Достапни линкови

Држава „на гладно“


Илустрација
Илустрација

Њузлетер 16.06.2023 - Политичарите ќе ги туркаат уставните измени и реформите, а народот ќе гледа да го истурка месецот. Додека диломираните студенти бираат кој пат во Европа да го фатат, основците чекаат свидетелства за да се запишат во средно, па на факултет, па и тие после да фатат џаде надвор. А во меѓувреме - на протест за повисоки плати.

Уставни измени на туркање

Преку дебата во Собранието, власта ќе ги убедува пратениците од опозицијата зошто треба да ги поддржат уставните измени. Од владејачката СДСМ велат дека ќе разговараат со колегите за да се обединат во остварување на стратешката цел, членство во ЕУ. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека во овие околности нема да поддржат уставни измени, без оглед на понудите кои би можеле да ги добијат за возврат.


Во меѓувреме немаше поместувања во позициите на власта и опозицијата околу одложеното важење на уставните измени, на кое инсистира ВМРО-ДПМНЕ. Една недела по лидерската средба, двете страни ја повторуваат својата верзија од исходот на разговорите. Власта постојано тврди дека ВМРО-ДПМНЕ прифатила уставни измени. Опозициската партија пак убедува дека не е така и дека нема да прифатат уставни измени под бугарски диктат и во вакви услови. Односно, уставни измени да, но со важност откако Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ.

Платите и пензиите или проблемот со Бугарија?

Речиси сите главни збиднувања во државата, и политичарите и добар дел од јавноста ги поврзуваат или ги ставаат во сенка на уставните измени. А анкетите и истражувањата покажуваат дека на обичниот граѓанин главната мака му е економијата и како да се помине месецоц. А политика „не се бистри на празен стомак“.

„Треба луѓето да живеат овде, а не да бегаат надвор од Македонија. Платите се најважни, бидејќи сите млади побегнаа. Овде останаа само возрасни луѓе“, вели скопјанката Зорка Аврамовска во анкета на Радио Слободна Европа.

„Платите и пензиите се егзистенцијално прашање кое најмногу ги загрижува граѓаните“, вели скопјанецот Драган Ѓорговски во истата анкета.
Истражувањето на Националниот демократски институт (НДИ) покажува дека над 27% од граѓаните сметаат дека животниот стандард е главен проблем во државата, за разлика од помалку од 7% кои велат дека тоа е решавањето на прашањето со Бугарија и над 8% за кои приоритет е интеграцијата во ЕУ.

Лоши стартери во преговорите со ЕУ

Ништо помалку не се важни и реформите во судството и јавната администрација. Но, и таму не оди подмачкано, што се гледа од анализите на експертите кои велат дека државата би добила неповолна оцена при евентуалното отпочнување на преговорите преку отворање на првиот кластер.

Според Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници, за разлика од пред неколку години кога постоел одреден елан за забрзување на реформите во делот на судството и јавната администрација, неговиот впечаток е дека годинава има стагнација и на двата процеси.
Дури и во најдоброто сценарио за државата, барем според најавите на првите луѓе во дипломатијата, е во декември Северна Македонија да го отвори првиот кластер „Фундамети“.

Хакерски мети

А додека реформираме, броиме и хакирани страници на државни институции. И не било кои, туку на агенции, фондови, министерства.
Ниту една од оние институции кои досега беа споменувани во јавноста не призна дека платила за да си ги одблокира хакираните податоци. Дел и негираа дека се мета на напад, а МВР освен нивна бројка за која вели дека се три покрај оној на Фондот за здравствено осигурување, не открива за кои институции станува збор.

Кои македонски институции беа нападнати?
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:55 0:00

Јавноста дозна само за Фондот за здравствено осигурување. Последно, во дел од медиумите, беше објавено дека цел на хакерски напад е Министерството за финансии, но, министерот Фатмир Бесими негирaше. Јавно се дозна и за Агенцијата за електронски комуникации и тоа откако сајтот „падна“, а по ова и директорот призна дека институцијата е цел на напад. Но, никогаш не откри дали е баран откуп и дали можеби е платено. Интересно е тоа што токму таму се наоѓа Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (MKD-CIRT) каде институциите обично пријавуваат ако се под сајбер напад, но немаат законска обврска за тоа.

Пак ли ќе нема свидетелства на време?

Додека возрасните бркаат проблеми „за возрасни“, учениците со свои проблеми. Завршија со основно, одлучија кој каде ќе се запише во средно, ама не знаат дали ќе има свидетелства на време. Ова е втора година по ред како уписите во средните училишта се одвиваат електронски. Но, годинава проблемот е во тоа што, конкурсот е отворен од 10 јуни, а полуматурнатите се уште не ги добиле свидетелствата за завршена учебна 2022/20223 година.


„Ќе можат да ги пополнат бараните податоци, да ги прикачат документите кои се потребни (награди, признанија и слично), а дополнително кога ќе добијат свидетелство, да го прикачат и тоа. Корекции на апликацијата ќе можат да се прават до 21 јуни, по што апликацијата ќе биде затворена“, велат во пишаниот одговор од Министерството за образование и наука.

Дронови и калибри

Покрај потонатите бродови со мигранти, силното невреме во повеќе делови од светот, пукањето во училиште во Тузла (БиХ), стотиците протести на сите континенти, војната во Украина и оваа недела беше во фокусот. Откако претседателот Володимир Зеленски кажа дека Украина ја почнала контраофанзивата, украинските сили почнаа да заземаат клучни места.

Русија веднаш одговори со напади, првенствено со ирански дронови, во кои имаше и цивилни жртви. Ја гаѓаа Одеса, а, според извештаите од украинската војска, руските сили не ги штедели ниту подрачјата кои се поплавени по уривањето на браната Заховка и каде се уште трае евакуација и доставување помош на цивилното население.

Во меѓувреме, најмногу поради војната во Украина, УНХЦР бележи рекорден број на бегалци и раселени лица. На крајот на минатата година овој број изнесувал 108,4 милиони, што е за 19,1 милион повеќе во однос на претходната година.

XS
SM
MD
LG