Новинарот на белорускиот сервис на Радио Слобода, Андреј Кузнечик, неименуван американски државјанин и мајка на пет деца Алена Мавшук, се ослободени од белоруските затвори, соопштија претставници на американскиот Стејт департмент.
Андреј Кузнечик (47), кој помина повеќе од три години зад решетки поради политички мотивирана пресуда, денеска (12 февруари) пристигна во Вилнус. Го пречека неговата сопруга Алесија и децата - 5-годишниот Матсвеи и 11-годишната Јанина.
Претседателот и генерален директор на Радио Слободна Европа, Стивен Капус, го коментираше ослободувањето.
„Ова е радосен ден за Андреј, неговата сопруга и нивните две мали деца. По повеќе од три години разделба, ова семејство е повторно заедно, благодарение на претседателот Трамп. Благодарни сме и на државниот секретар Рубио и неговиот тим, како и на литванската влада за нивната поддршка“, стои во објавата на Капус на платформата X.
Тој додава: „Oстанува да се надеваме дека нашиот новинар Ихар Лосик исто така ќе биде ослободен и очекуваме од администрацијата на Трамп континуирано водство и насоки“.
Специјалниот претставник на САД за заложнички прашања, Адам Белер, го коментираше ослободувањето: „Го правиме она што го ветивме“.
Ослободувањето дојде еден ден откако Русија го ослободи американскиот затвореник Марк Фогел во „размена“.
Според Белоруското здружение на новинари, 40 белоруски медиумски работници во моментов остануваат зад решетки, меѓу кои e и новинарот на Радио Либерти, Ихар Лосик, и поранешниот долгогодишен дописник на бирото на Радио Слобода во Минск, Ихар Карни.
Ихар Лосик беше приведен на 25 јуни 2020 година во неговиот дом во Баранавичи. Тој беше обвинет по член 342 од Кривичниот законик („Организирање масовни нереди и учество во нив“), а подоцна и по уште два члена.
На 18 октомври 2022 година, безбедносните сили ја приведоа и сопругата на Ихар, Дарја Лосик, која се бореше за ослободување на нејзиниот сопруг. Таа беше обвинета за „олеснување на екстремистички активности“ и осудена на 2 години затвор. Беше ослободена на 3 јули 2024 година.
Активистите за човекови права ги оквалификуваа Ихар и Дарја Лосик како политички затвореници. Работната група на Обединетите нации за произволно притворање призна дека белоруската влада, затворајќи ги, го прекршила меѓународното право за човекови права.
Случајот на Кузнечик и Мавшук
На 25 ноември 2021 година, Андреј Кузнечик беше приведен во близина на неговиот дом. Прво, два пати беше осуден на 10 дена затвор за наводно „ситно хулиганство“, а на 23 декември 2021 година се дозна дека против него е отворена кривична постапка. Семејството и јавноста за суштината на обвинението дознаа дури шест месеци по притворот.
Во јуни 2022 година, Регионалниот суд во Могилев го осуди на 6 години затвор во колонија за максимална безбедност за „создавање екстремистичка формација“. За неколку часа се одржа затвореното судење, околностите на случајот не се познати. Андреј Кузнечик не ја призна вината. Ден пред притворот, тој напиша своевиден манифест во кој ја објаснува својата одлука да остане во Белорусија и покрај заканите.
Во септември 2022 година, Министерството за внатрешни работи го вклучи Кузнечик во „Списокот на лица вклучени во екстремистички активности“.
Во јануари, државниот телевизиски канал ОНТ емитуваше пропаганден филм од четири дела за новинарите на Радио Либерти кои, наводно, „се обиделе да ја запалат Белорусија“. Во него беа прикажани затворените новинари на Радио Либерти, Андреј Кузнечик и Ихар Лосик, поранешен долгогодишен дописник на бирото на РС во Минск, Ихар Карни, и опозициски активист со американско државјанство Јуриј Зјанкович.
Мајката на пет деца, Алена Мавшук, беше приведена на 10 август 2020 година во Пинск. Според полицијата, наводно со стап ги нападнала полицајците. Таа беше обвинета за учество во масовни немири. Сопругот и децата на Алена четири дена не знаеја каде се наоѓа и во каква состојбата е. Подоцна, затвореник им јавил дека Алена е во ќелијата „гола, боса, претепана, целата во модринки“.
На жената исто така и е одземено и родителското право.
Во април 2021 година, Алена Мавшук беше осудена на 6 години затвор во општа безбедносна колонија. Нејзиниот сопруг, Сјархеи Мавшук, беше осуден на 6,5 години затвор во колонија со максимална безбедност.