Достапни линкови

За три лажни, фалсификаторите „заработувале“ едно вистинско евро


Запленети лажни банкноти во акцијата “Вардар“ (фото МВР)
Запленети лажни банкноти во акцијата “Вардар“ (фото МВР)

Европската Централна Банка повлекла од оптек околу 1 милион 150 илјади евра фалсификувани банкноти кои припаѓаат на истата типологија на оние кои биле изработени во Северна Македонија. Првоосомничениот имал добро разработена шема за фалсификување евра и продавање во Србија, а заработката ја вложувал и во криптовалути.

Едно легално евро давале купувачите за три лажни кои ги изработувале фалсификаторите кои беа откриени на територијата на Северна Македонија и Србија. Толкава била заработката на македонската група криминалци која беше фатена со околу милион евра фалсификувани банкноти, дознава РСЕ од добро упатени извори во истрагата под кодно име „Вардар“.

Тоа значи дека групата од шестмина осомничени само за овие пари кои беа пронајдени во станот во Чаир каде се изработувале банкнотите, требало да заработи околу 340 илјади евра доколку сите ги продале на купувачите од Србија.

Македонската група осомничени ги фалсификувале банкнотите кои потоа ги продавале на криминална група во Србија, која пак успевала да ги пушти во промет и на тој начин да ги „легализира“.

Паралелно со македонското обвинителство вчера беше објавено дека работело и српското, каде пак се уапсени исто така шестмина осомничени.

Според официјалните информации од Обвинителството, во Северна Македонија се наоѓала буквално фабрика за лажни пари која работела во стан во скопската населба Чаир каде се наоѓале машините за производство.

Имала шестмина работници со точно поделени задачи во процесот на производство. Меѓу уапсените, глава на групата бил повозрасен Албанец на кој му помагал неговиот син, додека останатите четворица уапсени се Македонци од кои тројца се од Скопје, додека еден е од Велес.

„Првоосомничениот, во стан, во населба Чаир, кој го нарекувал своја „канцеларија“, заедно со неговиот син, второосомничениот, ги правел лажните пари, а од Република Турција набавувал лажни пари во апоени од 500 евра и 100 американски долари. Трето, четврто и шесто осомничените и останатите членови на групата – српски државјани за кои се води постапка во Србија, секој со своја улога, пронаоѓале заинтересирани лица за купување на лажните банкноти и вршеле транспорт и дистрибуција на до крајните купувачи во Северна Македонија, Србија и Косово. Петтоосомничениот имал задача и улога неовластено да изработува машини за правење лажни пари, гравирани плочи што имитирале сигурносни знаци на пари, како и специјални машини со индуктор и да ги одржува машините, пресите, плочите и другите работи што служат за правење на лажни пари“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Сега се гонат за злосторничко здружување, фалсификување пари, правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување. Дополнително, за првоосомничениот постои основано сомнение дека сторил и кривично дело перење пари. На сите денеска Крвичниот суд - Скопје им одреди притвор.

Фалсификуваните банкноти завршиле и во европски земји

Министерството за внатрешни работи објави видео од акцијата на кое се гледа дека креаторите на лажни евра кај себе имале хартии, машини, хемикалии со чија помош ги изработувале банкнотите.

Според извори од истрагата, со помош на обична преса и ЦНЦ машина кои лесно можат да се набават на пазарот, биле изработувани банкноти кои имале солиден квалитет многу сличен на оригиналот.

Така обичен човек не би можел да ги препознае освен ако не е стручњак за фалсификувани пари.

Сепак нивото на квалитет во светски рамки не било меѓу најдобрите кои не се препознаваат ни на холограм ниту во централните банки.

Македонските лажни банкноти сепак завршиле на пазарите во Словенија, Хрватска, Косово, Романија, како и во Австрија и Германија. Точната сума не се знае бидејќи истрагата се уште не е завршена, а се очекува од европските земји кои се веќе алармирани да ги пријавуваат ваквите случаи.

На вчерашната прес конференција обвинителката за врски во Европравда, Ленче Ристовска рече дека Европската Централна Банка повлекла од оптек околу 1 милион 150 илјади евра фалсификувани банкноти кои припаѓаат на истата типологија на фалсификувани банкноти коишто се најдени на местото на настанот.

„Оваа е бројка до која дојдовме неофицијално. Многу е веројатно тие банкноти да потекнуваат од нашата група, бидејќи од друга група друг е начинот на изработка, други се обележјата на тие фалсификувани пари и тогаш тие не влегуваат во оваа типологија имаат друга типологија“, рече Ристовска.

Инаку фалсификаторите изработувале и американски долари, швајцарски франци, израелски шекели, хрватски куни, албански леки, шведски круни и руски рубљи.

Фалсификаторите пресретнати при продажбата на парите

Точно се знаел денот кога ќе се спроведува акцијата со 23 претреси во земјава и апсење на лице место при продажба на лажните евра во Србија.

Истражителите ја пресретнале продажбата на околу 180 илјади фалсификувани евра.

Предистрагата започнала од пред речиси една година кога во обвинителството стигнала информација за апсење на лица со фалсификувани банкноти и во Северна Македонија и на Косово за кои веќе имало сознанија дека се изработени тука.

Групата подолго време веќе била набљудувана и следена токму при продажбата на парите.

„Во десет наврати преку симулиран откуп на пари, направиле и пуштиле во оптек лажни пари како вистински во износ од најмалку 119.250 лажни евра, во апоени од 50, 100 и 200 евра во платниот промет на Р Србија за кои добиле противправна имотна корист од најмалку 38.850 евра. Притоа, првоосомничениот парите што за продажба на лажните банкноти ги примал во готово, дел на трансакциска сметка во банка и дел преку услугата брз трансфер на пари на негово име и на име на неговите сопруга и син, ги легализирал подигнувајќи кредити од банка или од финансиските друштва за брзи кредити. Дел од парите си ги исплаќал во вид на плата преку правно лице, дел ги вложил во недвижен и подвижен имот, а најголем дел ги префрлил на е-волет сметка за тргување со криптовалути“, велат од Обвинителството за РСЕ.

Косово мета на лажни „евромонети“ кои се „made in Macedonia

Еден од осомничените во овој случај на фалсификувани евра бил поврзан и со случајот со фалсификување евромонети, кои исто така беа изработувани во Северна Македонија, а пуштани во промет во Косово. Но засега Обвинителството не открива други детали околу неговата улога во двата случаја.

На Косово во август 2024 беше откриена мрежа за изработка и продажба на лажни евромонети, а меѓу осомничените е и македонски полицаец.

Триесет и четири годишниот полицаец наместо да гони фалсификатори на пари и криминалци, самиот фалсификувал евро монети. Станува збор за ресенчанец кој е вработен во македонскиот полициски Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал, осомничен дека изработил околу 2 милиони лажни монети од 2 евра, кои требало да бидат пуштени во оптек во косовската економија. Тој бил приведен од косовската полиција на 4 август 2024 година.

Тогаш беше откриено дека за само две години на Косово се влеале стотици илјади фалсификувани евромонети „направени “ во Северна Македонија.

Во земјава пак во 2023 година биле откриени вкупно 11 489 илјади парчиња фалсификувани монети на евра од кои 11 122 парчиња се во апоен од 2 евра и 367 во апоен од по едно евро. Во 2022 година биле откриени околу 10 717 од по 2 евра и 231 монети по едно евро открија податоците од банката.

Истрагата во Косово против македонскиот полицаец е се уште во тек и тој е во притвор.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG