Белгија и уште 16 земји од Европската Унија објавија заедничко соопштение во кое изразуваат „длабока загриженост“ поради кршењето на основните права на ЛГБТ+ лицата во Унгарија и ја повикуваат да ги ревидира новововедените мерки и да се усогласи со своите меѓународни обврски.
„Длабоко сме загрижени поради неодамнешните правосудни и уставни амандмани кои ги кршат основните права на ЛГБТКЈУ+ лицата, усвоени од унгарскиот парламент на 18 март и 14 април 2025 година, по другите анти-ЛГБТ+ закони веќе воведени во претходните години“, пишува во соопштението објавено на Х, потпишано од, меѓу другите, Шведска, Австрија, Франција, Германија и Словенија.
Како што се посочува, „под изговор за заштита на децата“, овие правосудни амандмани дозволуваат воведување парични казни за учесниците и организаторите на настани како што се годишните прослави на гордоста, дозволуваат употреба на софтвер за препознавање лица на такви настани и забрана на такви настани.
„Загрижени сме поради импликациите на ваквите мерки врз слободата на изразување, правото на мирно собирање и правата на приватност“, пишува во објавата.
Во неа се додава дека потписниците се „загрижени“ од развојот на настаните кои, како што се вели, „се спротивни на основните вредности на човековото достоинство, слобода, еднаквост и почитување на човековите права, како што е наведено во член два од Договорот за Европската Унија“.
Исто така се посочува дека почитувањето и заштитата на човековите права и основните слободи на сите луѓе, вклучувајќи ги и ЛГБТ+ лицата, се составен дел од припадноста на европското семејство и дека тоа е одговорност и преземена обврска на земјите членки на ЕУ и европските институции.
Унгарија се повикува да ги ревидира овие мерки и да осигури дека човековите права и основните слободи на сите нејзини граѓани се почитуваат и се заштитени и се усогласени со меѓународни обврски.
Исто така, се истакнува дека посочените земји ја делат загриженоста на Европската комисија во врска со ова и ја повикуваат Комисијата да ги искористи алатките на владеењето на правото што ѝ се на располагање во случај Унгарија да не ги ревидира овие мерки на соодветен начин.