Достапни линкови

Дали има знаци за стагнација на европскиот пат на Црна Гора?

Форум за проширување на ЕУ, премиерот на Црна Гора Милојко Спајиќ и комесарката за проширување Марта Кос, 18 ноември 2025 година.
Форум за проширување на ЕУ, премиерот на Црна Гора Милојко Спајиќ и комесарката за проширување Марта Кос, 18 ноември 2025 година.

Политичкиот „пинг-понг“ на префрлање на законите помеѓу претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, и црногорскиот парламент дополнително го забавува европскиот пат на земјата, кој веќе почнува да покажува знаци на застој во исполнувањето на обврските во клучните области за европска интеграција.

Имено, на 3 февруари, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, го врати пакетот закони во Парламентот на повторно разгледување. Тој ја објасни оваа одлука велејќи дека сака пратениците всушност да ги прочитаат законите.

„Европските реформи не значат само кревање раце во Парламентот, ниту усвојување закони без дебата и дискусија“, објави црногорскиот претседател на социјалните мрежи.

Станува збор за пакет од 25 закони кои веќе добија зелено светло од Европската комисија, а кои се неопходни за Црна Гора да може да продолжи со затворање на поглавјата во преговорите за пристапување.

Два дена подоцна, претседателот се предомисли и ги прогласи законите за важечки. Тој рече дека нивното враќање кај пратениците, со очекување дека тие ќе ги прочитаат и сериозно ќе ги разгледаат, според негова проценка, нема да има ефект.

Овој пакет закони, наречен „сини закони“ во политичкиот жаргон, веќе доби зелено светло од Брисел.
Европската комисија потврди дека ја забележала одлуката на претседателот на Црна Гора да ги потврди.

„Ја потврдуваме нашата континуирана поддршка за амбициозната цел на Црна Гора да ги затвори сите преостанати поглавја од преговорите до крајот на годината, под услов сите потребни критериуми и услови да бидат целосно исполнети“, изјави портпаролот на Европската комисија, Гијом Мерсие.

Сепак, најновиот потег само го извади на површина проблемот дека Црна Гора, која сега влегува во завршните фази од преговорите за пристапување, почнува да покажува знаци на одложување на процесот.

Амбицијата не само на Црна Гора, туку и на европските институции е земјата да ги затвори сите поглавја од преговорите до крајот на тековната година. Ова теоретски би овозможило спроведување на националниот слоган „28 до 28“, што значи дека Црна Гора би можела да стане 28-ма членка на Европската Унија до крајот на 2028 година, со доволно време за ратификација на Спогодбата за пристапување, која се потпишува откако преговорите за членство ќе бидат прогласени за завршени.

Ратификацијата мора да помине низ сите земји-членки на ЕУ, 27 од нив, како и низ државата што пристапува, во овој случај Црна Гора. Тоа е процес што обично трае помеѓу една и три години.

Сепак, Црна Гора, која се смета за лидер во процесот на пристапување, почнува да ја одолговлекува динамиката.

Според европските претставници, назначувањето на клучни позиции, како што се судии на Уставниот суд, како и членови на судските и обвинителските совети, веќе е сериозен проблем во преговорите за членство.

Доколку претседателот Милатовиќ ги задржи „сините“ закони, тоа, според изворите на Радио Слободна Европа, би ги загрозило претстојните меѓувладини конференции планирани за март и април, на кои би можеле да се затворат поединечни поглавја од преговорите.

Ова го потврдува и Мерсиер.

„Постојаните одложувања во клучните процеси, како што се усвојувањето на законите и наименувањата за слободни позиции, доколку останат нерешени, би можеле да претставуваат значителна пречка за реализација на амбицијата на Црна Гора да ги затвори сите поглавја од преговорите до крајот на годината“, вели тој.

Европскиот пратеник Томислав Сокол, член на делегацијата за Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Црна Гора, предупреди дека забавувањето на динамиката на усвојување на законите потребни за затворање на поглавјето „може да има долгорочни последици за европскиот пат на земјата“.

„Прозорецот на ЕУ нема да биде отворен засекогаш, а се знае кој сака да го затвори, затоа е важно да не се пропушти момент што ретко се повторува“, нагласи Сокол.

Во јануари, Црна Гора привремено го затвори поглавјето 32 и моментално има 13 затворени поглавја од вкупно 33 во преговорите за пристапување за членство во ЕУ.

Се очекува дека во текот на првата половина од годината, ЕУ ќе одобри формирање на работни групи кои ќе работат на нацрт-договорот за членство.

Текстот на тој договор ги дефинира условите за членство, преодните аранжмани, заштитните мерки, буџетскиот придонес, бројот на членови на Европскиот парламент, гласовите во Советот на ЕУ и комесарите од Црна Гора.

Според принципите на преговори усвоени од Конференцијата за пристапување, договорите постигнати за време на преговорите за поединечни поглавја, дури и делумните, не можат да се сметаат за конечни сè додека не се постигне сеопфатен договор за сите поглавја.

Црна Гора треба да затвори уште 23 поглавја за преговори, а секое затворање бара согласност од сите земји-членки на ЕУ.

XS
SM
MD
LG