Достапни линкови

Американско - македонска фирма за канабис двапати мета на грабеж


Илустрација - полиња со канабис
Илустрација - полиња со канабис

Непријавени работници во крушевската фирма за производство на медицински канабис кои ја извршиле првата кражба на 60 килограми марихуана се осудени на 4 години затворска казна. Вториот грабеж на масло од канабис тежок 2 милиони евра се уште се истражува.

Американска фирма за производство на канабис „5 Летерс “ во Крушево за една година два пати е ограбена. При последниот грабеж е украдено масло од канабис со проценета вредност на црниот пазар од околу 2 милиони евра. За овој грабеж од полицијата и обвинителството не соопштуваат детали дали има осомничени, туку само дека е отворена предистрага и земени се снимките од камерите за видео надзор. Претходно од истата фирма беа украдени 60 килограми канабис вреден околу 240 илјади евра и за тројцата обвинети е донесена осудителна пресуда.

По двете кражби во една фирма се поставува прашањето како се обезбедуваат компаниите кои произведуваат канабис. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека ова не е прв случај од фабрики за медицински канабис да се краде опојна дрога.

„Секако дека надлежноста во однос на обезбедувањето на објектите и чувањето си ја имаат фирмите, според сите прописи, додека надзорот од овој аспект го врши Министерството за здравство. Така што ние сме максимално посветени во делот на контролата и надзорот што е во надлежност на МВР. Овде станува збор за кражба за којашто се прибираат податоци, сè со цел сторителите да бидат пронајдени и казнети. Сите досегашни слични грабежи беа расчистени“, вели министерот во интервју за РСЕ.

Фирмата „ 5 Летерс “ е во стечајна постапка и во текот на кражбата не работела, односно во неа само била складирана марихуаната која е дел од стечајната маса. Претстечајната постапка е отворена во април 2021 година, два месеци по првата кражба на 60 килограми марихуана и кривичната пријава за управителот поради откриени вишоци на произведен канабис кои не биле евидентирани. При вонредната инспекција по грабежот било откриено дека ограбената „5 Летерс“ и самата го крши законот. Фирмата произведувала канабис кој не бил пријавен, што е спротивно на закон, по што и е одземена лиценцата за работа.

Полицијата при вонредната инспекција одземала 247 вреќи со канабис, компјутерска опрема и друга документација поврзана со истрагата. Дополнително една година подоцна за еден од неформалните управители на фирмата е донесена и правосилна пресуда со казна затвор од четири години.

Станува збор за обвинение кое во 2021 година го поднело Обвинителството за организиран криминал во кое се товарат три лица, еден македонски, еден албански и еден косовски државјанин за кражба на вишокот произведена марихуана која не била пријавена во надлежните институции. Според обвинителството првосомничениот кој побегнал од земјава бил назначен за управител со што ги добил клучевите од сефот каде што се чува марихуаната. Како во холивудски филм си ангажирал колеги со кои вишокот неевидентирана марихуана ја украле.

„При контрола на магацинскиот простор В.К. утврдил дека одредена количина на наркотична дрога марихуана не е внесена во евиденциите на правното лице и се договориле со Л.С. истата да ја сокријат во таванот над магацинот и во погоден момент да ја изнесат од правниот субјект со цел неовластено да ја продадат“, се вели во ланското соопштение на Обвинителството.

Од кривичниот суд за Радио Слободна Европа велат дека за овој предмет годинава е донесена пресуда и тројцата обвинети се осудени, од кои двајцата странски државјани се протерани од земјава.

„Предметот по добиена жалба на првостепената пресуда ќе биде доставен на надлежно постапување на Второстепениот суд“, се вели во одговорот на Судот.

Фирмата која два пати е мета на грабеж, а и самата го прекршила законот со непријавување на вишок произведен канабис, е основана во јуни 2017 година како „5 Летерс ДОО Ресен“ со седиште во Царев Двор со влог од 5 илјади евра.

Сопственикот Крис Алан Свафер од Мичиген инвестирал 4 750 евра, додека неговиот партнер Зоран Јаневски вложил 250 евра, покажуваат податоците од Централен Регистар. Лиценцата ја добила во септември 2017 година и ја потпишала заменичката на претседателот на Владата во тоа време Радмила Шекеринска.

Подружницата на фирмата која два пати е ограбена се наоѓа во село Алдинци, крушевско и е основана по добивањето на лиценцата во ноември истата година. Паричниот влог во фирмата низ годиниве растел и достигнал вкупна вредност од 12 илјади евра.

Граѓанскиот суд во неколку наврати се предомислил околу стечајната постапка дали може да биде поведена или не, за на крај да ја отвори во декември 2021 година и таа се уште трае.

По легализацијата на производство на канабис во земјава за медицински цели, во полициските билтени се појавија информации дека дел од легално произведениот канабис завршува и на „црниот пазар“.

Тоа што легалната марихуана завршува во рацете на криминалците се должи на недоречености во законот, па не е ни чудно што вакуум просторот го користат криминогени групи, оти на црниот пазар канабисот достигнува повисока цена, велат познавачи на оваа област, коментирајќи го минатогодишниот извештај на „Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал“, во кој се наведува дека дел од легално произведениот канабис во Македонија завршува на црниот пазар.

Магацините на фирмите кои произведуваат медицински канабис неколку пати беа мета на кражби. Според полициските билтени досега се украдени околу 4 тони канабис од висок квалитет чија вредност на црниот пазар се проценува на околку 12 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG