Достапни линкови

Израел „во војна“ по ненадејните напади на Хамас, стотици мртви


Жители одат по улица каде се урна зграда за време на израелски воздушен напад во градот Газа рано на 8 октомври 2023 година.
Жители одат по улица каде се урна зграда за време на израелски воздушен напад во градот Газа рано на 8 октомври 2023 година.

Стотици мртви и повредени во борбите кои почнаа откако милитантите на Хамас започнаа напад врз Израел. Десетици борци на Хамас се инфилтрираа преку силно утврдената граница, а израелската војска по нападот гаѓа цели на Хамас во Газа. Израел прогласи воена состојба, а убиен е висок член на Хамас.

Повеќе од 1.000 луѓе се убиени во Израел и во Појасот Газа откако палестинските милитанти од Хамас започнаа ненадеен напад врз Израел на 7 октомври, што предизвика одговор од израелските сили.

Властите во Израел соопштија дека досега најмалку 600 Израелци се убиени за време на насилствата.

Околу 250 тела наводно се отстранети од местото на музички фестивал во јужен Израел, кој беше нападнат.

Таа бројка доаѓа од Организацијата за пребарување и спасување Зак, цитирана од израелските медиуми. Радио Слободна Европа не можеше самостојно да ја потврди оваа информација

Бројот на жртвите во Појасот Газа достигна 413. Според палестинските здравствени власти, меѓу жртвите има 78 деца, а повредени се 2.300 луѓе.

Советот за безбедност на ОН вечерва заседава зад затворени врати.

Израел соопшти дека извршил повеќе од 400 напади врз Појасот Газа, инсистирајќи дека тие биле насочени кон инфраструктурата на Хамас, а премиерот Бенјамин Нетанјаху ги предупреди граѓаните во Појасот да го напуштат регионот, бидејќи неговите војници милитантните зони ќе ги претворат „во рушевини“.

Околу 800 цели на Хамас беа погодени во Газа, изјави портпаролот на израелската армија.

Стотици борци на Хамас беа убиени, а десетици беа заробени, додаваат тие.

ОН зад затворени врати за конфликтите во Израел

Советот за безбедност на ОН ќе одржи состанок зад затворени врати за кризата во Израел и Газа.

Претходно пред новинарите се обрати израелскиот амбасадор во ОН, Гилад Ердан. Тој рече дека овој напад без преседан на Хамас е „Израелскиот 11 септември“, алудирајќи на терористичките напади врз САД од 11 септември 2001 година.

Тој држеше фотографии и видеа на кои се гледаат тела расфрлани низ улицата и заложници како се влечени во возила и однесени во Газа.

Тој рече дека на една фотографија е прикажана баба, преживеана од Холокаустот, како заробена и принудена да држи пушка.

Ердан рече дека сликите ќе останат врежани во неговиот мозок засекогаш и побара Советот за безбедност на ОН недвосмислено да го осуди Хамас.

Амбасадорот на Израел во ОН го обвини Хамас дека извршил „очигледни, документирани воени злосторства“.

Палестинскиот амбасадор во ОН: Разрешете ги основните причини за конфликтот

По сличниот настап на неговиот израелски колега, палестинскиот амбасадор во Обединетите нации разговараше со новинарите во ОН.

Ријад Мансур изрази загриженост дека пораките за „правото на Израел да се брани“ израелската влада може да ги протолкува како „дозвола за убивање“. Тој побара итен состанок на Лигата на арапските држави (ЛАС) во Каиро во следните неколку дена.

Мансур потоа зборуваше за основните причини за конфликтот, за кои рече дека треба да се решат за да се промовира мирот.

Тој рече дека израелската блокада на Газа не ги уништи воените капацитети на Хамас, туку само предизвика ужасни страдања на целото цивилно население.

Палестинците, рече тој, не се „потчовечки“ и никогаш нема да прифатат реторика која „ја оцрнува нивната хуманост, ги негира нивните права... ја игнорира окупацијата на нивната земја и угнетувањето на нивниот народ“.

САД ќе ја доближат ударната група на носачи поблиску до Израел

Соединетите Американски Држави ќе донесат ударна група носач, која го вклучува носачот Форд и неговите бродови за поддршка, поблиску до Израел, изјави американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.

Остин исто така додаде дека САД ќе му обезбедат муниција на Израел и дека неговата безбедносна помош ќе започне да се движи во недела.

Пентагон ќе додаде и борбени авиони во регионот, објави Ројтерс.

Бајден разговараше со Нетанјаху

Американскиот претседател Џо Бајден разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и ја изрази својата целосна поддршка, потврди израелскиот премиер.

Нетанјаху претходно денеска изјави дека разговарал со лидерите на Германија, Украина, Италија и Велика Британија. Сите изразија поддршка за правото на Израел да се брани, рече тој.

Во меѓувреме, турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан разговарал за конфликтот со американскиот државен секретар Антони Блинкен, според извор од турското Министерство за надворешни работи.

Израел прогласи воена состојба

Безбедносниот кабинет на Израел на 8 октомври прогласи воена состојба по нападот на палестинската екстремистичка организација Хамас, кој дозволува „далекусежни воени чекори“, соопшти кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Канцеларијата на Нетанјаху соопшти дека конфликтот, кој однесе стотици животи на двете страни во саботата и неделата, му бил „наметнат на Израел со убиствен терористички напад од Газа“.

Израелските власти претходно соопштија дека во Израел најмалку 250 луѓе се убиени, а повеќе од 1.500 се ранети.

Лидерот на Хамас Јунис е убиен во израелските напади врз Газа

Висок член на Хамас беше убиен во израелските напади врз Газа, започнати како одговор на саботниот напад на палестинските милитанти врз еврејската држава.

Телото на лидерот на Хамас, Ајман Јунис, беше извлечено од урнатините во неделата, на 8 октомври, откако ракета ја погоди неговата куќа во бегалскиот камп Нусејрат во центарот на Газа, потврди Агенцијата за цивилна заштита, пренесе новинската агенција ДПА.

Израелски воени авиони извршија напади врз цели на Хамас, кој владее со Појасот Газа, по големиот напад на палестинските милитанти во Израел, според податоците објавени од израелската телевизија.

Според претходните информации на израелските власти, нова серија ракети истрелани од милитантите од Газа во саботата вечер директно погодиле повеќе локации во Израел, вклучително и Тел Авив.

Во објава на Телеграм, вооруженото крило на Хамас - милитантна група означена како терористичка организација од Соединетите Држави, ЕУ и Израел, соопшти дека истрелала дополнителни 150 ракети како одговор на бомбардирањето на станбена висококатница во градот Газа.

Ова следуваше откако во саботата наутро на 7 октомври палестинските милитанти од Газа истрелаа смртоносен налет на ракети и испратија вооружени лица на израелска територија.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја прогласи својата земја „во војна“, а како одговор, Израел започна воздушни напади врз Газа, а борбите продолжија во текот на денот.

„Граѓани на Израел, ние сме во војна, и ќе победиме“
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:03 0:00

Нетанјаху доцна синоќа вети дека ќе го победи Хамас, но и порача на земјата дека војната „ќе потрае“.

Тој рече дека милитантната група убила жени, деца и постари лица и дека е одговорна за благосостојбата на луѓето што ги заробила.

Ненадејниот напад и борбите што следеа означуваат голема ескалација во долготрајниот конфликт меѓу двете страни.

Израелските одбранбени сили соопштија дека Хамас земал заложници и воени заробеници откако започна ненадејниот напад. Милитантната група тврди дека има десетици заробеници.

Израелската војска потврди дека Хамас држи заложници, но не соопшти колку. Високиот член на Хамас, Салех ал-Арури рече дека милитантната група, која управува со Газа, „е подготвена за најлошото сценарио, вклучително и копнена инвазија“.

Во телевизискиот говор во саботата вечерта, објавен од Ројтерс, Нетанјаху рече:

„Она што се случи денес никогаш не е видено во Израел. Ќе се одмаздиме за овој мрачен ден“, изјави Нетанјаху.

Тој додаде: „Израел ќе стигне до секое место каде што Хамас се крие“, и ги предупреди жителите на Газа да си заминат сега.

Нетанјаху се осврна и на заробените Израелци. „Му велам на Хамас, вие сте одговорни за благосостојбата на затворениците. Израел ќе се справи со секој што ќе им наштети“, рече Нетанјаху.

Папата Франциск: Тероризмот и војната нема да решат никакви проблеми

Папата Франциско повика на прекин на нападите и насилството во Израел и Газа, велејќи дека тероризмот и војната нема да решат никакви проблеми, туку само ќе донесат повеќе страдања и смрт на невини луѓе.

„Со вознемиреност и тага следам што се случува во Израел“, рече Папата во неделното обраќање пред верниците на плоштадот Свети Петар.

Тој изрази солидарност со семејствата на жртвите и рече да се молат за сите оние кои доживуваат страв и болка.

„Нека престанат нападите и замолчи оружјето, ве молам, затоа што треба да се разбере дека тероризмот и војната не носат решенија, туку само смрт и страдање на многу невини луѓе. Војната е пораз, секоја војна е пораз. Молиме за мир во Израел и Палестина“, рече папата Франциск.

Израелците ги проверуваат урнатините на зградата еден ден откако беше погодена од ракета истрелана од Појасот Газа, во Тел Авив, Израел, недела, 8 октомври 2023 година.
Израелците ги проверуваат урнатините на зградата еден ден откако беше погодена од ракета истрелана од Појасот Газа, во Тел Авив, Израел, недела, 8 октомври 2023 година.

Се вклучи Хезболах, Израел го гаѓаше јужен Либан

Израелската војска во неделата наутро, на 8 октомври, соопшти дека цели кон јужен Либан, откако неколку минофрлачки гранати биле истрелани на израелска територија.

Ракетите паднале во спорната област на планината Дов на границата со Либан, а нема извештаи за повредени или материјална штета, јавуваат израелските медиуми, а пренесува агенцијата АФП.

„ИДФ (Израелските одбранбени сили) преземаат подготвителни мерки за оваа можност и ќе продолжат да дејствуваат во сите региони и кога е потребно за да се обезбеди безбедност на израелските цивили“, се вели во соопштението на армијата.

Шиитската милитантна организација Хезболах соопшти дека истрелала ракети и гранати од Либан кон северен Израел, пренесе агенцијата ДПА.

„На патот за ослободување на нашата окупирана либанска земја и во знак на солидарност со победничкиот палестински отпор и борбата на палестинскиот народ, бригадата на мачениците (Хезболах) водачот Хаџ Имад Мугније во Исламскиот отпор (Хезболах) утринава во недела, 8 октомври 2023 година нападна три места на ционистичка окупација во окупираната област на либанска Шеба“, се вели во соопштението на групата.

Три места во фармите Шеба, појас земја на либанско-сириската граница и Голанската висорамнина под израелска окупација, се директно погодени, се вели во соопштението.

Се додава дека цел на ракетите биле радарите, градот Забдин и градот Руваисат Ел-Алам, со голем број артилериски гранати и наведувани проектили.

Израелската армија се бори против Хамас на осум локации

Израелската армија во неделата на 8 октомври објави дека нејзините сили се борат против упадите на Хамас на осум локации. Портпаролот на израелската војска изјави дека две заложнички ситуации се „решени“, но не кажа дали сите заложници се спасени живи.

Израел погоди 426 цели во Газа, соопшти израелската војска, срамнувајќи станбени згради. Тие вклучуваат кула од 14 ката во која се сместени десетици станови, како и канцеларии на Хамас во центарот на градот Газа. Израелските сили велат дека издале предупредување непосредно пред тоа.

Вооружени напаѓачи на Хамас упаднаа на 22 локации надвор од Појасот Газа рано наутро во саботата, вклучувајќи градови и други заедници на 15 милји од границата со Газа, додека Хамас лансираше илјадници ракети врз израелските градови, објави Асошиетед прес.

Се крева чад по израелските напади во Газа, 7 октомври 2023 година.
Се крева чад по израелските напади во Газа, 7 октомври 2023 година.

Силата, софистицираноста и времето на нападот во саботата наутро ги шокираа Израелците. Борците на Хамас употребија експлозив за да ја пробијат граничната ограда околу Газа, а потоа преминаа со мотоцикли, пикап камиони, параглајдери и глисери на брегот.

Во аматерската снимка, стотици преплашени млади луѓе кои танцувале на рејв трчаат да си го спасат животот откако милитантите на Хамас влегле во областа и отвориле оган врз нив.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека војската ќе ги искористи сите сили за да ги уништи способностите на Хамас.

„Сите места каде што се крие Хамас, од кои дејствува, ќе ги претвориме во урнатини“, додаде тој. Израелската војска во текот на ноќта во неделата издаде предупредување до арапските заедници во Газа во близина на границата со Израел да ги напуштат своите домови и да одат во областите подлабоко во енклавата.

Израел акцијата во саботата како одговор за уподат на Хамас ја нарече „Операција Железен меч“.

Борби во неколку градови

Отакко Израел вчера на 7 октомври рече дека групата поддржана од Иран му објавила војна на Израел, кога војската потврди дека се бори против милитантите во неколку израелски градови и воени бази во близина на Газа, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека неговата земја е во војна.

Граѓани на Израел, ние сме во војна“, рече израелскиот лидер во видео порака од воениот штаб во Тел Авив.

Неговата изјава дојде откако претходно израелскиот министер за одбрана објави дека милитантната група Хамас започнала војна против Израел и вети дека „Израел ќе победи“.

Израелската војска на 7 октомври соопшти дека напаѓа цели на Хамас во Газа, по интензивниот ракетен напад во раните утрински часови, насочен кон јужен Израел.

Чад се гледа во областа Реховот додека ракетите се лансираат од Појасот Газа, во Израел на 7 октомври 2023 година.
Чад се гледа во областа Реховот додека ракетите се лансираат од Појасот Газа, во Израел на 7 октомври 2023 година.

По состанокот на безбедносниот кабинет во воениот штаб на Израел во Тел Авив, министерот за одбрана Јоав Галант предупреди дека Хамас „направил сериозна грешка“ со лансирањето ракети кон јужниот и централниот дел на Израел во својот ненадеен напад рано наутро.

На 7 октомври Европската унија ги осуди нападите на палестинската група Хамас врз Израел и повика на итен прекин на насилството.

„Ова страшно насилство мора веднаш да престане. Тероризмот и насилството не решаваат ништо. ЕУ ја изразува својата солидарност со Израел во овие тешки моменти“, рече високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

Палестинските милитанти во Појасот Газа извршија инфилтрација во јужниот дел на Израел на 7 октомври, испраќајќи борци преку границата и истрелувајќи илјадници ракети во земјата, а милитантната група Хамас најави почеток на нова операција.

Израелската војска ја стави земјата во состојба на готовност и почна да гаѓа цели во Газа како одговор на нападот.

Во оваа сериозна ескалација на конфликтот, голем број ракети истрелани од Газа активираа сирени за воздушни напади сè до Ерусалим.

Лидерот на военото крило на Хамас, Мохамед Деи, го најави почетокот на, како што рече, „Операцијата Бура Ал Акса“.

„Денес народот ја враќа својата револуција“, рече тој во снимената порака, и ги ги повика Палестинците од Источен Ерусалим до северен Израел да се приклучат на борбата и „да ги истераат окупаторите и да ги урнат ѕидовите“.

Тој тврди дека Хамас истрелал над 5.000 ракети кон Израел.

Израелската војска на 7 октомври потврди дека имало инфилтрација на неколку локации во близина на границата со Газа во јужен Израел. На жителите им беше наложено да останат внатре.

Израел ја одржува блокадата на Газа откако Хамас, исламска милитантна група ја презеде контролата врз територијата во 2007 година.

Оттогаш тие водеа четири војни. Имаше и бројни помали борби меѓу Израел и Хамас и други помали милитантни групи со седиште во Газа.

XS
SM
MD
LG