Хотелите можеби наскоро ќе добијат ист урбанистички третман како болниците – побрзи дозволи за градба и државен приоритет. Власта зборува за развој на туризмот, но експерти и активистите предупредуваат дека јавниот интерес останува во сенка на бизнис интересите. НВО Охрид СОС се сомнева дека измените се прават наменски, да се задоволи интересот на странски инвеститор.

Здравјето и туризмот, барем на хартија во земјава ќе делат ист урбанистички статус, прашање е само кој ќе добие повеќе квадратни метри. Министерството за транспорт планира хотелите да ги израмни со болници, ставајќи ги во ист кош на „објекти од државно значење“.

Ова ќе се реализира, ако наскоро стапи во сила измената на правилникот за урбанистичко планирање во Министерството за транспорт, со кое е предвидено клинички болници, градби за чување и складирање енергија како и хотелите поголеми од илјада метри квадратни да се третираат како објекти од државно значење.

Вака поставените правила на игра отвораат дилема: дали се редефинира јавниот интерес или само листата на привилегирани објекти со оглед на тоа што со хотелите се во група со инфраструктурните објекти?

Според нацрт-верзијата на правилникот во која имавме увид, со вметнувањето на хотелите во категоријата „објекти од државно значење“ тие би можеле да добијат приоритет во урбанистичките планови, побрзи административни процедури и полесен пристап до локации со висока јавна вредност.

Од Министерството за транспорт до објавување на овој текст не одговорија на прашањата на РСЕ за тоа која е причината за категоризирање на хотелите како објекти од државно значење. Според правната служба од Министерството која присуствуваше на стручната расправа оваа недела, целта на овие измени на правилникот е локален и туристички развој во земјава.

Невладините организации, урбанистите и архитектите предупредуваат дека ваквата промена во правилникот може суштински да ја смени дефиницијата на јавниот интерес, отворајќи простор приватни туристички инвестиции да се третираат рамноправно со државната инфраструктура и здравство.

Хотелиерските интереси пред сè

Според измените на правилникот, кој, во изминативе две години десет пати е менуван, во објекти од државно значење влегуваат патишта и железница, хидроцентрали, термоелектрани, воени комплекси, и проекти од стратешко значење.

„Урбанистички план за подрачја и градби од државно значење се донесува за подрачја и градби од државно значење кои не се опфатени и не може да се уредуваат со урбанистичките планови од локално значење“, пишува во актуелниот правилник за урбанистичко планирање.

Ова значи дека општината го губи правото да одлучува дали ќе му овозможи на инвеститор дозвола за изградба на хотел доколку тој е поголем од илјада метри квадратни, односно има повеќе од 20 соби.

Невладината „О2“ иницијатива е загрижена дека со овие измени централната „ја скока“ локалната власт одземајќи и ги правата да одлучува за одреден урбанистички план.

„Таа нема веќе ингеренции над тој урбанистички план и градба, тоа го презема државата која сама црта и одредува. Постои ризик и за експропријација на земјишта под превезот дека објектот е од државно значење, дури и ако земјиштето е приватно. Државата си црта, државата си одредува каде што ќе биде и општина и да не сака, државата ќе го направи тоа. Државата ќе биде над сè“, вели Татјана Чакулев од О2 иницијативата.

Таа додава дека се сомнева оти со овој правилник ќе им се отворат хотелиерските врати на инвеститорите и во заштитените средини.

„Сомнежите се дека ова ќе биде специфично за одредени приватни инвеститори кои каде што ќе сакаат, таму ќе градат — дали тоа ќе биде Национален парк, локација каде што не би смеело, во УНЕСКО регионот, Маврово или одредени локации во Скопје што се вон Генералниот урбанистички план “, вели Чакулев.

Невладината Охрид СОС потсетува дека како најава на оваа одлука со потпис на министерот за транспорт Александар Николовски е неговата изјава лани во ноември дека во земјава недостасуваат повеќе квалитетни хотели.

Според податоците од Регистарот на министерството за економија една четвтрина од вкупниот број на хотели во земјава се наоѓаат во Охридски регион. Односно од 230 евидентирани хотели во земјава, 57 се со локација во Охрид и Струга, од кои дваесетина се во рангот со четири ѕвездички, а само еден струшки хотел влегол во категоријата со 5 ѕвездички.

Разликата од четири до пет ѕвездички, кои се ознака за квалитет на услуга, не е ниту во процедурите за изградба, ниту во големината на хотелскиот кампус, туку во стандарите за спа и велнес центри, и број на персонал односно постојана трета смена со 24/7 услуга.

Хотели по скратена постапка со државен „амин“

Николовски проблем гледа и во одобренијата од општините.

„Во моментов е навистина комплицирано да се гради. Урбанистичките планови се носат предолго, особено во заштитените подрачја како Охрид, Битола, Кратово и Старата скопска чаршија. Таму е практично невозможно да се гради“, изјави Николоски на ланската панел дискусија.

Но, од невладината Охрид СОС потсетуваат дека на терен во Охридскиот регион се градат хотели на неколку локации на самиот езерски брег, кои не се во согласност со препораките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО и за кои изразија забелешки Реактивната Мониторинг Мисија и Постојниот комитет на Бернската конвенција на Советот на Европа. Тие сомнежите за целта на овој правилник ги гледаат во друга насока.

„Неодамнешната посета на бизнисменот Мохамед Алабар на земјава, кој е финансиски вклучен во проектите „Белград на вода“ и „Драч Марина“, меѓу другите, само го зголемува сомнежот дека сите овие најави и законски отстапки се прават наменски. Се приватизираше речниот и морскиот брег за тој да припадне во рацете на поединци, без некој особен бенефит за локалните заедници и државите. Тоа на некој начин (повторно) му се подготвува и на Охридскиот Регион“, велат оттаму за РСЕ.

Според нив, менувањето на законските правила на игра само со цел да им се удоволи на поединечни бизнис интереси директно ги поткопува темелите на веќе нарушените урбанистички правила.

„Со ваквиот пристап се создава простор за неконтролирано и несоодветно градење, со наметнување објекти на локации каде не припаѓаат и со целосно маргинализирање на правото на локалното население да учествува и влијае врз одлуките што го засегаат просторот во кој живее“, велат од невладината Охрид СОС.

Ова е втор обид на министерството за олеснување на процедурата со која угостителски објекти ќе можат да се градат. Во јуни минатата година, се менуваше правилникот за урбанистичко планирање со кој беше предвидено хотели и мотели да може да се градат само со урбанистички проект, со што се олеснува процедурата.

Ако, новиот правилник стапи во сила, тоа ќе значи дека инвеститор кој ќе сака да изгради хотел со најмалку 20 соби ќе помине низ полмалку процедури кои ќе имат и пократки рокови, одлучувањето ќе биде во рацете на Министерот за транспорт, а локални плански ограничувања ќе бидат отстранети. Исти остануваат само процедурите за безбедност и технички стандарди.

„Еднаш изградените комплекси создаваат трајни и неповратни интервенции во просторот, кои не можат да се коригираат ниту со дополнителни мерки, оставајќи долгорочни последици за идните генерации. Масовниот туризам носи дополнителен товар врз водоснабдувањето, отпадните води, сообраќајот и управувањето со отпад, што во Охридскиот Регион веќе е сериозен проблем, со директни ризици по животната средина“, велат од Охрид СОС.

Според нив ваквите намери за заобиколување и непочитување на јавниот интерес само ја маргинализираат улогата на локалното население и стручната јавност во носењето одлуки, создавајќи недоверба и конфликт наместо одржлив развој.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.

XS
SM
MD
LG