Достапни линкови

Димитриеска: Нема влијанија врз Советот при изборот на обвинители


Димитриеска: Обвинителите да внимаваат на угледот со изјавите, променет е Етичкиот кодекс
please wait

No media source currently available

0:00 0:15:37 0:00

Димитриеска: Обвинителите да внимаваат на угледот со изјавите, променет е Етичкиот кодекс

Како роднини на актуелни или бивши функционери се најзаслужни да влезат во обвинителска тога? Дали има влијанија врз Советот на обвинители при одлуките? Новоизбраната Претседателка Душица Димитриеска, за РСЕ вели дека секој гласа по сопствено убедување. Иницирала и промена на Етичкиот кодекс.

Има ли влијанија при избори и унапредувања на обвинители, во последните неколку видовме имиња на избрани и унапредени блиски роднини на функционери, синот на Претседателот на Собранието, Талат Џафери, сопругата на актуелниот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази, унапредена е сестрата на поранешниот министер за правда? Влијае ли некој врз членовите на Советот на јавни обвинители?

Не постојат никакви влијанија при изборот на сите овие кандидати кои ги споменавте, сите членови на Советот на јавни обвинители имаат право на свое сопствено убедување и свој глас и тоа го искажуваат при гласањето. Сите кандидати ги исполнуваа условите, сите избрани се квалитетни кандидати и сметам дека сите успешно ќе одговорат на задачите кои им се зададени со функциите на кои ги избра советот.

Но, една обвинителка обвини дека има трговија со влијанија, тоа е обвинителката Ленче Ристовска која во два наврати не беше унапредена? После оваа изјава што ја даде, што одлучи советот?

На една од седниците на Советот на јавни обвинители беше заземен став од сите членови на советот ваквата изјава на обвинителката да ја испратиме на мислење во етичкиот совет при Јавното обвинителство за да се увиди дали има усогласеност на ваквите нејзини изјави со принципите на Етичкиот кодекс, но до денеска немаме добиено никакво мислење.

Вие од неодамна станавте Претседател на Советот и веднаш поднесовте иницијатива за промена на Етичкиот кодекс со кој се скратуваше правото на обвинителите да говорат пред јавност односно мораше за тоа да добијат дозвола. Какви се промените, со нив ќе се зголеми ли транспарентноста на обвинителите?

Имајќи ги пред вид забелешките во стратегијата на Европската унија во однос на констатациите за состојбите во правосудниот систем, меѓу кои беше посочен и Етичкиот кодекс во делот на неговите рестриктивни одредби каде што се оневозможува коментирање на одлуките на Етичкиот совет ние одлучивме да го измениме членот и во него повеќе не стои дека Јавните обвинители не смеат да ги коментираат одлуките на Советот на јавни обвинители туку воведовме нов став кој што гласи дека Јавните обвинители треба да внимаваат при јавните настапи на својот личен и професионален углед како и на угледот на Јавното обвинителство и Советот на јавни обвинители.

Со новиот став што сте го впишале дали значи дека сепак не би смееле да изнесат никаква критика за работата на Советот на јавни обвинители?

Не не значи ова, одредбата е јасна треба да се внимава на угледот како на личниот така и на професионалниот и на институциите, но и на сопствениот. Токму од тие причини е изменета и рестриктивната одредба која што постоеше.

Дали сега обвинителите смеат да даваат изјави во јавноста и да говорат и за своите постапки како обвинители?

Сега се направени измени и нормално дека треба да се однесуваат почитувајќи ги принципите на етичкиот кодекс, за тоа што со него се воспоставува стандард за етичко постапување. Нешто што мора да се почитува и да се применува.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG