Достапни линкови

Вести

Повеќе од 40 земји бараат независна истрага за смртта на Алексеј Навални

Луѓето положуваат цвеќе на гробот на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални по неговиот погреб на гробиштата Борисовски во Москва на 1 март 2024 година.
Луѓето положуваат цвеќе на гробот на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални по неговиот погреб на гробиштата Борисовски во Москва на 1 март 2024 година.

Повеќе од 40 земји повикаа на независна меѓународна истрага за смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, со тврдења дека рускиот претседател Владимир Путин ја сноси крајната одговорност.

Членките на Европската унија, САД, Велика Британија, Украина, Австралија, Канада, Нов Зеланд и Норвешка се меѓу земјите кои изразија револт поради смртта на Навални во Советот за човекови права на Обединетите нации.

Четириесет и седумгодишниот Навални, кој почина во арктичкиот затвор под мистериозни околности, беше погребан на 1 март на гробиштата во Москва. Најмалку 120 лица се уапсени во Русија поради учество на собири на кои граѓаните му оддаваа почит.

„Ние сме огорчени од смртта на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, за која крајната одговорност е на претседателот Путин и руските власти“, изјави евроамбасадорката Лоте Кнудсен пред телото на ОН за човекови права во име на 43 земји.

„Русија мора да дозволи независна и транспарентна меѓународна истрага за околностите на неговата ненадејна смрт. Неочекуваната и шокантна смрт на господинот Навални е уште еден знак за забрзана и систематска репресија во Русија“.

Претставниците на овие земји нагласија дека се длабоко загрижени поради „систематското задушување на граѓанското општество“ и репресијата на политичката опозиција во Русија и во странство.

Тие ја повикаа Русија веднаш и безусловно да ги ослободи сите политички затвореници, бранители на човекови права, новинари и антивоени активисти приведени поради мирно остварување на нивните човекови права и противење на руската војна во Украина.

Ја повикуваме Руската Федерација да стави крај на оваа клима на неказнивост и да создаде безбедна средина за политичката опозиција и критичките гласови“, се вели во заедничкото сооштение на овие земји.

Тие, исто така, ја повикаа Русија „да го укине угнетувачкото законодавство и да стави крај на политичката злоупотреба на судството“.

Навални почина на 16 февруари по долгогодишно заробеништво во кое помина повеќе од 300 дена во самица, му беше одбиена медицинска помош, се пожали дека е подложен на лишување од сон и уште многу други работи. Руските судови отфрлија повеќе од 40 жалби што тој ги поднел за наводна злоупотреба.

Еден ден пред погребот, Европскиот парламент усвои резолуција со која се обвинуваат руската држава и претседателот Владимир Путин за смртта на Навални.

Во моментот на неговата смрт, овој истакнат критичар на Кремљ отслужуваше 19-годишна затворска казна под обвинение за екстремизам што тој, неговите поддржувачи, западните функционери, го негираа и ги сметаа за политички мотивирани обвинувања. Поддржувачите на Навални веруваат дека тој е убиен, а неговата вдовица Јулија Навалнаја вети дека ќе ја продолжи работата на нејзиниот сопруг.

види ги сите денешни вести

Рускиот суд на Крим осуди петмина Украинци за шпионажа

Врховен суд, Крим
Врховен суд, Крим

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) на 13 мај објави дека Врховниот суд на украинскиот регион Крим, основан од Москва, осудил петмина украински државјани на затворски казни од 11 до 16 години под обвинение за шпионажа.

Според ФСБ, тие собирале материјали за украинските воени разузнавачки служби поврзани со локацијата и движењето на руските вооружени сили на полуостровот, кој Русија незаконски го окупираше во 2014 година.

Добиените информации украинската армија ги искористила за прилагодување на нападот на руските воени позиции, соопшти руската ФСБ.

Откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, беа покренати десетици случаи против Украинци и граѓани на неколку други поранешни советски републики под обвинение за шпионажа.

Активистите за човекови права очекуваат дополнително зголемување на случаите.
ФСБ во понеделникот одделно соопшти дека уапсила човек кој работел за рускиот технолошки гигант Yandex за испраќање пари на украинска добротворна организација која купувала опрема и оружје за нејзините вооружени сили.

Агенцијата соопшти дека „ги потиснала незаконските активности на поранешен вработен во „Јандекс“ во регионот Нижни Новгород, кој бил вмешан во извршување предавство во форма на давање финансиска помош на украинските вооружени сили“, објавија руските државни медиуми.

Поранешниот в.д. директор на пензискиот фонд, татко му и сестрата осомничени за злоупотреба на 600 илјади евра

Илустрација
Илустрација

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава за тројца тетовци од кој првопријавениот е поранешен в.д. директор на Фондот за пензиско осигурување.

Кривичната пријава против Д.Б. (45) од Тетово е поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Тој како вршител на должноста на 22.02.2023 објавил повик за закуп на деловен простор за потребите на Фондот во два дневни весници. Како потенцијални закуподавци се јавиле М.С. и Ј.Б. од Тетово, кои имале недвижен имот.

Второпријавениот кој е татко на директорот Р.Б. ги контактирал заинтересираните, и се договориле да ја продадат куќата за сума од 260.000 евра, но да потпишат документација за давање под закуп на недвижниот имот со Фондот, а потоа да склучат и преддоговор за купопродажба на имотот.

„На 02.03.2023 помеѓу Фондот, застапуван од пријавениот Д.Б., од една страна и М.С. и Ј.Б., од друга страна, бил склучен договор за закуп на недвижен имот со износ на закупнина од 1.890 евра месечно за времетрање на договорот од 20 години или во вкупен износ од 453.600 евра. Истиот ден бил склучен и преддоговор за купопродажба на недвижниот имот меѓу М.С. и Ј.Б. и третопријавената А.Х. (сестра на Д.Б.). Потоа, М.С. како закуподавец, паричните средства кои што Фондот месечно ѝ ги исплаќал за закуп, ги вадела од нејзината сметка и во готовина на рака му ги давала на второпријавениот Р.Б., бидејќи согласно преддоговорот за продажба и нивниот меѓусебен договор, имотот бил продаден на неговата ќерка“, се вели во соопштението од МВР.

И покрај тоа што в.д. директорот знаел дека ќе има потреба од реконструкција и адаптација на имотот, на 30.01.2023 била донесена одлука за јавна набавка за тековно одржување во централа, филијали, деловници, пензионерски домови велат од полицијата.
Врз основа на оваа набавка биле исплатени вкупно 9.915.238 денари со вклучен ДДВ.

„Со ваквите дејствија, пријавениот Д.Б., заедно со пријавените Р.Б. и А.Х., ги повредил прописите за постапката за јавен повик и со нивниот меѓусебен договор ја изиграле постапката, па така неговата сестра, пријавената А.Х., стекнала право на сопственост на недвижниот имот, кој што е предмет на закуп од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со што пријавените нанеле штета на Фондот од 614.484 евра од Буџетот на РСМ, се вели во соопштението од МВР.

Против таткото на директорот Р.Б.(72) и сестрата на директорот А.Х.(40) од Тетово се поднесени пријави за „помагање“ во извршување на кривичното дело.

Средба меѓу Косово и Србија за динарот во среда во Брисел

Илустрација
Илустрација

Следниот состанок на главните преговарачи на Србија и Косово, на кој повторно ќе се разговара за динарот, ќе се одржи во среда на 15 мај во Брисел, потврди портпаролот на Европската унија (ЕУ) Петер Стано.

Според портпаролот на Брисел, се очекува партиите да се однесуваат европски и да најдат компромисно решение.

Ова ќе биде седма средба во рамки на дијалогот на која исклучиво се разговара за динарот.

„Од секоја средба што се одржува во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина, очекуваме дека ќе има финална што ќе се занимава со тоа конкретно прашање. Тие прашања го одвлекуваат вниманието од она што е навистина неопходно, а тоа е напредок во спроведувањето на Охридскиот договор. Се надеваме дека страните ќе можат да се однесуваат во европски дух и да го постигнат потребниот компромис и повторно, како и во сè што е поврзано со дијалогот, тоа навистина не зависи од тоа што сакаме, туку од волјата и способноста на двете страни да постигнат прифатлив компромис“, изјави Стано.

Регулативата на Централната банка на Косово предвидува дека еврото ќе биде единственото платежно средство во Косово“, изјави портпаролот Стано.

Во Косово на 1 февруари стапи на сила уредбата на Централната банка на Косово, со која еврото стана единствена официјална валута за готовинско плаќање во земјата.

Меѓународната заедница побара од Косово да го одложи спроведувањето на уредбата и да најде краткорочно преодно решение, бидејќи декретот има влијание врз локалното население на северот на Косово, кое добива исплати во динари од буџетот на соседната земја Србија со години.

УКИМ на 1.990 место од 2.000 најдобри универзитети во светот

Студенти на УКИМ, Скопје
Студенти на УКИМ, Скопје

Објавена е листата на најдобри светски универзитети, а само УКИМ е во првите 2000 од Северна Македонија.

Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR) ја објави листата на 2.000 најдобри универзитети во светот за 2024 година, на која државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје е рангиран на 1.990 место.

Овој универзитет е на истата позиција од минатогодишното рангирање и се уште е единствениот македонски универзитет кој се наоѓа на ова рангирање.

Според листата, петте најдобро рангирани универзитети во светот, се универзитетите Харвард, МИТ и Стенфорд од Соединетите Американски Држави, Кембриџ и Оксфорд од Велика Британија.

Од земјите од соседството, Србија има четири високообразовни институции меѓу најдобрите светски универзитети. Од нив, најдобро рангиран е Белградскиот универзитет, кој се најде на 376 место, што е пад од 14 позиции во однос на лани, а на листата се и универзитетите во Нови Сад, Крагуевац и Ниш.

Од Бугарија се рангирани два универзитета, додека пак Грција е на листата со 12 универзитети.

Од Хрватска на рангирањето се најдоа четири високообразовни институции. На листата и годинава немаше место за ниту еден универзитет од Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

САД остануваат посветени на договорот од Преспа, по говорот на претседателката

Американската амбасада во Скопје
Американската амбасада во Скопје

Aмериканската амбасада во Република Северна Македонија излезе со кус став по однос на прашањето за вчерашната инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова.

Соединетите Американски Држави остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа и на евроатлантските интеграции на Северна Македонија, се вели во соопштението од амбасадата.

„Откако ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер, ќе продолжиме да ја зајакнуваме важноста на почитувањето на меѓународните договори и придобивките од напредокот на државата со полноправно членство во Европската Унија“, пишуваат од амбасадата на САД.

Сиљановска Давкова давајќи свечена изјава во Собранието наместо уставното име Република Северна Македонија користеше само Македонија.

Претседателот на Собранието, Јован Митрески, додека ја читаше свечената изјава во која е содржано уставното име Република Северна Македонија, претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова, повторуваше идентично освен во делот на името на Републиката каде користеше само Македонија.

Првата реакцја пристигна во истиот момент кога амбасадорката на Грција, Софија Филипиду, во ист момент ја напушти собраниската пленарна сала во знак на протест. Од грчката амбасада рекоа дека тоа го сторила по инструкции од Министерството за надворешни работи на Грција.

Блинкен со остра критика за воените планови на Израел

Американскиот државен секретар, Антони Блинкен
Американскиот државен секретар, Антони Блинкен

Американскиот државен секретар Антони Блинкен ja даде една од најострите изјави досега за Израел и војната во Газа.

Високиот американски дипломат рече дека тактиката на Израел довела до „ужасна загуба на невини цивилни животи“, но не успеала да ги неутрализира водачите и борците на Хамас, палестинската група прогласена за терористичка организација од Соединетите Американски Држави и Европската Унија,.

Во две телевизиски интервјуа, Блинкен нагласи дека САД веруваат дека израелските сили „мора да ја напуштат Газа“, но исто така рече дека очекува да види веродостојни израелски планови за безбедност и управување на територијата по завршувањето на војната.

Хамас повторно се појави во делови од Газа, рече Блинкен, а „тежок потег“ на израелските сили во јужниот град Рафах ќе ризикува најблискиот сојузник на Вашингтон на Блискиот исток да се соочи со „одржлив бунт“.

Тој рече дека САД со недели соработуваат со арапските држави и други за да развијат „веродостојни планови за безбедност, управување, реконструкција“ во Газа, но „не сме виделе дека Израел го прави тоа. Мораме да го видиме тоа“.

Повеќе од милион Палестинци се засолниле во Газа поради борбите во други делови на територијата. Израел објави дека во овој град има и четири баталјони на Хамас.

Војната во Газа започна на 7 октомври, откако Хамас го нападна јужен Израел, убивајќи речиси 1.200 луѓе, повеќето цивили, а киднапирајќи речиси 250 други. Во израелската офанзива загинаа повеќе од 35.000 Палестинци, од кои повеќето жени и деца, според Министерството за здравство на Газа.

Кристерсон: Шведска во време на војна ќе дозволи распоредување на нуклеарно оружје

Премиерот на Шведска, Улф Кристерсон
Премиерот на Шведска, Улф Кристерсон

Премиерот на Шведска, Улф Кристерсон денеска изјави дека ќе дозволи распоредување на нуклеарно оружје на шведска територија во време на војна.

Шведскиот Парламент во јуни ќе гласа за Договорот за одбранбена соработка (ДЦА) со Соединетите Држави, кој ќе му овозможи на Вашингтон до воените бази во Шведска и ќе дозволи складирање на воена опрема и оружје во оваа скандинавска земја.

„Во воена ситуација тоа е сосема поинаква работа, (тоа) целосно ќе зависи од она што ќе се случи. Во апсолутно најлошото сценарио, демократските земји во нашиот дел од светот на крајот мора да можат да се бранат од земји кои би можеле да ни се закануваат со нуклеарно оружје,“ изјави Кристерсон за Шведското радио.

Тој додаде дека одлуката за распоредување на нуклеарно оружје ќе биде донесена од Шведска, а не од САД.

„Шведска одлучува за шведска територија“, наведе Кристерсон.

Критичарите на нуклеарното оружје, меѓу кои и шведското Здружение за мир и арбитража бараат од Владата во договорот за одбранбена соработка со САД да биде ставено дека Шведска нема да дозволи нуклеарно оружје на нејзина територија.

НБРМ: Нема позначителни намалувања кај цените на храната

 Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на НБРМ
Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на НБРМ

Народната банка изврши надолна корекција на проекцијата за раст на македонската економија оваа година. При презентацијата на пролетните макроекономски проекции, гувернерката на народната банка Анита Ангеловска-Бежоска рече дека полошите изгледи за македонската економија се должат на слабата година лани и лошата реализација во првиот квартал од оваа година.

Таа оцени дека во земјава сè уште нема позначителни надолни прилагодувања кај цените на храната. Ако се спореди нивото на цените на храната со предпандемискиот период, тие, рече Бежоска, се речиси двојно повисоки од нивото на светските цени на храната.

Таа сепак истакна дека е позитивно тоа што согласно меѓународните финансиски институции, се проектира натамошен пад на цените на храната оваа година, а стабилизирање на нивното ниво наредната година, што остава простор за одредени надолни корекции.

„Ако се погледне движењето на светските цени на храната од средината на 2022 година, има речиси континурано намалување, но според последните податоци, се уште не се вратени на предпандемиското ниво и се повисоки за околу 17 - 18 отсто. Доколку овие трендови ги споредиме со трендовите во домашната економија, може да констатираме дека не се целосно синхронизирани. Кај нас, растот на цените на храната почна подоцна од растот на светските цени на храната и сè уште не гледаме позначителни надолни прилагодувања кај цените на храната“, рече гувернерката.

Во однос на економскиот раст, и натаму се очекува постепено забрзување во следниот период, но малку побавно во однос на октомвриските проекции. Овие оцени ги одразуваат послабите остварувања во 2023 година, како и оцените за малку понеповолно надворешно окружување и одложено влијание на домашните фактори, односно побавно спроведување на градежните активности поврзани со новите инфраструктурни проекти. Се очекува дека стапките на раст на БДП ќе изнесуваат 2,6% во 2024 година и 3,6% во 2025 година, наспроти октомвриските очекувања за 3% и 4% во 2024 и 2025 година, соодветно.

Проекциите за 2024 година покажуваат и просечна стапка на инфлација од 3,5%, што е на долната граница на интервалот очекуван во октомври (3,5 − 4%). На среден рок очекувањата се непроменети, односно во периодот 2025 - 2026 година, инфлацијата ќе се сведе на историскиот просек од 2 проценти.

Десетици уапсени на протестот во Ереван за договорот за границата со Азербејџан

Ерменскaта полиција приведува демонстрант кој се обидел да блокира улица во знак на протест против договорот за демаркација на границата со Азербејџан, Ереван, 13 мај 2024
Ерменскaта полиција приведува демонстрант кој се обидел да блокира улица во знак на протест против договорот за демаркација на границата со Азербејџан, Ереван, 13 мај 2024

Ерменската полиција уапси најмалку 151 антивладини активисти кои протестираа против контроверзниот договор за демаркација на границата со Азербејџан, додека ја спроведуваат кампањата за „граѓанска непослушност“ блокирајќи ги улиците во центарот на Ереван на 13 мај.

Органите за спроведување на законот за ерменската служба на Радио Слободна Европа изјавија дека приведените не ги почитувале полициските наредби.

Акциите на граѓанска непослушност беа спроведени на повик на архиепископот Баграт Галстанијан, кој бара оставка од премиерот Никол Пашинијан поради договорот за границата.

Ереван и Баку постигнаа прелиминарен договор во протоколот потпишан на 19 април, со кој Ерменија ја отстапува контролата врз четири села кои Ереван ги контролира од 1990-тите.

Масовни протести во Ереван против договорот за границата со Азербејџан
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:04 0:00

Пашинијан рече дека се неопходни еднострани отстапки за да се спречи воената агресија на Азербејџан против Ерменија.

Некои од сојузниците на Пашинијан во парламентот ги обвинија неговите противници за оркестрирање на пучот и се обидоа да го поврзат движењето со поранешниот претседател Роберт Кочарјан или руските интереси. Тие, исто така, го обвинија Галстанијан (52) дека е руски шпион, без да дадат докази за ваквите тврдења.

Ерменија и Азербејџан водеа две војни во последните три децении за регионот Нагорно-Карабах, кој беше мнозинска етничка ерменска енклава од распадот на Советскиот Сојуз и е меѓународно призната како територија на Азербејџан.

Во 2020 година, Азербејџан врати делови од Нагорно-Карабах заедно со седум околни области што ерменските сили ги зазедоа за време на претходниот конфликт.

Откако Баку ја презеде целосната контрола врз регионот како резултат на еднодневната воена операција во септември, а речиси 100 000 етнички Ерменци избегаа од Нагорно-Карабах во Ерменија.

Израелските сили ги засилуваат нападите врз бегалскиот камп Џабалија во Газа

Појасот Газа, мај 2024 година
Појасот Газа, мај 2024 година

Израелските тенкови, под силен воздушен и копнен оган, влегоа подлабоко во Џабалија во северниот дел на Појасот Газа во понеделник (13 мај), објавија медиумите, додека тенкови и војници преминаа на клучниот автопат на периферијата на јужниот град Рафа.

Вооруженото крило на Хамас, кое САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација, соопшти дека неговите борци биле вклучени во вооружени пресметки со израелските сили на една од улиците источно од Рафа и источно од Џабалија.

Во Џабалија, тенковите се обидуваа да напредуваат кон срцето на кампот, најголемиот од осумте стари бегалски кампови во Газа. Жителите рекоа дека тенковски гранати паднале врз центарот на кампот и дека воздушните напади уништиле голем број куќи.

Жителите и здравствените работници изјавија дека неколку луѓе биле убиени и ранети во серија воздушни напади врз кампот во текот на ноќта. Лекарите рекоа дека не можат да испратат тимови во некои од бомбардираните области поради интензитетот на израелското бомбардирање, но има извештаи за загинати.

Во Рафа, во близина на границата со Египет, Израел ги засили воздушните и копнените бомбардирања на источните делови на градот.

Жителите велат дека израелските тенкови го пресекле патот Салахудин кој го дели источниот дел од градот, додека источниот дел на Рафа е „град на духови“.

Во Израел, војската се огласи со сирени неколку пати во областите во близина на Појасот Газа, предупредувајќи на потенцијален ракетен и минофрлачки истрел од палестинска територија.

Израелската војска доцна во саботата соопшти дека силите кои дејствуваат во Џабалија го спречуваат Хамас, кој владее со Газа, да ги обнови своите воени капацитети таму.

Бројот на загинати од израелската воена операција во Појасот Газа надмина најмалку 35 000 луѓе, соопшти Министерството за здравство на Газа, под контрола на Хамас. Бомбардирањето ја опустоши крајбрежната енклава и предизвика длабока хуманитарна криза.

Војната беше поттикната од нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, во кој, според израелските податоци, загинаа околу 1200 луѓе, а повеќе од 250 луѓе беа земени како заложници.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG