Достапни линкови

Претседателката Сиљановска сѐ уште размислува за предлогот за нов гувернер на Народна банка


Претседателката на државата денеска требаше до Собранието да достави предлог за нов гувернер на Народната банка, за кој, според најавите, парламентот требаше да одлучува утре на пленарна седница.

Но, претседателката Сиљановска Давкова веројатно ќе размислува уште два-три дена, пред да ја донесе конечната одлука.

Во текот на вчерашниот ден, таа разговорала со тројца кандидати, меѓу кои, актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска, со Трајко Славески и со Зоран Ставрески.

Петгодишниот мандат на актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска која стапи на функцијата на 22 мај 2018 година, истекува на 21 мај.

„Има неколку кандидати и најважно е да не дојде до тоа да не биде избран кандидат“, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова минатата недела.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека за гувернерската позиција се во игра вонсериски искусни кандидати за кои е убеден дека ќе ја одржат макроекономската стабилност.

Еден од условите за поддршка на кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ и Владата, според Мицкоски, е стриктно бранење на фиксниот курс на денарот.

„Очекувам в понеделник да биде информирано Собранието, на 20-ти ќе има седница, разговарав со претседателот на Собранието за дополнување на дневниот ред на 20, така што рокот ќе биде испочитуван“, рече Мицкоски минатата недела на новинарско прашање.

Функцијата гувернер на централната банка пред Ангеловска Бежовска ја извршуваше Димитар Богов (2011-2018), а претходно Петар Гошев (2004-2011), Љубе Трпески (1997-2004) и Борко Станоевски (1986-1997).

XS
SM
MD
LG