Достапни линкови

Артан Груби дома, обични граѓани во ќелија - двојни стандарди во правдата?

Артан Груби - архивска фотографија
Артан Груби - архивска фотографија

По барање на ОЈО, ефективниот притвор за Артан Груби е преиначен со куќен и со 24 часовен полициски надзор, што наиде на силни критики од јавноста за селективна правда која ја добиваат функционерите. Адвокатот Звонко Давидовиќ за РСЕ споделува случаи каде вратени бегалци издржуваат ефективен притвор во споредба со случајот на екс-вицепремиерот. Министерот за правда Игор Филков побара јавноста да добие детални одговори од ОЈО и судијата за куќниот притвор за Груби.

Улицата Струмичка во скопската општина Чаир доби нов повратник. Но, не печалбар, иселеник или од воена мисија, туку повратник по повеќе од една година бегство од полицијата и од соочување со правдата.

Од доцна синоќа на 23 февруари, поранешниот вицепремиер Артан Груби кој е второосомничен со уште пет лица за проневера во Државна лотарија за набавка на ВЛТ апарати од над осум милиони евра, со предлог на Обвинителството и одлука на судот, наместо во ефективен притвор, мерката ќе ја издржува во својот дом со полициски надзор. Но, за Обвинителството и тоа е притвор, но под посебни услови.

„Растргнати“ од негативни коментари откако Артан Груби заврши во куќен притвор, од Обвинителството денеска одговараат на реакциите во јавноста.

Велат дека според Законот за кривична постапка, „мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа“.

„Таквите услови во конкретниот случај беа исполнети, бидејќи по проценка на надлежните органи - МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка. За Обвинителството од исклучителна важност е што овој осомничен е обезбеден и за него продолжува кривичниот прогон за сомненијата за сторено кривично дело – проневера во службата“, се вели во соопштението.

Денешното образложение на Обвинителството доаѓа откако вчера Артан Груби побара и доби замена на мерката ефективен притвор, што ја доби додека беше во бегство. ОЈО наведува дека најголем дел од доказите за случајот се обезбедени.

Потоа, наведува и дека доброволно се предал на органите, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, а тоа се однесува и на загрозената безбедност на членовите на неговото семејство.

Директорот на затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, Бобан Утковски, кој вчера во медиумите тврдеше дека безбедноста на Груби во затворското одделение е гарантирана исто како и на останатите притвореници - и денеска останува на истиот став.

„Јас ја гарантирам безбедноста на сите притворени лица согласно Уставот законите. Кога се говори за надлежни институции, тука се повеќе институции кои даваат одредено мислење. Јас се иземам како таква институција - ниту некој побарал, ниту сме дале мислење во однос на безбедноста“, изјави Утковски за РСЕ.

Со насмевка на лицето додека полицајците му ги ставаа лисиците на рацете покриени со црн шал, поранешниот прв вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците утрово Артан Груби вчера во раните утрински часови се предаде на полицијата на граничниот премин Блаце.

Министерот за правда бара детално објаснување за куќниот притвор

Министерот за правда Игор Филков денеска јавно ги повика сите одговорни за одредувањето мерка куќен притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби, нагласувајќи дека одговорноста за ваквата одлука мора да биде лоцирана со име и презиме.

Тој ги повика Судскиот совет и Советот на јавните обвинители итно да свикаат седници, да го разгледаат случајот и да утврдат дали има основ за одговорност кај судијата и јавниот обвинител. Филков додаде дека институционалната контрола мора да функционира и никој не смее да биде изземен од одговорност.

„Министерството за правда нема да стои на страна кога јавноста со право бара одговори. Досега, јас како министер за правда, почитувајќи го начелото на поделба на власта, ниту еднаш не сум коментирал конкретни судски и обвинителски одлуки. Но, денес сме сведоци на скандал кој не смее и не треба да се премолчи. Станува збор за лице осомничено за проневера од над осум милиони евра. Лице кое 14 месеци било во бегство. Лице за кое бил утврден ризик од бегство, ризик што се остварил. И за помалку од еден ден, таа мерка се заменува со куќен притвор. Ова е тест за целиот систем“, рече министерот на денешната прес-конференција.

Апаратите за коцкање на Лотарија, за кои има истрага за набавката, прават трошок и невклучени
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:30 0:00

Тој побара појаснување од јавниот обвинител Даниел Коцев, раководителот на обвинителството Анел Фидоски и од судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје Марин Станевски.

„Јавниот обвинител Даниел Коцев да објасни, врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е дадено позитивно мислење за замена на притворот. Раководителот на обвинителството Анел Фидоски – дали стои зад оваа одлука и дали смета дека ова е порака за еднаква примена на законот. Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Марин Станевски, кои околности го надминале ризикот од бегство кај лице кое веќе 14 месеци беше недостапно. Кога станува збор за истрага за проневера од над осум милиони евра, кога постоел ризик од бегство, што и се случи, секоја одлука за олеснување на мерката мора да биде кристално јасна и правно неоспорлива. Во спротивно, се отвора сериозен сомнеж за селективност“, посочи министерот.

Тој нагласи дека не може за обичен граѓанин притворот да биде одреден по автоматизам, а за поранешни високи функционери да биде исклучок.

„Не може безбедносни „индиции“ да станат поважни од принципот на еднаквост пред законите. Ако постои закана – државата има механизми да обезбеди безбедност и во рамки на притворскиот систем. Ако обичен граѓанин може да остане во притвор за далеку помал износ и без претходно бегство, тогаш истите стандарди мора да важат за сите“, изјави Филков.

Различна пракса во други случаи

Поранешната шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска во изјава за РСЕ вели дека притворот не треба да се сфаќа како казна, бидејќи тоа е само за обзбедување присуство. Таа вели „ако судот и обвинителството сметале дека ако на овој начин ќе биде достапен на органите на прогон мислам дека е во ред“.

Но, Русковска укажува и на друг проблематичен аспект.

„Не би се вратил ако има повторно намера да бега. Во дилема сум затоа што сам се пријави, да, навистина беше избеган, но сам дојде. Друго е ако беше екстрадиран. Но, од друга страна, ако се земе во предвид да има ,на пример, правосилна пресуда со ефективна казна затвор, тогаш значи во еден дел казната затвор ја поминал дома и тоа не е во ред. Јас сум повеќе за ефективен притвор или со соодветна гаранција за да седењето во куќен притвор не му се мери во извршувањето на казната затвор“, изјави Русковска.

Адвокатот Звонко Давидовиќ во изјава за РСЕ коментирајќи го гневот на јавноста за доделениот куќен притвор, вели дека како адвокат никогаш не е за притвор априори, но е против двојните аршини и селективна правда. Како бранител, самиот посочува дека има голем број на постапки во кои граѓани лежат ефективен притвор за многу поситни дела кои им се ставаат на товар.

„Јас имав неколку луѓе кои беа во бегство, сами се предадоа и добија притвор. Едниот е веќе девет месеци во притвор, чисто како споредба. Имаме кривични дела пустошење на шуми каде во притвор осомничениот е веќе шест месеци. Јавноста ја вознемирува тоа што функционерите кои имале одговорност, кои раководеле со определени органи, министерства, биле на државна плата и обавувале високи функции, кон нив се применуваат сосема други аршини од она што се применува за „обичните смртници“. Постојано уште од извештајот на Прибе, иста е ситуацијата и исти се забелешките. Се применуваат двојни аршини и селективна правда зависно од функцијата и положбата во општеството што е недозволиво“, вели Давидивиќ.

Тој смета дека јавноста е сведок во изминатите 30 години дека правосудтвото само тоне, а со него и правдата и правната сигурност во државата.

Партиски кавги за политички дил, линч и правда

Враќањето на Груби и куќниот притвор е веќе втор ден во политичката агенда на обвинувањата помеѓу четирите најголеми политички партии од власта и опозицијата.

Од Демократската унија за интеграција (ДУИ), чиј член е Артан Груби, велат дека високи претставници и активисти на политички партии создаваат атмосфера на хистерија и линч преку однапред дефинирана пресуда. Од партијата упатија повик до судот, обвинителството и сите надлежни органи, како што велат, „да не потпаѓаат под политички притисоци и да постапуваат исклучиво врз основа на закон и докази“.

„Тие целосно ја преземаат улогата на обвинители и судии, расфрлајќи се со мерки за претпазливост, јавно повикуваа на линч на претставниците на обвинителството и судот, без никакво елементарно почитување на принципот на пресумпција на невиност. Ова особено што тоа го прават и партии кои се дел од власта, што упатува на директно мешање од страна на извршната врз судската власт“, велат од ДУИ.

Од опозициската СДСМ рекоа дека правната држава е „целосно погребана“ по одлуката за одредување куќен притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби. Според него, станува збор за смислено сценарио и договор помеѓу актуелната власт и ДУИ.

„Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено. Затоа Обвинителството и судството беа ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ за што СДСМ со месеци говори. Замислете, еднаш избегал, а сега Обвинителството бара замена на мерката притвор со мерка куќен притвор. Кој е предметен обвинител за овој случај? Даниел Коцев. А негов шеф? Обвинителот Анел Фидоски. Тој беше избран на оваа функција на 20 јануари 2026 година, значи пред еден месец“, изјави Димитријевиќ.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ посочува дека извршната власт во случајот со Државна лотарија имала обврска да го обезбеди Артан Груби пред органите на правдата и МВР го направило тоа. Напоменуваат дека судскиот процес ќе почне и за Груби „и за сите негови ортаци“.

„Го разбираме револтот на граѓаните од одлуката на правосудните органи со 2 отсто доверба од граѓаните за случајот со Артан Груби. Тоа незадоволство доаѓа по седумгодишна агонија на правосудните органи кои беа под политичка тортура и притисок на криминалната банда СДС-ДУИ и серија неказнивост за политичарите кои од просечно ситуирани граѓани станаа олигарси на грбот на граѓаните. Тоа време заврши, а криминогениот и до гуша во афери Артан Груби ќе одговара“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Нејзиниот коалиционен партнер во владата - коалицијата ВЛЕН порача дека Артан Груби не е обичен поранешен функционер туку извршител, координатор и доверлив човек на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за кого многу знае и ќе „симне“ од функцијата.

„ДУИ се соочува со најтешкиот момент во своето постоење. Враќањето на Груби не е крај на процесот. Тоа е почеток. Почеток на расплет кој може да доведе до целосно разобличување на начинот на кој функционираше ДУИ. Прашањето повеќе не е дали ќе има политички последици, туку колку длабоки ќе бидат тие“, пишува во соопштението на ВЛЕН.

Според Обвинителството, предметот за Државна лотарија опфаќа одлуки и договори за кои постои сомнеж дека ѝ нанеле значителна финансиска штета на институцијата, проценета на над осум милиони евра.

По 14 месеци во бегство, Артан Груби се врати во Северна Македонија. Но, првоoсомничениот во предметот за набавка на милионски вредни апарати за коцкање, ексдиректорот Перпарим Бајрами се уште е во бегство.

Артан Груби заедно со апелацискиот судија Енвер Беџети завршија на „црната листа“ на Стејт департментот, објавена на 9 декември, поради вмешаност во значителна корупција, политичко мешање и обиди за оцрнување на судството.

Образложението е дека примиле мито да влијаат врз судските процеси поврзани со кривичната пресуда на екс директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков за предметот „Таргет“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство(СЈО), а се однесуваше на масовното прислушување.

Од актуелен контекст, Артан Груби и Сашо Мијалков ги поврзува и датумот 23 февруари. На тој ден во 2021 година, екс шефот на тајната полиција се појави сам пред Обвинителството за организиран криминал и коруцпија откако беше во краткотрајно бегство по претходно изречената пресуда за предметот „Таргет–Тврдина“, случај поврзан со масовното незаконско прислушување.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG