Достапни линкови

ЕУ бара Охридскиот договор да се вклучи во преговарачката рамка за Србија


илустрација
илустрација

Европската унија (ЕУ) формално ќе побара од Европската комисија да ги вклучи обврските од договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Србија и Косово, во преговорите за членство меѓу Белград и Брисел. 

Во нацрт-заклучоците, на кои Радио Слободна Европа умаше увид се вели дека „Советот бара од Комисијата и високиот претставник итно да му предложат на Советот, пред крајот на јануари 2024 година, измени и дополнувања на критериумите за Поглавјето 35 од пристапните преговори на Србија“.

Овие заклучоци ќе ги усвојат министрите за европски прашања на состанокот на Советот за општи работи на 12 декември.

Истите заклучоци потоа ќе ги потврди и Европскиот совет на самитот на европските лидери што ќе се одржи на 14 и 15 декември.

Поглавјето 35 во пристапните преговори меѓу Србија и Европската унија ги вклучува односите со Косово.

ЕУ редовно предупредува дека брзината на пристапниот процес со Србија зависи од напредокот во дијалогот за нормализација на односите.

Србија и Косово на 27 февруари постигнаа договор за патот кон нормализација на односите.

На 18 март во Охрид беше договорен анекс за имплементација на овој договор.

Белград и Приштина не го потпишаа договорот, ниту анексот за спроведување затоа што тоа одби да го направи српскиот претседателАлександар Вучиќ.

Според изјавата на високиот претседател на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, договорот се смета за правно обврзувачки за двете страни.

ЕУ веќе најави дека и овој договор ќе биде вклучен во пристапниот процес на Србија, за да се потврди правно обврзувачкиот карактер на тој документ.

Нацрт-заклучоците го поздравуваат Договорот за патот кон нормализација меѓу Косово и Србија и неговиот анекс за имплементација.

Сепак, се изразува жалење поради недостигот на имплементација на двете страни, „како и другите нерешени обврски постигнати во дијалогот олеснет од ЕУ“.

Србија и Косово се повикани целосно да ги почитуваат и спроведат сите обврски, без натамошно одлагање или предуслови.

„Ова вклучува формирање на Асоцијација/Заедница на општини со српско мнозинство. Советот ја поздравува подготвеноста на Србија и Косово да го прифатат нацрт-статутот што ЕУ го презентираше пред страните, со разбирање дека е неопходно да се работи понатаму на оваа основа“, се вели во нацртот.

Документот, исто така, изразува очекување и Србија и Косово да најдат одржливо решение за ситуацијата на северот на Косово што гарантира безбедност, сигурност и партиципативна демократија за сите граѓани.

„Советот очекува Србија да се приклучи на Дијалогот со поддршка на ЕУ со добра волја и во духот на компромисот со цел да се постигне сеопфатен правно обврзувачки договор со Косово за нормализација на односите во согласност со меѓународното право и правото на ЕУ без натамошно одлагање. Овој договор треба да се занимава со сите клучни отворени прашања и со тоа да придонесе за регионалната стабилност“, се наведува во заклучоците.

Се додава дека нормализацијата на односите и спроведувањето на обврските од дијалогот се суштински услови на европскиот пат на двете страни и дека „двете страни ризикуваат да изгубат важни можности во отсуство на напредок“.

Србија не направи доволно во однос на мерките за насилството на северот

Во заклучоците поврзани со Србија, во ставот поврзан со насилството на северот на Косово, се вели дека нема оправдување за ова насилство и дека остро се осудуваат насилните акти на демонстрантите на косовските Срби врз граѓаните, војниците на КФОР, органите на прогонот и медиумите што се случија на 29 мај 2023 година.

Во оваа смисла, се споменува и во нападот врз косовската полиција во селото Бањска на 24 септември 2023 година, кога беа убиени еден косовски полицаец, а потоа и тројца напаѓачи од српска националност.

„Советот очекува Србија целосно да соработува и да ги преземе сите неопходни мерки за апсење на сторителите на нападот и брзо да ги изведе пред лицето на правдата. Советот изразува жалење што Србија не презела доволно мерки во овој поглед“, се вели во нацрт-заклучоците, кои чекаат усвојување од Советот за општи работи на ЕУ.

Во него се изразува загриженост поради постојаното зголемување на српските воени сили во близина на Косово и се забележува последователното намалување на војниците и опремата.

„Србија и Косово мора да продолжат со постојаните напори за деескалација, да се воздржат од унилатерални и провокативни дејствија кои можат да доведат до тензии и насилство и да престанат со реториката на поделби“, велат од Советот на ЕУ.

Се поздравува фактот што Србија презела „некои чекори во вистинската насока“, вклучително и јавно охрабрување на косовските Срби да учествуваат на локалните избори на северот на Косово. Од Србија се бара да ги охрабри косовските Срби да се вратат во институциите што ги напуштија.

Се повторува предупредувањето дека евентуалниот неуспех за деескалација на тензиите ќе има последици и дека ЕУ е подготвена да процени „понатамошни мерки кон Србија и Косово, доколку е потребно“.

Србија е подготвена да отвора кластери, но мора да ја усогласи својата надворешна политика

Во нацрт-заклучоците, Советот на ЕУ ја прифаќа оценката на Европската комисија дека Србија го одржува нивото на подготвеност за првичните мерила во кластерот 3 (Конкурентност и инклузивен раст) и ветува дека ќе продолжи со оценувањето.

Сепак, се вели дека ЕУ има големи очекувања од Србија да ги засили своите напори кон целосно усогласување со заедничките надворешни и безбедносни позиции и рестриктивни мерки на ЕУ, вклучувајќи ги Русија и Белорусија, „како прашање од највисок приоритет“.

„Советот, исто така, ги повикува српските власти да се воздржат од акции и изјави против позициите на ЕУ за надворешната политика и другите стратешки прашања“, се наведува во нацрт-заклучоците.

Советот на ЕУ, исто така, ја забележува „хуманитарната и друга помош“ на Србија за Украина.

Исто така, ја поздравува „подобрената соработка“ на Србија со ЕУ во спречувањето на заобиколувањето на рестриктивните мерки на ЕУ и ја охрабрува Србија да продолжи со овие напори.

„Иако го признава напредокот во овој поглед, Советот продолжува да ја нагласува потребата Србија целосно да ја исполни својата обврска да се усогласи со визната политика на ЕУ“, се вели во нацрт-заклучоците.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 1 декември изјави за Српската радио-телевизија (РТС) дека не очекува Охридскиот договор да биде вклучен во поглавјето 35 од преговорите со ЕУ, бидејќи тоа „де факто ќе ја затвори вратата за Србија“.

„Има работи за кои рековме дека сакаме да ги спроведеме и што е тоа, а на Шолц и на Макрон и на сите други безброј пати им кажав, тоа е апсолутно невозможно. Ако го вклучите фактот дека членството на Косово во ОН е дел од поглавјето 35, тогаш ни е јасно дека не ја сакате Србија“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека Србија е подготвена да отвори еден кластер, како и да ги затвори поглавјата во тој кластер по одреден временски период.

Владеењето на правото и односите со Косово се клучни за процесот на пристапување

Министрите за европски прашања на земјите-членки на ЕУ ќе побараат од Србија да продолжи да се фокусира на исполнување на привремените мерила од поглавјата 23 и 24 поврзани со владеењето на правото.

Навременото усвојување на пет закони за спроведување на уставните амандмани од 2022 година е поздравено, но во нацрт-заклучоците се вели дека е потребна понатамошна работа и политичка посветеност за спроведување на реформите во суштинските области, вклучувајќи го и судството.

Нагласена е потребата Србија да ги засили своите напори во борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и потребата од опипливи и убедливи резултати во однос на ефективни истраги, кривично гонење, правосилни пресуди, замрзнување и конфискација на имотот стекнат со криминал.

„Советот потсетува дека напредокот на Србија во владеењето на правото и нормализацијата на односите со Косово ќе продолжи да го одредува целокупното темпо на пристапните преговори“, се вели во овие заклучоци.

Загриженост за состојбата во медиумите и односот кон воените злосторства

Со овие заклучоци, Советот на ЕУ ќе ја повтори својата загриженост за ограничениот напредок во подобрувањето на општата средина за слободата на изразување и независност на медиумите во Србија.

Во таа насока, Белград е поканет да ги засили своите напори за ефикасно спроведување на акциониот план на медиумската стратегија.

Документот ја нагласува важноста на значајната регионална соработка во домашното решавање на воените злосторства, решавањето на преостанатите случаи на исчезнати лица и целосната соработка со Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови.

„Не треба да има поддршка за осудените воени злосторници или глорификација или негирање на нивните злосторства“, се наведува во заклучоците.

XS
SM
MD
LG