Достапни линкови

Полицијата со солзавци и водни топови против демонстрантите во Грузија


Протестите се одржуваат на денот на локалните избори во Грузија.
Протестите се одржуваат на денот на локалните избори во Грузија.

Грузиската полиција употреби солзавци и водни топови за да ги избрка демонстрантите од претседателската палата во Тбилиси и приведе најмалку пет лидери на опозициските протести од 4 октомври кога во земјата се одржаа локални избори.

Александре Дарахвелиѕе, заменик-министер за внатрешни работи, изјави дека пет организатори на протестот се приведени, вклучувајќи го и активистот Пата Бурчудлазе, поранешна оперска ѕвезда, и Муртаз Зоделава.

Уапсените „се обвинети за насилно менување на уставниот поредок на Грузија или повикување на соборување на владата, како и за организирање, водење и учество во групно насилство. Злосторствата предвидуваат до девет години затвор“, рече Дарахвелиѕе.

Премиерот Иракли Кобахиѕе изјави дека обидот за „соборување“ на владата не успеал и дека оние што учествувале во него ќе бидат „строго казнети“.

Тој додаде дека ќе бидат преземени „строги мерки“ во деновите по протестот, кој се чини дека претежно беше разбиен околу полноќ.

Илјадници луѓе, многумина носејќи грузиски и европски знамиња, излегоа на улиците по повиците од опозициските партии за големи протести против владејачката партија „Грузиски сон“, додека се гласаше на локалните избори на 4 октомври. На бојкот на изборите повикаа најмалку девет опозициски групи.

Нивната цел беше да ги оживеат секојдневните демонстрации што започнаа минатата година по наводните нерегуларности на парламентарните избори и последователната владина одлука за прекин на разговорите за членство во Европската унија. Опозицијата, исто така, го критикува она што го смета за растечка политика на владата – пријателска политика кон Русија.

Овие протести во голема мера исчезнаа во последните месеци.

На 4 октомври, кратко по почетокот на гласањето, толпа демонстранти почна да се собира, а организаторите рекоа дека целта е „мирно соборување на владата“.

Но, околу 19 часот по локално време, тие почнаа да се движат кон претседателската палата.

Додека демонстрантите се обидуваа да ги пробијат оградите на палатата, Министерството за внатрешни работи на Грузија изјави дека протестот „ги надминал нормите утврдени со закон“, по што полицијата одговори со употреба на водни топови и солзавци.

Според очевидци, солзавци се корителе за да се поттиснат демонстрантите.

Поранешната претседателка на Грузија, Саломе Зурабишвили, која се спротиставува на владејачката Грузиски сон и претходно ги предводеше мирните протести, рече дека се спротивставува на какво било насилство и ја обвини власта за „инсценирање“ на нападот врз претседателската палата за да ја дискредитира опозицијата.

„Јас сум на авенијата Руставели на 310-тиот ден од мирниот протест за европската иднина на Грузија. Инцензираното преземање на претседателската палата од страна на режимот е провокација. Нема да наседнеме на тоа - ние се залагаме за слободни и фер избори и европска Грузија“, напиша таа на мрежата Икс.

Видеата од грузискиот сервис на Радио Слободна Европа покажуваат дека и полицајците и демонстрантите се вклучуваат во физички конфронтации, при што демонстрантите фрлаат и неидентификувани предмети.

Според Министерството за внатрешни работи на Грузија, 21 полицаец и шест демонстранти биле повредени за време на судирите. Видеата и преносите во живо од теренот може да се забележи дека има повредени и меѓу демонстрантите.


Пред неговото апсење, активистот Бурчуладзе ги повика вработените во Министерството за внатрешни работи да го слушнат гласот на народот и да ги апсат високите функционери на партијата Грузиски сон.

Во пресрет на протестите, властите ветија жесток одговор против оние што ги нарекоа поттикнувачи на „револуција“.

Откако Централната изборна комисија на Грузија соопшти дека „Грузиски сон“ победил на изборите во секоја општина, некои од организаторите на протестите од 4 октомври посочија дека демонстрациите ќе продолжат во наредните денови.

Организациите за човекови права ја осудија атмосферата околу гласањето и изборите.

Амнести Интернешнл соопшти дека „документирала широка кампања на репресија, вклучувајќи политички мотивирани гонења на опозициски личности, замолчување на независните медиуми и граѓанското општество преку рестриктивни закони и казнени мерки, како и широко распространетото произволно притворање и малтретирање на демонстрантите“.

XS
SM
MD
LG