Соединетите Држави и Велика Британија наводно денеска (8 мај) треба да објават трговски договор што би можел да има импликации врз царините на претседателот Доналд Трамп, но обемот на договорот би можел да биде ограничен.
„Њујорк тајмс“ и „Политико“ објавија дека договорот ќе биде склучен со Велика Британија, повикувајќи се на повеќе лица запознаени со плановите, додека „Волстрит џурнал“ пишува дека тоа ќе биде само „рамка“ на договор.
Тоа би бил првиот ваков трговски договор откако Трамп воведе царини врз американските трговски партнери на 2 април.
Претседателот воведе царини од 10 проценти на увозот од целиот свет, вклучително и за Велика Британија, но привремено ги замрзна повисоките царини за десетици земји за да даде простор за преговори.
Трамп вчера напиша дека ќе биде објавен „голем трговски договор“ со „голема и високо почитувана земја“.
Сепак, медиумите и аналитичарите рекоа дека не е јасно дали е финализиран договорот на САД со Велика Британија или дали двете земји ќе објават само рамка за договор што ќе биде предмет на понатамошни преговори.
Официјален Лондон соопшти дека британскиот премиер Кир Стармер ќе ги даде „најновите информации“ за трговските разговори со Соединетите Држави во четврток.
„Разговорите за договор меѓу нашите земји продолжуваат со темпо и премиерот ќе информира за ова подоцна денеска“, изјави портпаролката на британската влада.
Стармер, кој како Трамп ја освои власта минатата година, се залагаше за трговски договор пред Трамп да го започне „ударот“ со зголемени царини врз Велика Британија и земјите ширум светот.
Постигнувањето договор по Брегзит со Соединетите Држави беше многу важно за Велика Британија откако таа излезе од Европската Унија на почетокот на деценијата.
Лондон е заинтересиран да постигне некаков договор со Вашингтон, пред самитот ЕУ-Велика Британија на 19 мај, поради ресетирање на врските со блокот од 27 земји.
Договорот меѓу САД и Велика Британија би можел да се покаже како проблематичен за ЕУ, која се бори да постигне прифатлив трговски договор со Соединетите Држави.
Велика Британија оваа недела склучи договор за слободна трговија со Индија, нејзин најголем таков договор откако ја напушти ЕУ, откако преговорите беа повторно започнати во февруари по американските закани за царини.
ЕУ останува најголемиот трговски партнер на Велика Британија, додека САД се најголемата единствена земја-трговски партнер на Велика Британија.
Трамп со недели тврди дека земјите се подготвуваат да склучат трговски договори со Соединетите Држави.
Извештаите сугерираат дека Вашингтон може да намали одредени царини за британските производи во замена за ослободување од данокот на дигитални услуги на Велика Британија што го плаќаат американските технолошки гиганти.
Лондон не возврати на царината од 10 проценти наметната од Трамп за увозот од Велика Британија, ниту на повисоките давачки од 25 проценти за челик, алуминиум и автомобилскиот сектор.
Се очекува Централната банка на Англија да ја намали својата клучна каматна стапка за четвртина поен во четврток, бидејќи планираните царини на Трамп се закануваат да го ослабат глобалниот економски раст.
Стармер го посети Вашингтон на крајот на февруари, делумно за да разговара за царините и си замина со надеж дека може да се постигне долгоочекуван договор.
Трамп во тоа време ја претстави можноста за „одличен“ договор, поздравувајќи го Стармер како тежок преговарач.
Стармер за време на неговата посета му врачи на Трамп покана да се сретне со кралот Чарлс III на втора државна посета за која Лондон се надева дека ќе ги зајакне трансатлантските врски.
Седумдест и осумгодишниот републиканец долго време е гласен обожавател на британското кралско семејство. Тој исто така има близок афинитет кон Велика Британија, бидејќи неговата мајка е родена во Шкотска, каде што тој поседува терен за голф.