Вести
Русинка уапсена во САД за наводни врски со руски разузнавачки служби
Руската државјанка Нома Зарубина е уапсена под можни обвиненија за давање лажни информации на американската полиција и одржување врски со руските разузнавачки служби, поврзувајќи ја со друг осомничен шпион кој побегнал од САД додека властите го гонат.
Според наводите на ФБИ презентирани на сослушувањето во Јужниот окружен суд во Њујорк кон крајот на ноември, Зарубина била регрутирана од Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) во 2020 година и работела под кодното име „Алиса“.
Таа, наводно, работела на изградба на мрежа на контакти меѓу новинари и експерти додека извршувала задачи за офицер на ФСБ од нејзиниот роден град Томск во Сибир.
ФБИ тврди дека Зарубина намерно довел во заблуда агенти во 2021 година, негирајќи каква било поврзаност со руското разузнавање. Спротивно на нејзините изјави, таа наводно присуствувала на форуми и состаноци во Европа и САД за да ги исполни задачите на ФСБ.
Имено, самопрогонетиот руски опозиционер Леонид Волков на 2 декември на Фејсбук изјави дека ја видел Зарубина на собир во Вашингтон со неговите приврзаници во јануари 2023 година.
Случајот, исто така, ја поврзува Зарубина со Елена Бренсон (алијас Черних), шеф на Координативниот совет на руските сонародници во Соединетите држави, која беше обвинета во 2022 година за незаконски активности во име на руското разузнавање.
Бренсон, која побегна од Соединетите држави откако полицијата во тоа време упадна во нејзиниот стан во Њујорк и се верува дека моментално е во Русија, се вели дека е ментор на Зарубина од 2016 година.
Зарубина беше ослободена со кауција од 25.000 долари, со ограничувања што ѝ забрануваат да го напушти Њујорк, да контактира со руски официјални лица и да го предаде пасошот. Таа рече дека нејзината кауција ја гарантира трето лице, но не кажа за кого станува збор.
Зарубина одржува активен јавен профил, честопати учествувајќи како експерт на конференции, како што е Форумот на слободни поструски држави. Во објавите на социјалните мрежи, таа шпекулираше за политичката иднина на Сибир, залагајќи се за „обединета сибирска држава“.
И покрај нејзините јавни изјави дека негираат шпионажа, нејзината онлајн активност сугерира покомплексен наратив. На пример, до септември 2023 година, нејзиниот профил на ВКонтакте вклучуваше објави кои ги поддржуваат политиките на Кремљ, вклучувајќи го и говорот на претседателот Владимир Путин во 2014 година за анексијата на Крим на Украина, потег што ОН, САД и Европската унија (ЕУ) го нарекоа незаконски.
Во интервју за програмата на Радио Слободна Европа „Сибир реалитис“ Зарубина негираше дека работи како агент на ФСБ, но призна дека руските разузнавачки служби ја контактирале на крајот на 2020 година.
Таа опиша дека била принудена на состанок со офицери на ФСБ во Томск, каде што разговарала за нејзиното лично потекло, по што била следена. Зарубина тврди дека контактирала и со ФБИ во април 2021 година за соработка, споделувајќи сознанија за различни теми, вклучително и Украина, и продолжила да се состанува со нив.
Зарубина вели дека не очекувала ФБИ да ја уапси, изјавувајќи: „Мислев дека сме во добри односи; им помагав. Не очекував да ги искористат моите информации против мене“.
Таа се плаши од одмазда на руските разузнавачи, за кои верува дека не биле свесни за нејзината соработка со американските власти. „Ова повеќе не е за лажно сведочење - тоа е предавство во нивните очи“, рече таа.
види ги сите денешни вести
Мицкоски во САД се сретна со Гренел
За време на посетата на САД, каде присуствува на инаугурацијата на Доналд Трамп за американски претседател, премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, се сретна со и со Ричард Гренел.
Гренел е поранешен шеф поранешниот шеф на Националната разузнавачка служба на САД, а во новата администрација на Трамп ќе биде претседателски пратеник за специјални мисии и политика.
„Разговаравме за актуелните случувања, за предизвиците со кои се соочуваме како држава и нашето остварување на стратешките интереси врзани со членството во Европската Унија. Воедно побарав поголемо ангажирање од нашите стратешки партнери на тој план, како и искористување на потенцијалите на економски план“, објави Мицкоски на социјалните мрежи.
На средбата присуствувал и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој е дел од делегацијата што ја предводи Мицкоски.
Претходно премиерот објави дека имал и други средби и разговори со лица блиски до Трамп, новинари, бизнисмени со македонското потекло. Меѓу нив и со Мрјс Павловски, сопственик на компанијата Рамбл.
Дојче Веле претходно повикувајќи се на свои извори објави дека е предвидено Мицкоски да се сретне со Хауард Лутник, копретседавач на тимот за транзиција на претседателот Доналд Трамп и иден министер за трговија, потоа со Девин Нунес кој е номиниран за претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на „Trump Media & Technology Group“, и Каш Пател предложен за директор на ФБИ, како и со сенатори и конгресмени.
ЕСМ: Парно греењето е нормализирано
Во најкус можен рок е нормализирана испораката на топлинска енергија за корисниците на ЕСМ Снабдување со топлина, информираа од државната компанија откако претходно во текот на денот (20 јануари) жителите во делови од Скопје останаа без парно греење.
„Кај приклучените потрошувачи на системот за централно греење од овој реон испораката на топлинска енергија се реализира согласно мрежните правила кај сите станбени и деловни објекти каде што утрово после 10 часот беше намален квалитетот на испорака, со исклучок на дел од потрошувачите во Општина Центар“, информираат од ЕСМ.
Жители на Центар сè уште имаат проблем со парно греењето поради дефект на водот кај Олимписки базен. Од државната компанијата прецизираат дека интервенцијата што е во тек е врз магистралниот вод А што поминува преку булеварот „Кочо Рацин“ – на потегот помеѓу Веро Центар и Олимписки базен.
Оттаму обвинуваат дека до проблемот дошло поради „негрижа и неодржување на дистрибутивната мрежа од претходното раководство сочинето од кадри на СДСМ и ДУИ“.
„Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина продолжуваат со работа, со вложување на максимални напори за што побрзо отстранување на дефектот, по што ќе следи нормализирање на испораката на топлинска енергија за потрошувачите кои се снабдуваат со топлинска енергија од тој магистрален вод. Некоректно е дефект на топлификациската мрежа кој е последица на негрижата на претходното раководство, да се користи за паника и вознемиреност кај граѓаните“, изјави Петар Милетиќ, директор на ЕСМ Дистрибуција на топлинска енергија.
Ваквата негова изјава следува откако претходно од СДСМ обвинија дека „неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ го оставила пола Скопје без парно“.
„Аматерски од владата е што дозволи ова да се случи и што не го санира дефектот брзо, со што го загрозува снабдувањето и со струја и со парно“, реагираа социјалдемократите.
Меѓу населбите каде во текот на денот имаше проблем со снабдувањето со топлинска енергија беа Ново Лисиче, Аеродром, Капиштец, Кисела Вода и др.
Украински генерал и полковници приведени поради неуспеси во одбраната на Харкив
Украинската служба за безбедност (СБУ) и украинското Државно биро за истраги (ДБР) приведоа тројца високи украински воени функционери обвинети дека не успеале соодветно да го одбранат регионот Харкив за време на руската офанзива во мај 2024 година.
Според официјалното соопштение објавено на 20 јануари од ДБР, меѓу приведените има бригаден генерал, генерал-полковник и полковник.
Истрагата покажала дека функционерите, кои имале клучни лидерски позиции во територијалната одбрана на Украина, занемариле соодветно да ги подготват одбранбените позиции долж пограничните области на регионот Харкив.
За време на обновениот руски напад, тие наводно ја изгубиле контролата над своите војници, што придонело за губење на стратешката територија во регионот. Обвиненијата против приведените офицери вклучуваат несовесна воена служба за време на војна и организирање на неовластено повлекување од бојното поле.
Доколку бидат прогласени за виновни, службените лица би можеле да бидат осудени на затворска казна до 10 години. Надлежните во моментов определуваат предистражни мерки за тројцата приведени.
Апсењата доаѓаат откако украинските региони, вклучувајќи ги Харкив, Доњецк и Херсон, беа погодени од интензивни руски напади во текот на ноќта. Локалните власти објавија дека загинале двајца цивили, а четворица други биле повредени поради гранатирање.
Во регионот на Доњецк, еден цивил загина, а друг е повреден во областа Покровск, каде што станбените згради претрпеа значителна штета.
Црногорскиот претседател Милатовиќ му честиташе на Трамп
Претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ изјави дека преземањето на одговорната позиција на американски претседател доаѓа во важен момент кога меѓународната заедница се соочува со бројни предизвици.
„Уверен сум дека Соединетите Држави, со вас на чело, ќе продолжат да бидат промотор на мирот и стабилноста и важен фактор во решавањето на глобалните прашања. Црна Гора и САД не се само вековни пријатели, туку и сојузници во НАТО ќе продолжиме да придонесуваме за колективната и регионалната стабилност“ е наведено во честитката на Милатовиќ до Трамп.
Официјални лица од двете земји постојано ја потврдуваат нивната силна соработка и поддршката на САД за демократскиот развој на Црна Гора.
Поддршката се рефлектира во областите на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал, а САД, исто така, обезбедуваат помош за промовирање на побрз пристап на Црна Гора во Европската унија.
Исто така, неколку пати беше нагласено дека односите со САД ќе се зајакнат со воспоставување на стратешко партнерство.
Што значи враќањето на Трамп за Авганистан
Во пресрет на неговата инаугурација, новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ги повика авганистанските талибански власти да го предадат американското оружје запленето по хаотичното американско повлекување, или ќе ризикуваат да ја изгубат помошта од САД.
„Нема да им ги дадеме парите освен ако не ја вратат нашата воена опрема“, им рече Трамп на приврзаниците на собирот во Вашингтон на 19 јануари.
САД во моментов се водечки донатор на хуманитарни операции во Авганистан, иако како и другите западни земји не обезбедуваат финансирање директно на талибанците.
Над половина од 40-милионското население на земјата има потреба од помош бидејќи тие се наоѓаат во една од најголемите хуманитарни кризи во светот.
По посетата на Авганистан овој месец, Јан Егеланд, генералниот секретар на Норвешкиот совет за бегалци, предупреди дека кратењето на финансирањето е „најголемата закана за програмите што им помагаат на авганистанските жени“.
Талибанците им забранија на жените образование, вработување во повеќето сектори и какви било јавни улоги. Талибанците рекоа дека се надеваат на „ново поглавје“ во односите, но високи фигури во администрацијата на Трамп долго време се залагаат за бескомпромисен пристап кон исламистичката милитантна група.
Директорот на ТикТок ќе присуствува на инаугурацијата на Трамп
Извршниот директор на кинеската компанија Бајтденс (ByteDance) која е сопственик на социјалната платформа ТикТок. Шоу Чу потврди дека ќе присуствува на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Оваа потврда доаѓа по еден ден откако викендов неколку часа беше згаснаа неколку часа апликацијата на ТикТок за американскиот пазар непосредно пред федералната забрана да стапи на сила на 19 јануари.
Компанијата објави дека „ТикТок се враќа во САД!“ преку известување до своите корисници. Таа го припиша своето враќање на новозибраниот американски претседател Доналд Трамп, кој на 19 јануари рече дека ќе издаде извршна наредба по неговата инаугурација на 20 јануари за одложување на спроведувањето на законот со кој се бара од БајДенс (ByteDance) да му го продаде ТикТок на сопственик кој не е од Кина или ќе се соочи со забрана.
Директорот на ТикТок наводно ќе седи во близина на другите истакнати технолошки лидери како Марк Закерберг и Илон Маск.
Додека иднината на социјалната платформа за американскиот пазар сè уште виси на конец, изјавите на Трамп и Чу што јавно се усогласува со администрацијата што доаѓа укажува на подобрена шанса за ТикТок.
Досега неколку гиганти изразија интерес за купување на платформата, но од кинеската компанија во јавност постојано тврдеа дека не планираат продажба.
Притвор од 30 дена за осомничениот за трговија со дрога Раде Трајковски- Штекли
Притвор од 30 дена доби осомничениот Раде Трајковски - Штекли од Кривичниот суд по приведувањето на 18 јануари. Тој е осомничен за трговија со дрога.
Судијата на претходна постапка одреди притвор и за други осумина осомничени кои се смета дека биле дел од криминалната банда на Штекли. Судот се одлучил за притвор за нив, поради опасност од бегство и можност да влијаат врз сведоци во тек на обвинителската истрага.
За еден од осомничените судот донел решение за куќен притвор.
„Воедно, прифатен е и предлогот за определување на мерка притвор против две лица кои се недостапни за органите на прогон, а притворот почнува да се спроведува од нивно пронаоѓање односно лишување од слобода“, се вели во соопштението од Кривичниот суд.
Во 2024-та година имаше три обиди за убиство на Раде Трајковски - Штекли во скопскиот трговски центар „Ист Гејт“ и неговата семејна куќа, кој според дел од медиумите се смета за близок до картелот „Беланоца“.
Претходно во декември минатата година Обвинителството почна истрага против 18 припадници на криминалната банда позната во јавноста како „Беланоца-Барон“ за сторени најмалку осум убиства, рекет, лихва и опожарени спортски обложувалници. Дел од уапсените,се сомничат дека наплаќале од 10 до 25о илјади евра за убиство.
Честитки од Путин за инаугурацијата на Трамп
Рускиот претседател Владимир Путин му ја честита инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој при гостувањето на руската национална телевизија изјави дека е отворен за дијалог со новата американска администрација со цел ставање крај на украинскиот конфликт. Путин очекува договор за „траен мир заснован на почитување на легитимните интереси на сите луѓе“.
Русија започна неиспровоцирана, целосна инвазија врз Украина во февруари 2022 година. При овој конфликт загинаа десетици илјади луѓе. Путин бара руска контрола врз делови од украинска територија, надвор од она што неговите сили го окупираа.
Трамп рече дека завршувањето на војната е клучен приоритет на американската надворешна политика. Трамп во последните негови коментари во јавноста истакна дека се надева на решение на овој конфликт во рок од шест месеци, но не откри детален план за тоа.
Трамп ќе положи заклетва како 47-ми американски претседател
Американската церемонија на која новоизбраниот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Џеј -Ди Венс ќе положат заклетва на 20 јануари започнува во 18:00 часот по средноевропско време.
Претходно, Трамп и Венс со своите семејства ќе присуствуваат на верска служба во црквата Свети Јован. Трамп потоа ќе и се обрати на јавноста со говор во кој се очекува да ги изнесе своите цели за следните четири години.
Неговиот последен инаугуративен говор траеше 17 минути. Според информациите на американскиот медиум „Волстрит журнал“, Трамп во своето обраќање ќе повика на „револуција на здравиот разум“.
По говорот, Трамп ќе оди во „претседателската соба“ во близина на Сенатот за да потпише неколку клучни документи.
Потоа следи ручек организиран од заеднички конгресен комитет, по што американскиот претседател ќе биде дел од маршот на парадата од Капитол до Белата куќа. Во текот на ноќта, Трамп ќе присуствува на три инаугуративни балови што ќе се одржат низ Вашингтон.
Инаугурацијата на американски претседател низ историјата симболизира мирен трансфер на власта.
Иранските власти „отворени“ за разговори со Трамп
Иранскиот врховен лидер Али Хамнеи во 2018 година ги прогласи преговорите со администрацијата на Трамп за „забранети“ откако републиканскиот претседател се повлече од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година.
Но, на 20 јануари годинава, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Бакаи, изрази надеж дека втората администрација на Трамп ќе усвои „реален пристап“ и ќе ги почитува интересите на земјите од Блискиот Исток, вклучително и Иран.
Мајк Волц, кој ќе служи како советник за национална безбедност на Трамп откако тој ќе ја преземе функцијата, рече дека владата ќе донесе „клучни одлуки“ за Техеран „во текот на следниот месец“.
Високи ирански функционери како претседателот Масуд Пезешкијан и министерот за надворешни работи Абас Аракчи навестија дека владата е отворена за разговори со Трамп.
Но, таа одлука на крајот лежи кај Хамнеи, па останува отворено прашањето дали Хамнеи ќе го преиспита својот став за преговарање со лидерот што некогаш го сметаше за несигурен.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете