Шефот на делегацијата на Европската Унија во Србија, Емануел Жофре на 9 мај изјави дека геостратешката посветеност на Србија треба јасно да биде насочена кон Унијата и дека денеска „таа треба да биде во Украина, а не во Москва“.
И покрај критиките од Европската Унија, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, е во посета на Москва, каде што присуствува на парадата по повод Денот на победата во Втората светска војна на 9 мај.
Билатералната средба со рускиот претседател Владимир Путин е нивна прва официјална средба од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Жофре, потсети дека денеска (9 мај) се одбележува Денот на Европа, која веќе 75 години гради проект за мир, просперитет и демократија.
„Унијата се темели на клучни вредности и мора да биде способна да ги заштити граѓаните и да им донесе просперитет“, изјави Жофре за Српската радиотелевизија, нагласувајќи дека ова е особено важно денес кога војната се врати на европско тло.
Тој рече дека не треба да заборавиме дека Белград го ослободила Црвената армија заедно со Украинците, но дека треба да разбереме што се случува денес.
„Денес, за жал, имаме агресивна војна што ја уништува Украина, а Украинците се бранат. Мислам дека денес треба да бидеме во Украина, а не во Москва“, рече Жофре, коментирајќи го заминувањето на српскиот претседател Александар Вучиќ на воената парада во Москва.
Шефот на делегацијата на ЕУ рече дека „постои нов моментум за проширување и мора да се разбере дека овој момент треба да се искористи, пред сè преку спроведување на реформи“.
Најавувајќи ја посетата на претседателот на Европскиот совет, Анотнио Кошта на 12 мај и на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, на крајот од месецот, Жофре рече дека Унијата се фокусира на Западен Балкан и на Србија, дека инвестира политички капитал во Србија и дека ја сака Србија во ЕУ.
Тој истакна дека се потребни соодветни услови за тоа да се случи, спроведување реформи и промена на општеството.
„Гледаме дека многу граѓани на Србија бараат промени и реформи на улиците на Белград и Србија“, рече Жофре, осврнувајќи се на месеците студентски протести и блокади, каде што граѓаните бараат одговорност за смртта на 16 лица при уривањето на настрешницата на реконструираната Железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.
Жофре додаде дека Србија има трговска размена со ЕУ, односно 60 проценти од српскиот извоз оди во Унијата, а странските директни инвестиции се главно од ЕУ.
„Мораме да го зајакнеме и да бидеме подготвени за светот денес и утре. Мора да знаеме во која насока сакаме да одиме“, рече тој.
Србија е во преговори за членство во Европската Унија од 2014 година.
Како кандидат за членство во ЕУ, Србија не отворила поглавја од преговорите од декември 2021 година.
Таа е во застој поради одбивањето да ја усогласи својата надворешна политика со онаа на Унијата и да воведе санкции врз Русија за нејзината инвазија на Украина.
Властите во Белград продолжија да ги негуваат односите со Москва и покрај предупредувањата од Брисел.