Царинска војна им нанесува штети на сите и во таков вид на војна никој не е победник, порача денеска (9 мај) германскиот канцелар Фридрих Мерц на заедничка прес-конференција со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во Брисел.
„Ескалацијата на спорот за царините не е добра идеја. Најдоброто нешто би било тие да се сведат на нула за сѐ и за сите, истакна Мерц говорејќи за царините на увозот на стоки од ЕУ воведени од страна на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Мерц информира дека вчера телефонски разговарал со Трамп, при што му честитал за постигнатиот трговски договор меѓу САД и Велика Британија, но и му порачал дека такво нешто не можно да се прави со земјите членки на ЕУ одделно, бидејќи тие за трговијата преговараат заедно.
„Мојот впечаток беше е дека тој го прифати тоа и сега знае дека може да преговара само со сите нас заедно“, рече Мерц, додавајќи дека Трамп го поканил да го посети Вашингтон.
Според Мерц, во САД започнува дискусијата за штетите од царините по американската економија и луѓето почнуваат да го согледуваат тоа, што би можело да резултира со напредок во трговските преговори меѓу Брисел и Вашингтон.
Мерц меѓудругото, додаде дека во телефонскиот разговор, Трамп го информирал и за неговиот план за 30-дневен прекин на огнот, за кој изрази поддршка.
„Ја повикуваме Русија да се приклучи на патот кон траен договор, а доколку тоа не се случи, нема да се двоумиме да го зголемиме притисокот преку санкции заедно со нашите европски партнери и САД“, изјави германскиот канцелар.
Мерц нагласи и дека ЕУ мора да продолжи со поддршката на Украина во справувањето со руската агресија, потенцирајќи дека тој лично „цврсто стои зад Украина и украинската кауза“.
„Ќе направиме сѐ што можеме за да заврши оваа војна што е можно побрзо, но тоа може да се постигне само заедно со Украина. Украинците треба да бидат вклучени во тоа и треба многу јасно да ставиме до знаење каде стоиме и дека тоа е на страната на Украина. Драго ми е што гледам дека е така низ цела ЕУ, со еден или два исклучоци“, истакна Мерц.
Кошта од своја страна истакна дека Германија е многу доверлив партнер и придонесува во зајакнувањето на ЕУ, во премостување на разликите и во зацврстување на единството и дека од новата германска Влада очекува нова енергија во напорите за продолжување на изградбата на Унијата.
Мерц изрази задоволство што е присутен во Брисел на Денот на Европа кога се одбележуваат 75 години од Шумановата деклатација, која ги постави темелите на политичка соработка во Европа, првично во индустријата за јаглен и челик, но потоа и во други сектори, преку Европската заедница за атомска енергија и Европската економска заедница, па сѐ до Европската Унија каква што е денес.