Достапни линкови

По насилните протести Франција планира да забрани екстремно десничарски групи


Транспарент на кој пишува „Томас, почивај во мир“ во Романс-сур-Изер, град на југот на Франција, во чест на убиениот тинејџер. Томас им подлегна на повредите во инцидентот на 19 ноември, а истрагата за случајот сѐ уште е во тек
Транспарент на кој пишува „Томас, почивај во мир“ во Романс-сур-Изер, град на југот на Франција, во чест на убиениот тинејџер. Томас им подлегна на повредите во инцидентот на 19 ноември, а истрагата за случајот сѐ уште е во тек

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дерманин изјави дека по насилните демонстрации што се одржаа изминатиот викенд ќе предложи забрана на три екстреми десничарски групи.

Се наведува дека, покрај двете неименувани групи, цел е и неонацистичката група Дивизион Мартел, именувана по Чарлс Мартел, франкиски генерал од 7 век, кој се борел против муслиманските освојувачи во Европа.

Француската влада повика на смирување на тензиите по убиството на тинејџер на селска забава во ноември, што предизвика насилни демонстрации на екстремната десница. Смртта на 16-годишникот екстремната десница ја искористи како симбол на се понесигурните услови во француското општество, пишуваат светските медиуми.

Екстремната десница сѐ повеќе се организира

Сѐ започна со трагичната смрт на тинејџер кој бил на забава на југот на Франција. Иако околностите за неговата смрт остануваат нејасни, членовите на француската ултрадесница веднаш ги обвинија „антифранцуските“ чувства и се упатија кон југот на земјата за да се одмаздат за неговото убиство, пишува Франс 24.

Сведоците опишуваат ретки и застрашувачки сцени кога во саботата, на 25 ноември, стотина екстремни десничарски активисти, многу од нив маскирани и вооружени, се собраа во малиот град Романс-сур-Изер за да се одмаздат за смртта на 16-годишниот Томас. Средношколскиот рагбист почина на 19 ноември од повредите здобиени претходниот ден кога бил избоден со нож при тепачка што наводно избила во селото Крепол. Во врска со ова убиство се уапсени девет лица.

Иако регионалниот обвинител, Лоран де Кањи, рече дека тепачката не изгледала како напад со предумисла мотивиран од „раса, етничка припадност, националност или религија“, 9 од 104 сведоци рекоа дека слушнале непријателски коментари за „белите луѓе“ за време на инцидентот.

Извештаите за инцидентот ја налутија француската крајна десница, што ја натера лидерката на Националното собрание Марин Ле Пен да рече дека станува збор за „оркестриран напад“, додека нејзината внука, политичарката од екстремната десница Марион Марешал, изрази суди за „анти-белиот расизам“.

Француски експерт предупредува на зголемената способност на екстремната десница да организира и да сее раздор врз основа на најмалите докази, посочува Франс 24.

Францускиот истражувачки портал „Медиапарт“ изнесе наводи за зголемената способност на екстремно десничарските организации, велејќи дека тоа е релативно нов феномен.

Ваков вид на организирање на екстремната десница не се случува за прв пат. Имено на крајот на минатата година, околу 40 ултрадесничарски активисти беа уапсени во Париз за наводно планирање да извршат расистички напад врз мароканските фудбалски навивачи кои се собраа на „Елисејските полиња“ за да го гледаат полуфиналето против Франција. Многумина од нив, од кои најмалку десетина означени како „Fiche S" , или потенцијална безбедносна закана, отпатуваа во француската престолнина од други делови на земјата.

„Кога се планираат насилни акции, тие обично собираат поединци од ист град или ист регион. Во овој случај, на поканата се јавија околу 40 мажи од различни делови на Франција. Тоа ретко се случува, но не е исклучено. Оттогаш, истата шема се повторува барем во неколку случаи“, изјави тогаш полициски извор за Медиапарт.

Франција на „пресвртна точка“

За време на посетата на селото Крепол на југот на Франција, каде што се случи инцидентот, каде што живеат околу 500 жители, владиниот портпарол Оливие Веран ги повика луѓето „да не одговараат на насилството со насилство“ и предупреди дека општеството се наоѓа на „пресвртна точка“, пренесува Би-Би-Си.

Екстремно десничарските политичари наведоа расни мотиви за убиството, кое, според обвинителот, сѐ уште не е разјаснето. Меѓутоа, минатиот викенд, екстремистички групи организирано отидоа во Романс-сур-Изер, тврдејќи дека некои од осомничените живеат таму.

Властите соопштија дека демонстрантите дошле да извршат насилство врз локалните жители и полицајците. Шест млади момчиња веќе се осудени во врска со немирите. Тие по брза постапка беа осудени на затворски казни од шест до 10 месеци.

Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин во вторникот (28-ми ноември) рече дека ќе предложи забрана за три ултрадесничарски групи поврзани со насилство. Тој додаде дека екстремистичките милиции „напаѓаат Арапи, луѓе со друга боја на кожа, зборуваат за нивната носталгија за Третиот рајх“, истакнувајќи дека властите спречиле 13 терористички заговори на екстремната десница од 2017 година.

Премиерката Елизабет Борн рече дека политичарите кои го користат убиството „играат со стравовите на луѓето“ и покажуваат недостаток на почит кон жртвата.

Стравувања од „граѓанска војна“

Францускиот министер за внатрешни работи рече дека има „мобилизација во редовите на екстремната десница која може да предизвика граѓанска војна“, додавајќи дека полициската интервенција избегнала „ирско сценарио“, мислејќи на немирите во Даблин кои избувнаа по нападот со нож, јави радио Франс.

Мотивот за нападот во Даблин, кој се случи во близина на училиште на 23 ноември, сѐ уште не е дефинитивно утврден. Од полицијата на прес-конференцијата изјавија дека напаѓачот дејствувал самостојно, но не го соопштија неговиот идентитет.

При претресот на домовите на осомничените, француската полиција пронашла остри оружја, боксери, воздушни пушки, симболи на неонацистички групи и литература за Третиот Рајх.

Дарманин ги повика полицијата и жандармеријата да спречат какви било собири кои би можеле да предизвикаат насилство, особено оние организирани од ултрадесничарски групи.

Се проценува дека во Франција има околу 3 300 луѓе кои се членови на екстремно десничарски движења, од кои 1 300 се оние чии движења ги следи полицијата.

Политизирање на трагичен инцидент

Смртта на 16-годишниот средношколец Томас стана национално прашање во Франција бидејќи екстремистичките групи и екстремно десничарските политичари го претворија трагичниот инцидент во пример за „анти-бел“ расизам и доказ дека таквиот криминал расте во некогаш мирните мали гратчиња, пишува „Фајненшл тајмс“.

Инцидентот се случува во тензично време кога Франција е во тревога од тероризам од средината на октомври кога радикален исламист со нож избоде наставник во северниот град Арас.

Десничарскиот политичар Ерик Земур го нарече нападот и убиството на тинејџер за време на тепачка на забава „Франкоцид“ и објави протечена листа на наводните напаѓачи, што укажува на нивното арапско потекло.

Обвинителите не ги наведоа имињата на лицата вклучени во инцидентот и рекоа дека истрагата во оваа фаза не утврдила дали некој бил цел на нивната раса, етничка припадност или религија, но таа проценка не ги спречи екстремно десничарските политичари да донесат свои заклучоци, забележува Фајненшал тајм.

„Кај нас има омраза кај дел од младата популација, која во најголем дел е со мигрантско потекло, која во Франција се однесува како странци кои мразат и се борат против сето она што Франција го претставува“, рече лидерот на Националното собрание, Џордан Бардела.

Неколку стотици луѓе се собраа во Лион во понеделник, 27 ноември, некои од нив носеа црни маски. Тие маршираа низ градот извикувајќи антиисламски слогани и носејќи транспаренти на кои пишуваше „Имиграцијата убива“.

Уапсени се девет лица.

Еден ден пред да повика на укинување на трите екстремно десничарски групи, на 27 ноември, министерот за внатрешни работи Дарманин издаде наредба до полицијата да внимава на можни немири, но и редовно да ги следи социјалните мрежи каде екстремистичките групи се организираат.

„Овие видови активности имаат за цел да создадат неред, да предизвикаат насилство и да го поделат нашето општество и не треба да не попречат во мисијата за борба против криминалот“, вклучитително и она што Дарманин го нарече „гнасно убиство“ на Томас.

XS
SM
MD
LG