Украинските и руските преговарачи на 23 јануари се сретнаа во Абу Даби со американски официјални претставници за да разговараат за руската инвазија врз Украина, додека Кремљ сигнализира дека не ги ублажува тврдокорните територијални барања, по синоќешната средба меѓу рускиот претседател, Владимир Путин и делегацијата на Белата куќа.
Ова е првпат украински и руски официјални претставници да седнат на иста маса, заедно со американски преговарачи, од почетокот на војната во Украина во 2022 година.
Средбите се одржуваат во време кога жителите на Украина се соочуваат со студот поради руското уништување на енергетската инфраструктура, односно електраните, трафостаниците и градските топлани.
Најголемата украинска приватна енергетска компанија предупреди дека состојбата значително се влошила по неодамнешните руски напади. Ден претходно, министерот за енергетика, Денис Шмигал изјави дека украинскиот енергетски систем го доживува најтешкиот ден од масовните прекини на електричната енергија во ноември 2022 година.
Во пресрет на средбите во Абу Даби, официјални претставници на Кремљ порачаа дека Путин е задоволен по речиси четиричасовните разговори со пратеникот на Белата куќа Стив Виткоф, Џаред Кушнер, зет на претседателот на Соединетите Американски Држави, како и со други американски официјални лица.
Тоа беше седма средба на Виткоф со Путин од минатиот јануари.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го повтори долгогодишното барање на Русија украинските сили да се повлечат од делот на Донбас што сè уште го контролираат.
„Добро познатиот став на Русија е дека [украинските вооружени сили] мора да го напуштат територијалниот простор на Донбас, мора да се повлечат оттаму. Ова е многу важен предуслов. Постојат и други нијанси што остануваат на дневниот ред на преговорите“, им изјави Песков на новинарите.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој ден претходно се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп во Швајцарија, им изјави на новинарите дека разговорите ќе го опфатат и прашањето за територијата во Донбас.
Путин и други руски официјални претставници повеќепати порачаа дека нивните сили со сила ќе го заземат преостанатиот дел од Донбас, доколку Москва не успее да го освои по дипломатски пат.
Руски барања
Украина изјави дека откажувањето од дел од Донбас што е под контрола на нејзините сили би значело наградување на Русија за агресијата и би ја оставило Украина ранлива на нови напади.
Според Зеленски, Украина и Соединетите Американски Држави разговарале за можен компромис според кој дел од Донбас би станал демилитаризирана зона или слободна економска зона, со повлекување на украинските сили и забрана за влез на руски трупи.
Зеленски изјави дека е отворен за таков план доколку Украинците го поддржат, но дека, доколку Украина ги повлече своите трупи, Русија исто така мора да го стори истото.
Кремљ сигнализираше дека нема да прифати повлекување на силите ниту какво било сценарио што не го признава целиот Донбас како руски. Исто така инсистираше да ѝ се дозволи на руската полиција и на единиците на националната гарда да патролираат низ тој регион.
Зеленски, напротив, предложи демилитаризираните подрачја да бидат надгледувани од Украина, со учество на меѓународни сили.
Руските официјални претставници наведоа дека трилатералните преговори во Абу Даби ќе бидат фокусирани на безбедноста, додека Соединетите Американски Држави и Русија ќе водат одделни економски разговори.
Се очекуваше еден од преговарачите да биде шефот на руската воена разузнавачка служба.
Еден од главните преговарачи од Киев, во меѓувреме, е Кирило Буданов, поранешен директор на украинската воена разузнавачка служба, кој сега е началник на кабинетот на украинскиот претседател.
Сегашниот директор на воената разузнавачка агенција, Олех Ивашченко, како и неговиот заменик, исто така беа дел од украинската делегација.
Зеленски, кој имаше повремено заладени односи со Белата куќа, ја пофали средбата со Трамп во Давос, иако не беше јасно дали, и што точно, било договорено.
Американски и украински официјални претставници се обидуваат да финализираат план со кој на американските компании би им се овозможил повластен пристап до украинските минерали и до одредени индустрии.
Уште едно клучно прашање и предмет на спор беа западните безбедносни гаранции за Украина во случај на мировен договор, имајќи предвид дека Русија се противи на распоредување трупи од земјите членки на НАТО во Украина.
„Безбедносните гаранции се подготвени, а договорот е подготвен за потпишување… Сега чекам претседателот Трамп да ми одреди датум и место“, им изјави Зеленски на новинарите.
Трамп се обидува да посредува во ставањето крај на руската војна против Украина откако пред една година го презеде претседателскиот мандат.
„Средбата со претседателот Зеленски беше добра. Ќе видиме како ќе заврши“, им изјави Трамп на новинарите на 22 јануари, додавајќи дека неговата порака до Путин била дека војната мора да заврши.