Достапни линкови

Вести

СЗО прогласи крај на пандемијата на коронавирусот

илустрација

Светската здравствена организација (СЗО) прогласи крај на пандемијата на коронавирус, откако денеска соопшти дека заразата веќе не е глобална здравствена вонредна ситуација.

„Укинувањето на вонредната состојба е знак за напредокот што светот го постигна во оваа област, но коронавирусот сè уште е присутен“, соопшти СЗО, иако тоа повеќе не претставува вонредна состојба.

Пред три години, на 30 јануари 2020 година, Комитетот за итни случаи на СЗО прогласи глобална вонредна состојба поради коронавирусот, потсетуваат британските медиуми.

Ваквиот статус помогна меѓународното внимание да се фокусира на здравствената закана, како и да се зајакне соработката за вакцини и третмани.

Во меѓувреме, над 6,9 милиони лица починаа од последиците на коронавирусот

види ги сите денешни вести

Синот на претседателот Бајден се изјасни за невин за нелегално поседување оружје

Хантер Бајден, син на американскиот претседател Џо Бајден.

Хантер Бајден, син на американскиот претседател Џо Бајден, се изјасни за невин за нелегално поседување оружје во вторник на 3 октомври.

Обвинителите тврдат дека 53 годишниот Хантер Бајден лажел за неговата употреба на дрога на федерални формулари кога купил револвер Колт Кобра во 2018 година.

Тој призна дека во тоа време бил тежок корисник на кокаин, но, не признал дека го прекршил законот.

Тој се појави пред федералниот суд во Делавер на 25 минутно сослушување.

Бајден може да се соочи со затворска казна до 25 години доколку биде осуден за трите федерални обвиненија.

Обвинението беше поднесено кон крајот на септември, откако во јули пропаднаа напорите да се постигне спогодба за признавање вина.

Бајден се соочува со три обвиненија поврзани со сомнежи дека лажел на формулари кога го купил пиштолот.

Според американскиот федерален закон, кривично дело е да се лаже на такви документи или да се носи огнено оружје под дејство на дрога.

Хантер се соочува со кривични пријави додека неговиот татко води кампања за реизбор во Белата куќа на претседателските избори во 2024 година.

Потенцијалниот републикански ривал на Бајден, Доналд Трамп, се соочува со четири претстојни кривични судски процеси, од кои две ќе му судат за обид да ја поништи неговата загуба од Бајден на изборите во 2020 година.

Трамп во повеќе наврати ги отфрли обвинувањата.

Синот на претседателот Бајдер, кој јавно зборуваше за употребата на дрога, никогаш не служел во Белата куќа или во кампањата на неговиот татко.

На самитот на ЕУ во Гренада, европските лидери ќе ја потврдат посветеноста на проширувањето

Знамето на Европската унија

На неформалниот самит на Европската унија (ЕУ) што ќе се одржи на 6 октомври во Гренада, се очекува лидерите на земјите членки на ЕУ да објават дека проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот и двигател за подобрување на економските и социјалните услови на европските граѓани.

„Гледајќи напред кон перспективата за понатамошно проширување на Унијата, и ЕУ и идните земји - членки мора да бидат подготвени. Членките кои се борат треба да ги засилат своите реформски напори, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со заслугите - природата на пристапниот процес заснован и потпомогнат од ЕУ“, се вели во нацрт-декларацијата до која имаше увид Радио Слободна Европа (РСЕ).

Декларацијата што ќе ја усвојат шефовите на држави и влади на ЕУ ќе ја нагласи неопходноста не само земјите кандидати, туку и ЕУ да бидат подготвени „да ги постават потребните внатрешни основи за Унијата да биде подготвена за проширување“.

Ќе ветат дека ќе си постават долгорочни амбиции и начини како да ги постигнат.

„Ќе се осврнеме на клучните прашања поврзани со нашите приоритети и политики, како и со нашата способност да донесуваме одлуки. Успешното проширување ќе ја направи ЕУ посилна и ќе го промовира европскиот суверенитет“, се вели во текстот на Декларацијата, која чека усвојување на 6 октомври во Шпанија.

Лидерите и владите на ЕУ ќе се сретнат неформално на 6 октомври за да разговараат за проширувањето и миграцијата.

Се очекува да започне дебата за реформите во рамките на ЕУ за европското семејство да биде подготвено за повеќе од 30 членови, што во бриселскиот жаргон се нарекува „ЕУ 30 плус“.

По повеќегодишна пауза во проширувањето, руската агресија против Украина предизвика ова прашање да добие тежина и го промени расположението меѓу скептичните држави на ЕУ.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во август најави дека ЕУ треба да биде подготвена да прими нови членки „до 2030 година“.

Урсула ван дер Лејен, претседателката на Европската комисија, на својот годишен говор на 13 септември рече дека Европската унија со 30 плус е „стратешки интерес“.

Германија и Франција, најсилните земји во ЕУ, веќе побараа од експерти да подготват документ за изводливоста на идното проширување.

Според експертите, пред таканареченото проширување на „30 плус“, ЕУ треба да спроведе некои внатрешни реформи за да биде функционална. Процесот на проширување на ЕУ треба да оди рака под рака со продлабочување на интеграцијата во Унијата.

Во процесот на проширување се вклучени сите земји од Западен Балкан, со тоа што само Косово нема кандидатски статус. Земјите од регионот се на различни нивоа во овој процес: Северна Македонија и Албанија чекаат отворање на преговорите, Србија и Црна Гора се веќе длабоко во пристапните преговори, а Босна и Херцеговина доби кандидатски статус во декември 2022 година.

Од минатата година и Украина и Молдавија добија статус на кандидати за полноправно членство во ЕУ.

Милан Радоичиќ сослушан во српското обвинителството, негираше вина

Милан Радоичиќ, поранешен потпретседател на Српската листа

Вишото јавно обвинителство во Белград соопшти дека е сослушан Милан Радоичиќ, кој претходно бил задржан во полиција до 48 часа.

Обвинителството соопшти дека осомничениот го негирал извршувањето на кривичните дела што му се ставаат на товар. Се додава дека по сослушувањето, на судијата за претходна постапка на Вишиот суд во Белград му било предложено „поради ризик од бегство“, на Радоичиќ да му се одреди притвор.

Радоичиќ беше сослушан четири дена откако неговиот адвокат Горан Петронијевиќ објави дека Радоичиќ ја презел одговорноста за организацијата и нападот во Бањска на северот на Косово.

Радоичиќ беше обвинет од косовските власти дека е организатор и учесник во вооружениот напад врз косовската полиција на 24 септември, во кој беше убиен еден полицаец.

Во соопштението на белградското Високо јавно обвинителство беше наведено дека 45 годишниот Милан Радоичиќ бил сослушан поради сомнение дека тој и неколку непознати лица извршиле кривични дела - и тоа за неовластено производство, држење, носење и продажба на огнено оружје и експлозивни материи и тешки кривични дела против општата безбедност.

Како што е најавено, Радоичиќ е обвинет за набавка на оружје, муниција и експлозивни направи со голема разорна моќ од Тузла во Федерацијата Босна и Херцеговина од јануари 2023 година до 24 септември 2023 година.

Се додава дека ова оружје му било доставено на територијата на Град Белград, најчесто на релација Бубањ Поток - Врчин.

Во соопштението се наведува дека тоа оружје потоа го транспортирал и складирал на неодредени локации на територијата на Косово, каде го сокрил во напуштени објекти и шуми.

„Како водач на група со неколку НН лица, со заедничка акција и општо опасна акција на 24 септември предизвикал опасност по животите на луѓето во градот Бањска на територијата на Косово и Метохија“, се наведува во соопштението.

Претходно, Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека Милан Радоичиќ е донесен во Вишото јавно обвинителство во Белград со кривична пријава.

Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека е извршен претрес во станот и другите простории на Милан Радоичиќ.

На 29 септември, според неговиот адвокат Горан Петронијевиќ, Милан Радоичиќ ја презел одговорноста за организацијата и нападот во Бањска на северот на Косово.

Во писмото што го прочита неговиот адвокат, Радоичиќ наведува дека дошол во Бањска, објаснувајќи дека е таму за да им се „спротивстави“ на косовските власти и да го „заштити“ српскиот народ.

Истиот ден Радоичиќ поднесе оставка од функцијата потпретседател на Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, која ја има поддршката од Белград.

Косовската полиција на 24 септември беше нападната од група маскирани и вооружени лица, откако се обидела да отстрани барикада од два камиони поставени во правец на селото Бањска, општина Звечан на северот на Косово.

Тогаш загина косовскиот полицаец Африм Буњаку, а неколкумина беа повредени. Во размената на оган полицијата убила тројца напаѓачи од српска националност.

Европската унија и западните земји остро го осудија нападот врз косовската полиција во Бањска и побараа напаѓачите да бидат пронајдени и изведени пред лицето на правдата.

Казахстан направи список на луѓе на кои им е забранет влез во земјата

Аибек Смадијаров, портпарол на Министерството за надворешни работи на Казахстан

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Казахстан, Аибек Смадијаров, на 2 октомври изјави дека министерството подготвило список на луѓе кои јавно „искажуваат негативни мислења“ за Казахстан и затоа им е забранет влезот во земјата.

Смадијаров додаде дека списокот нема да биде објавен и не кажа кога првпат е создаден.

„Не можам да кажам колку луѓе во моментов има на списокот. Границата ќе биде затворена за такви луѓе и нема да им биде дозволен влез во земјата“, рече Смадијаров.

Смадијаров ова го изјави на брифинг на кој новинарите го прашаа за официјалната реакција на Казахстан на зачестените изјави на функционери, политичари, блогери и новинари во Русија, кои повикуваат на војна против Казахстан.

Казахстан е близок економски и воен сојузник на Москва, која дели 7.500 километри граница со Русија, но, Астана не ги призна украинските региони окупирани од Москва како дел од Русија.

Минатата недела, за време на посетата на Германија, казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев на прес-конференција рече дека неговата земја не се плаши од какви било територијални претензии од Москва.

Во август 2022 година, на социјалната мрежа ВКонтакте (ВК) на поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев накратко се појави националистичка објава во која се нарекуваат Казахстан и Грузија „вештачки“ креации. Објавата беше отстранета по 10 минути и официјално им се припишува на хакери.

Заменик-министерот за надворешни работи на Казахстан, Роман Василенко и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, минатата година во одвоени изјави изјавија дека коментарите за Казахстан од руски политичари, новинари и блогери не ја одразуваат официјалната позиција на Русија.

Казахстанските власти веќе презедоа акција против некои од оние кои ги дадоа коментарите, како што е рускиот пропагандист Тигран Кеосајан, кому во мај му беше забранет влез во Казахстан поради закани за земјата во изјава на Јутуб (YouTube) поради одлуката на Астана да ја откаже парадата на Денот на победата - патриотски настан за комеморација на Денот на победата и улогата на Советскиот Сојуз во поразот на нацистичка Германија во Втората светска војна.

Милан Радоичиќ приведен во Србија

Милан Радоичиќ

Министерството за внатрешни работи на Србија на 3 октомври соопшти дека извршило претрес во станот на Милан Радоичиќ и дека тој со кривична пријава е донесен во Вишото јавно обвинителство во Белград.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија, Радочиќ бил задржан во полиција до 48 часа.

Во соопштението не се наведуваат други детали ниту за што е обвинет Радочиќ.

На 29 септември, Милан Радоичиќ ја презеде одговорноста за организацијата и нападот во Бањска на северот на Косово.

Истиот ден, тој поднесе оставка од функцијата потпретседател на Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, која има поддршка од Белград.

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечља, во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) на 29 септември изјави дека надлежните органи на Косово, преку меѓународни партнери, ќе побараат екстрадиција од Србија во Косово на „сите кои учествувале во планирањето и спроведувањето терористичка акција“ во Бањска.

Во селото Бањска на 24 септември беше убиен полицаецот Африм Буњаку, а неколкумина беа повредени. Во вооружен судир со полицијата убиени се тројца напаѓачи од српска националност.

Властите на Косово го окарактеризираа како терористички чин, додека за Радоичиќ нападот на вооружена група организирана e „одбрана на народот од окупаторот“.

Тројца убиени во трговски центар во Бангкок

Апсење во трговски центар во Банкок, Тајланд

Три лица се убиени во пукање во луксузен трговски центар во центарот на главниот град Бангкок, соопштија тајландските власти.

Во инцидентот се повредени уште четири лица, меѓу кои и еден странски државјанин. Осомничениот е на возраст од 14 години и бил уапсен откако се предал. Тој употребил пиштол, соопшти полицијата.

Премиерот рече дека ситуацијата е ставена под контрола и дека полицијата го расчистува местото на настанот, пренесува агенцијата Франс Прес.

Претходните снимки на социјалните мрежи покажаа дека купувачите бегаат од центарот, кој беше брзо евакуиран и вратите затворени. Затворена е и блиската метро станица Сиам.

Луѓето објавуваа видеа, очигледно направени од внатрешноста на трговскиот центар. Во еден, четири гласни звуци кои звучат како истрели од огнено оружје јасно се слушаат во зафатен комплекс.

Сведоците рекоа и дека се криеле во продавници и бањи.

Мицкоски го повика Спасоски да ја напушти Владата ако е против законот за амнестија

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски треба да ја напушти Владата доколку не се согласува со носење на законот за амнестија.

Според Мицкоски, Спасовски има две опции. Едната опција е ако не се согласува - да ја напушти владата. Втората опција, вели Мицкоски е да молчи и да прифати дека опфатените со законот се озогласени криминалци, луѓе кои тргувале со недозволени супстанци или познати нарко дилери.

„И тие треба да добијат намалени затворски казни или дел од нив да добијат и целосна амнестија, за да потоа се најдат повторно на улиците и да повторно прават проблеми и го тероризираат чесниот граѓанин во Македонија“, изјави Мицкоски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на 30 септември изјави дека е непотребно донесувањето на Законот за амнестија. Тој смета дека неговата примена нема да ја промени состојбата со пренатрупаноста во затворите.

Ставот на Спасовски не е на иста линија со премиерот Димитар Ковачевски. Премиерот денеска кажа дека предлог-законот за амнестија е испратен во собраниска процедура без европско знаменце и не е правен за личности, туку за дела од помал обем. Целта како што вели Ковачевски е за релаксирање на пренатрупаните капацитети во затворот Идризово и во другите сместувачки објекти во рамките на Управата за извршување на санкции.

Новиот закон за амнестија, како што кажа Ковачевски, не е правен за личности, туку е правен за дела од помал обем кои се наведени во законското решение.

„Во законот многу јасно е прецизирано кои дела не можат да бидат амнестирани. Со оглед на чувствителноста на одредени случаи кои се случиле во минатото во државата пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман. Диверзитетот на различни мислења по овој закон покажува дека можат да се земат различни аспекти за неговото функционирање и низ демократска процедура да се дојде до решение кое ќе биде прифатливо за сите политички партии и за јавноста. Може да се дојде и до решени кое нема да биде прифатливо, бидејќи има најава од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го поддржат“, изјави премиерот.

Владата на 26 септември го усвои Предлог законот за амнестија.

Министерството за правда, кое го подготви Предлогот, соопшти дека со законот се очекува да бидат целосно ослободени од затворска казна 286 осуденици, а делумно амнестирани 996. Во моментов 2114 осуденици издржуваат затворска казна, а 2813 чекаат да влезат во затвор.

Георгиев го повика Бесими да ги одобри додатоците на судската администрација за да не се блокира судството

илустрација

Претседателот на Судски совет, Сашко Георгиев го повика министерот за фианансии да одобри средства за исплата на дотатоците на судските службеници и администрација, бидејќи како што вели судовите ќе се блокираат.

Судскиот совет вчера не донел одлука за додатоците на плата, бидејќи како што наведуваат, немаат средства за исплата.

„Тоа го истакнуваме како децениски проблем во минататото, а го носиме во сегашноста како реален проблем. Имаме активни протести, а некаде и најави за штрајкови. Не знам колку ви е познато, но за целиот овој период имаме неколку состаноци со претставници на синдикалните организации и се обидуваме да најдеме некои соодветни решенија. Морам да кажам дека сето тоа тешко оди и зависи од Министерство за финансии, којшто треба на крајот да ги исплатат овие средства како додатоци на плата“, изјави Георгиев.

Тој додава дека судскиот буџетски совет во неколку наврати имал и обиди со свои одлуки да пренамени средства од капиталните инвестиции коишто се на располагање во додатоци за плата Но, како што наведе, од страна на Министерството за финансии не поминало и оваа решение и не се одобрени овие парични средства и судската администрација и службеници останаа без додатоци.

„Уште еднаш го повикувам министерот за финансии да има разбирање и да најде начин да се надминат овие проблеми, инаку би дошло до блокирање на судството, бидејќи без оваа судска администрација ќе се блокира судството во буквална смисла на зборот. Тоа е една алатка во судството, каде што без овој дел не може да функционира судството“, предупредува Георгиев.

Судската администрација веќе некое време протестира и бара зголемување на платите. Судските службеници бараат зголемување на нивните плати и тоа за 78 отсто на минималната плата во судската служба и за 35 отсто на додатокот за плата за судските службеници.

Законот за амнестија стигна до пратениците

илустрација

Владата го испратила Законот за амнестија до Собранието, информираат од Кабинетот на претседателот на Парламентот.

Законот е предложен да се носи по скратена постапка, а тој веќе е доставен до пратениците од страна на претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Оттаму не прецизираат кога овој предлог-закон ќе се најде на седница на Собранието, но претходно министерот за правда, Кренар Лога најави дека тоа може да се случи следната недела затоа што тој, лично сака да го образложи предлог-законот за амнестија, по неговото враќање од патување во САД.

Министерот Лога на средба со медиумите рече дека иако во јавноста преовладува мислење дека овој предлог - закон за амнестија е нов, всушност како што рече, тоа е истиот закон „што беше донесен во 2018 година, а предлагачи беа сите политички партии. Во овој предлог-закон сега се додадени неколку кривични дела кои нема да бидат опфатени со амнестијата“.

Предлог-законот за амнестија предвидува целосно или делумно ослободување од казната затвор на одреден број затвореници.

Според податоците на Министерството за правда, откако ќе стапи во сила законот од вкупниот број затвореници, целосно ќе бидат амнестирани 286 затвореници, а делумно 996 затвореници. Дополнително, 2813 осуденици чекаат да влезат во затвор, но министерството засега нема податоци колкумина од нив ќе бидат амнестирани.

ИНФОГРАФИКА - Колку осуденици ќе се офајдат ако се усвои предложениот Закон за амнестија
ИНФОГРАФИКА - Колку осуденици ќе се офајдат ако се усвои предложениот Закон за амнестија

Дебатите за Предлог законот за амнестија, почнаа на само неколку денови откако во Собранието, во експресна процедура и со европско знаменце, беа изгласани измени на Кривичен законик. Овие измени предвидуваат намалување на затворски казни за злоупотреба на службена положба за лична корист, можност за порано да застарат дела, бришење на членови кои предвидуваат казни за злоупотреба на јавни набавки, оштетување на Буџетот, а пониски казни има и за делото злосторничко здружување.

Полска и Чешка воведуваат привремена контрола на границата со Словачка

илустрација

Полска од полноќ ќе воведе привремени проверки на границата со Словачка, најави денеска полскиот министер за внатрешни работи Мариуш Камински.

„Од денеска на полноќ ги враќаме привремените гранични контроли на словачката граница. Ќе ги провериме документите на оние кои влегуваат во Полска“, истакна Камински.

Тој додаде дека мерката ќе биде во сила 10 дена.

Во меѓувреме и чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракусан денеска изјави дека и Прага воведува привремена контрола на границата со Словачка.

„Чешката Република ќе воведе привремени гранични контроли со Словачка од утре за да ги запре илегалните миграциски текови и шверцерите“, наведе Ракусан.

Според него, случајни проверки долж границата ќе се вршат до 13 октомври, со можност за продолжување на мерката.

Ракусан истакна дека граничната контрола е договорена со Полска.

Пред десеттина дена пак Германија ги зајакна граничните контроли со Полска и Чешка. Германските сојузни покраини на истокот од земјата се на удар на бранови мигранти кои сѐ почесто доаѓаат преку Чешка и Полска.

Според официјалните податоци во Германија, во првите осум месеци од годинава во таа земја на Европската Унија пристигнале над 200 000 мигранти, што пак е повеќе отколку во текот на целата 2022 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG