Достапни линкови

Зошто Твитер стана „X“?


Новото лого на Твитер
Новото лого на Твитер

Сопственикот на социјалната мрежа Твитер, Илон Маск објави дека познатата птица од логото ја замени со буквата X. Маск на Твитер напиша дека неговата идеја да го смени логото со голема буква Х ја симболизира „несовршеноста во сите нас што не прави единствени“.

Птицата Лари, која го доби името по легендарниот НБА кошаркар Лари Брд, повеќе не е логото на социјалната мрежа Твитер. Сега тоа е голема, стилизирана буква X.

Сопственикот на Твитер, Илон Маск, најави ненадејно ребрендирање на компанијата во серија објави во недела, 24 јули.

Зошто?

Овој потег е дел од напорите да се претвори водечката платформа за социјални медиуми во „апликација за секого“. Со буквата X, Маск опиша апликација која може да комбинира социјални медиуми, пораки и услуги за плаќање, слично на популарната кинеска апликација WeChat.

Ненадејната промена и изборот на ново лого делумно се објаснува со фактот дека Маск ja фаворизира буквата Х, која често се појавуваше во текот на неговата кариера.

Tesla, Model X, SpaceX, е дури и прекарот на синот на Маск, X.

Елон Маск и буквата X

Терминот „твитови“ со сина птица станува минато, бидејќи онлајн објавите сега ќе се нарекуваат „икс“.

За многумина Твитер стана синоним за брзи вести, но и политичко бојно поле. Како една од водечките социјални мрежи со 230 милиони корисници, Твитер помина долг пат од неговото лансирање во 2006 година, станувајќи и компанија и бренд.

Како нов сопственик на брендот, Маск се ребрендираше со промена на името на компанијата во X Corp.

Еден од првите деловни потфати на Илон Маск беше X.com, домен лансиран во 1999 година како платформа за онлајн банкарство и финансиски услуги. Една година подоцна, Маск беше принуден да се повлече од функцијата извршен директор на компанијата.

„Сите се обидоа да го оневозможат да ја именува компанијата по буквата X поради сексуалната конотација, но навистина му се допадна и ја задржа“, рече Ешли Венс, автор на најпродаваната книга во 2017 година: Елон Маск: Тесла, SpaceX и потрагата по фантастична иднина“, во интервју за американскиот NPR во мај.

Tри години подоцна, Маск оствари профит од 165 милиони долари кога X.com, тогаш споен со финансиската услуга Пеј Пал беше купен од eBay.

Маск го купи домеjнот X.com од Пеј Пал во 2017 година, а страницата сега ги насочува корисниците на Твитер.

"Благодарам Пеј Пал што ми дозволи да го купам X.com! Засега немам планови, но има многу сентиментална вредност за мене", напиша Маск тогаш на Твитер.

Домејнот, X.com, беше првиот голем вовед на буквата X во бизнис брендирањето на Маск, но не и последен. Маск е основач и извршен директор на SpaceX, технолошка компанија за истражување на вселената официјално наречена Space Exploration Technologies Corporation. Маск ја основаше оваа компанија во 2002 година.

Маск е исто така ко-основач и извршен директор на Тесла, компанија која произведува електрични автомобили и го има Model X во својата палета на луксузни возила. Маск води во дизајнот на производите, инженерството и глобалното производство.

Cybertruck на Тесла или Лада?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:04 0:00

„Апликација за секого“

Извршниот директор на Твитер, Линда Јакарино, напиша дека ребрендирањето претставува нова, возбудлива можност.

„Твитер“ остави огромна трага и го промени начинот на кој комуницираме. X ќе биде платформа која нуди па... сè“, твитна Јакарино во неделата.

Во неделата на 24 јули, Маск објави фотографија од седиштето на компанијата со проекција на новото лого, стилизирана буква X.

Според Би-Би-Си, коментаторот на социјалните мрежи, Дру Бенви, изјавил дека „Маск оди со полн гас на сите апликации, оставајќи го Твитер зад себе додека се фокусира на успесите на азиските пионери како WeChat и Moj“.

Супер апликациите како што се индискиот PayTM или индонезискиот GoJek веќе неколку години се составен дел од секојдневниот живот на жителите на овие земји. Овие апликации им овозможуваат на корисниците да плаќаат за широк спектар на услуги.

Кинеската WeChat е апликација за пораки и социјално вмрежување која еволуираше во најголемата регионална апликација во однос на услугите што ги нуди и бројот на корисници. Се проценува дека минатата година имал 1,29 милијарди корисници само во Кина.

Сомнителен успех на инстант ребрендирањето

Веб-страницата на Твитер вели дека логото, сина птица, е неговото „најпрепознатливо богатство“.

„Затоа сме толку заштитнички настроени кон тоа“, се додава.

Коосновачот на Твитер, Биз Стоун, во 2011 година изјави дека сината птица е почит на кошаркарската ѕвезда и легенда на Бостон Селтикс, Лари Брд.

Луѓето се огласија на Твитер за да жалат за загубата на логото, вклучувајќи го и Мартин Грасер, кој го дизајнираше во 2012 година.

„Денес се збогуваме со оваа голема сина птица“, рече тој.

Подоцна, твитот го сподели Џек Дорси, најпознатиот коосновач на Твитер.

Експертката за социјални медиуми Џенифер Григел е скептичен дека Маск може да го создаде иновативниот Твитер што го сугерира овој потег на ребрендирање.

„Не сум сигурна дека корисниците доволно ѝ веруваат за да се вклучат во трансфер на пари преку оваа апликација“, изјави Григел за NPR.

Таа додаде дека Маск го нарушил интегритетот на Твитер со тоа што одлучил да ја отстрани сината птица која на профилите им дава кредибилитет на доверливост, а потоа отпуштил илјадници работници и повторно дозволил пристап до проблематичните корисници на платформата.

Џефри Блевинс, професор по новинарство на Универзитетот во Синсинати, се согласи дека Маск веќе запрепастил значителен број корисници на Твитер со вакви потези претходно, па затоа ребрендирањето не може да наштети.

„Мислам дека можеби ова е начин да се обидеме да го спасиме (Твитер) уништувајќи го и пресоздавајќи го како нешто друго“, рече Блевинс.

Маск има неколку пречки за успешно да направи промени во компанијата бидејќи може да се соочи со отпор од банките кои веќе му позајмија милијарди долари. Истото може да биде случај и со приватните инвеститори што ги вовлече во оваа деловна зделка, пишува Њујорк Тајмс, додавајќи дека тоа би можело да предизвика загриженост за откажување од еден од најпрепознатливите и највидливите брендови на Твитер.

Компанијата веќе се соочи со пад на приходите од реклами поради загриженоста дека платформата стана поотворена за проблематична содржина. Таа, исто така се соочува со ривалот „Threads“, неодамна лансирана платформа слична на Твитер, поддржана од компанијата Мета во сопственост на Фејсбук.

Маск го купи Твитер минатиот октомври за 44 милијарди долари и иницираше контроверзни промени во политиките на компанијата што доведоа до чести нарушувања во работата на платформата. Новиот сопственик честопати предупредуваше на банкрот и објави во јули дека компанијата има негативен прилив поради 50 отсто пад на приходите од реклами и големиот долг.

XS
SM
MD
LG