Достапни линкови

22 години Охридски рамковен договор


22 години Охридски рамковен договор
22 години Охридски рамковен договор

Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година. Потписи на него ставија Борис Трајковски, Љубчо Георгиевски, Бранко Црвенковски, Имер Имери, Арбен Џафери, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју

На денешен ден пред дваесет и две години беше потпишан Рамковниот договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот вооружен конфликт во земјава во 2001 година.

Во рамки на одбележувањето на 22-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, по втор пат ја организира Школата за млади лидери „Peace Forum Dialogue“ (ПФД) со над 80 учесници. Одбележувањето започна вчера со Форум во Маврово на кој говореше заменик министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Џабир Доко.

Комитетот за односи меѓу заедниците денеска одржа свечена седница по повод одбележувањето на 22-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Официјалното одбележување завршува со концерт „Мировен фестивал„ на плоштадот Скендерб во Скопје, само со забавен карактер, без обраќање на партиски и државни функционери.

На концертот, пред неколкуилјадна публика, настапија познати албански музичари од Северна Македонија и од регионот.

Мировен концерт на плоштадот Скендербег во Скопје по повод 22-годишнината од Рамковниот договор
Мировен концерт на плоштадот Скендербег во Скопје по повод 22-годишнината од Рамковниот договор

100.000 евра за прослава

Годишнината од Договорот ќе биде прославена и со концерт на плоштадот „Скендербег“ во Скопје. Како што појаснија претходно организаторите, концертот е насловен „Мировен фестивал“ и ќе биде од забавен карактер и не се планирани обраќања на политичари. Овој дел од одбележувањето на годишнината го организира агенцијата „Арберија Дизајн“.

Чествувањето чини околу 100 илјади евра, тендерот, на кој немаше конкуренција, го доби тетовската фирма Арберија дизајн, која во повеќе наврати до сега добиваше разни тендери распишани од Владата или од поединечни министерства. Меѓу другото, обврска за Арберија за овогодишната прослава е да обезбеди и стихотворба од реномиран поет и спот за песна.

„Преку „Peace Forum Dialogue“ на младите им се дава можност да стекнат знаења за функционирањето на политичкиот систем во земјата, спроведувањето на политиките кои произлегуваат од Охридскиот рамковен договор, унапредувањето на меѓуетничките односи, управувањето со конфликти, градењето мир, социјалната кохезија, консензуалната демократија, градењето мир и соживот меѓу етничките заедници и интеграција на граѓаните во јавниот, социјалниот, економскиот и културниот живот“, наведуваат од Кабинетот на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

За концертот на Скендербер, вицепремиерот Артан Груби лани изјави дека се надева оти ова ќе стане традиција.

Ковачевски, Ахмети, Османи... за Рамковниот

Охридскиот рамковен договор донесе мир и овозможи континуиран развој на општествената кохезија и на европскиот концепт на обединетост во различностите, напиша премиерот Димитар Ковачевски на неговиот фејсбук профил.

Претседателот на ДУИ Али Ахмети, по повод годишнината од Договорот, упати порака во која повикува, како што е наведено, на единство и обединување околу европскиот фронт.

За шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, Рамковниот е историска пресвртница и модел за промоција на современи вредности.

Ангелов: Македонските бранители победија во конфликтот со финален пораз на политичарите

Лидерот на „Достоинство“ и поранешен генерал во специјалните полициски единици на МВР, Стојанче Ангелов, денеска изјави дека „македонските бранители победиле во сите битки и не дале ни една педа македонска земја во конфликтот со финален пораз на политичарите“.

Сепак смета дека една од позитивните страна на Рамковниот договор е тоа што спречил понатамошно крвопролевање, поделби и омраза.
„Но тоа не значи дека денес, 22 години подоцна, кога процесот на меѓуетничко помирување е во напредна фаза, треба да дозволиме на некои мали субјекти од албанскиот политички блок постојано да ни се качуваат на глава само за да освојат глас повеќе кај шовинистичкиот и сепаратистички дел од албанското гласачко тело кој, за воља на вистината, денес е минорен но многу гласен“, вели Ангелов.

Што донесе Рамковниот?

Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју. Во разговорите што започнаа во јули во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, беа консултирани повеќе советници и експерти.

Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел – 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.

За успешна имплементација на договорот, беше формиран Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој во 2019 година се трансформираше во Министерство за
политички систем и односи меѓу заедниците.

Потпишување на Рамковниот договор 2001
Потпишување на Рамковниот договор 2001

Во основните принципи на документот се наведува дека „целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели“.

„Само мирни политички решенија можат да ја загарантираат стабилната и демократска иднина на Македонија. Суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, и унитарниот карактер на државата се неповредливи и мора да се сочуваат. Не постојат територијални решенија за етничките прашања. Мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот“, стои, меѓу другото, во Охридскиот рамковен договор.

Договорот содржи и три Анекси: Уставни амандмани, Измени во законодавството и Имплементација и мерки за градење доверба, како и завршни одредби.

XS
SM
MD
LG