Покрај електронскиот записник за прекршок во сообраќајот, преку системот „Безбеден град“ сопствениците на возилата ќе добиваат и фотографија.
Во пробниот период кој започна од 1 декември и е во тек, се испраќаат само записници. Официјалната примена, а со тоа и плаќањето казни за прекршоците треба да почне од 1 февруари.
Пречка за тоа се измените во Законот за прекршоци што треба да се изгласаат во Собранието. На власта и е потребно двотретинско мнозинство – 80 гласа од пратеници, кои ги обезбеди преку поддршка од опозициската ДУИ.
Главните аргументи на власта за овој проект се подигање на безбедноста и намалување на бројот на сообраќајки и жртви.
„Девет човечки животи се спасени во тест-периодот на во споредба со истиот период минатата година кога биле евидентирани 11 смртни случаи од сообраќајки на територијата на СВР Скопје“, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
За осум дена се плаќа половина од казната
Санкционирањето на почеток, како што е познато, ќе биде за четири сообраќајни прекршоци: непрописно паркирање; брзо возење, поминување на црвено и управување со возило со истечена регистрација.
Во записникот што го добиваат граѓаните преку линк добиен на СМС и електронска адреса (што ја оставил сопственикот при регистрација) пишува кој прекршок, кога и каде е направен, како и казната што треба да се плати.
Казната ќе може да се плати електронски, во пошта и во банка.
Ако сопственикот на возилото ја прифаќа во рок од осум дена ќе може да плати половина од неа.
„Ако истекол рокот од осум дена за да плати половина од изречената глоба, ќе може да го плати целиот износ на изречената глоба, најдоцна во рок од осум дена по истекот на рокот за плаќање на половина од изречената глоба, а пред постапката за извршување“, посочуваат од МВР во одговорот до Радио Слободна Европа (РСЕ).
Ако казната се намири во рамки на овие рокови, тогаш не се плаќаат дополнителни трошоци за целокупната постапка.
Но, што ако возачот не се согласува со прекршокот?
„Во случај кога сторителот нема да се согласи со прекршокот, и записникот за сторен сообраќаен прекршок и прекршочен платен налог ќе се достави до основниот суд, тогаш записникот претставува барање за поведување на прекршочна постапка“, посочуваат од МВР.
Ако е во прашање кривично дело безобѕирно управување со возило, тогаш случајот ќе го преземе јавното обвинителство.
Кога се во прашање странски државјани односно прекршоци што ќе бидат направени со возила со странски регистрации, како што и претходно објаснуваа од МВР, возачите на излез од државата нема да бидат задржани туку ќе добијат известување дека нема да може да влезат повторно преку македонска граница доколку не ја платат казната.
Изами со „Безбеден град“
Додека надлежните се подготвуваат за старт на системот „Безбеден град“, полицијата предупреди и на измами апелирајќи граѓаните да не наседнуваат.
Во прашање се фишинг напади кои биле забележани од МВР, а кои се состојат од лажни СМС и електронски пораки кои се испраќаат до граѓаните наводно од Одделот за моторни возила како известувања од „Безбеден град“. Во нив има лажен линк и се бара граѓаните да платат за направен сообраќаен прекршок. Полицијата апелираше граѓаните да не ги отвораат линковите и да не споделуваат лични податоци, како што се банкарски картички, а ваквите фишинг напади веднаш да се пријавуваат.
Вистинските СМС пораки граѓаните треба да ги препознаваат по тоа што испраќачот секогаш е „MVR-SC“ и линкот за записникот е со формат https://safecountry.mvr.gov.mk …, како и по тоа што во текстот задолжително ја пишува регистарската ознака на возилото.
Дилеми и забелешки од опозицијата
Сепак, плановите за имплементација на проектот ќе пропаднат без кревање два прста барем од неколку пратеници од опозицијата кои му фалат на владејачкото мнозинство со оглед дека усогласувањето на Законот за прекршоци е регулатива која се носи со двотретинско мнозинство.
Поддршка од опозицијата беше една од темите и на лидерската средба на 14 јануари, на која не учествуваше најголемата опозициска партија, СДСМ. Но, начелна согласност тогаш даде Демократската унија за интеграции (ДУИ) која ја предводи пратеничката група Европски фронт.
Откако и координаторката Рина Ајдари најави поддршка, очекувањата се дека денеска (23 јануари) законските измени може да бидат изгласани во во Собранието. Тие се на дневен ред на седница закажана за попладневните часови.
Сепак, интегативците имаат неколку забелешки – зошто известувањата за сообраќаен прекршок се праќаат само на македонски, а не и на албански јазик; зошто проектот да се применува само во три града – Скопје, Куманово и Тетово; да се направи прецизно усогласување на сообраќајните знаци на улиците со прекршоците што се регистрираат преку камерите…
Ако не се реализираат овие барање, ќе иницираме нови измени и дополнувања на законот, рече Ајдари.
За разлика од нив, социјалдемократите – чија влада работеше на имплементација на системот, не даваат поддршка за законските измени.
Нивните забелешки се во насока на тоа кој ќе го контролира системот и ќе ги заштитува податоците од граѓаните односно да има надзор за да се спречат злоупотреби.
„Освен тоа што сме за безбедност во сообраќајот, ние сме и за безбедност и на податоците, што повторно власта ниту го коментира, ниту се обидува да го регулира“, забележа лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
За дел од забелешките на опозицијата, власта најави решение. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на пратеничко прашање на собраниска седница на 21 јануари рече дека албанскиот јазик ќе биде употребен согласно законот.
Покрај трите града – Скопје, Куманово и Тетово, опрема за „Безбеден град“ е поставена и во првичната фаза треба да почне да се имплементира и на коридорите 8 и 10.
Во одговорот од МВР за РСЕ, повторно посочуваат дека целта е во иднина да го имплементираат на цела територија па тој од „Безбеден град“ да прерасне во „Безбедна држава“.
Според најавите, иако нема конкретни рокови од кога, ќе се проширува и дијапазонот на прекршоци што ќе ги регистрираат камерите. Ќе се „ловат“ и други, како што се користење на мобилен телефон и некористење на сигурносен појас.