Куферите кои си заминуваат немаат националност и затоа сите имаме обврска да обезбедиме подобра иднина за граѓаните. Со ваква порака премиерот Христијан Мицкоски се обрати на свечената седница по повод 24-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, документот кој стави крај на воениот конфликт во земјава во 2001 година.
„Луѓето си одат и селата се празнат и Македонци и Албанци и Турци и Роми и Срби и Власи и Бошњаци и сите. Тоа се најдобра порака на народот кон оние кои повеќе од 20 години манипулираат дека работат за нив, а постојано ги делат“, рече во својот говор Мицкоски.
Истакна дека рамковниот договор не е само лист хартија, туку доказ дека Македонија може да биде дом за сите свои граѓани и дека различностите се наша предност.
На своите колеги политичари им порача дека не треба да се натпреваруваат со националистички и радикални изјави, туку со идеи и предлози за решавање на реалните проблеми на граѓаните и обезбедување подобри услови за работа и живот.
„Над 20 години имавме структури кои го користат национализмот како најдобра прекривка за заштита на криминалот и личните интереси. Впрочем таквиот национализам е последното прибежиште на оние кои направија кариери, стекнаа огромен капитал на грбот на народот кој го делат, и врз чии поделби опстојуваат во политиката. Со една рака пишуваат и делат во каков свет ќе се живее. Со другата, ја крадат земјата, стекнуваат имоти, хотели, трговски центри, скапи возни паркови. Таквите поделби не ги решаваат проблемите на реалните луѓе кои бараат само едно, подобар живот за себе“, рече Мицкоски.
Премиерот кажа дека оваа влада преку носењето на Законот за правична застапеност ја исполнила и последната обврска и нема повеќе отворени прашања во овој поглед.
Вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити рече дека Охридскиот рамковен договор, не е само сеќавање, туку „жив процес кој секојдневно треба да се претвора во правични закони и инклузивни политики и институции кои им служат на граѓаните со чесност“.
„Затоа секоја политичка одлука што ја носиме, секоја реформа што ја преземаме мора да биде во согласност и со духот и принципите на Охридскиот договор. Денеска нашите владини политики се засноваат токму на овој дух, да создадеме држава која му служи на секој граѓанин, без разлика на етничка припадност, верска или политичка определба“, порача Меџити.
Токму Меџити и Мицкоски деновиве имаа спротиставени изјави околу улогата на УЧК во конфликтот од 2001 година. Првиот изјави дека: „Војната на УЧК во Косово, во Прешево и во Македонија беше праведна, разумна и чиста“, по што премиерот Мицкоски му врати дека: „Не може да биде разумна и праведна војната во која кукавички, од заседа, се убиени припадници на безбедносните сили“.
Во својот говор на свечениот прием вчера, Меџити потсети дека се ближат локалните избори и дека било природно во секое плуралистичко општество, политичките тензии да се зголемат, но и дека имаат обврска преку институционална зрелост и политичка одговорност да го зачувааат единството и стабилноста.
Преку соопштение до јавноста лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети истакнува дека низ годините, Албанците го водеа Собранието и сите министерства, а се реализира и ветената позиција на првиот албански премиер.
„Од сите овие и многу други достигнувања победи нашата заедничка држава, а никој не загуби. Сите достигнувања во изминатите 24 години ги направивме заедно, како со ВМРО и со СДСМ, така и со нашите меѓународни пријатели. Овие достигнувања се самата држава, тие се темелот на стабилноста, безбедноста и иднината на нашата земја“, рече Ахмети.
Затоа, како што вели, „ревизија на заедничките достигнувања не ни е дозволена нам кои сме автори, потписници и спроведувачи на Охридскиот договор“.
Со Охридскиот рамковен договор беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во земјава во 2001 година.
Договорот беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.
Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел - 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.
За успешна имплементација на договорот, беше формиран Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој во 2019 година се трансформираше во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.