Достапни линкови

Вести

Амбасадата на САД очекува независно судство без разлика кој ќе го раководи

Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

„Амбасадата на САД се надева дека ќе има независно и одговорно судство без разлика кои се неговите раководители. Ова е од суштинско значење за градење доверба во институциите на судството во Северна Македонија“, наведуваат од Амбасадата на САД за телевизија Алсат во врска со разрешувањето на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.

Судскиот совет во средата на јавна седница неочекувано ја разреши претседателката Весна Дамева.

Директен повод за разрешување на Дамева било нејзиното одбивање да стави на дневен ред нова точка и наводното криење на писмото од амбасадорката Агелер. Нејзиното разрешување го иницира заменикот Селим Адеми, кој по неколку часа тензии и расправии, доби поддршка од 7 од 13 члена на Советот за остратнување на Дамева од претседателското место.

Нејзиниот наследник требаше да се избира вчера, но седницата на Судскиот совет на која се очекува да се гласа нов претседател е презакажана за 2 мај во 11 часот. Заменик-претседателот на Советот Селим Адеми, побара одлагање за неколку дена, поради, како што рече, важноста на прашањето како што е избор на нов претседател, за кое би било добро присуство на сите 13 членови.

Дамева, која по гласањето за нејзино разрешување обвини дека „Советот е претворен во анархија“, а одлуката ја оцени како противзаконска и донесена „за да се задоволат одредени поединци од политиката“, вчера произнесувајќи се за предлогот за одлагање на седницата, рече дека се надева оти во наредните денови ќе има доволно време да се види дали ќе се обезбеди потребното мнозинство за да се легализира, како што наведе, нејзиното незаконско разрешување.

За разрешувањето на Дамева, но и за општата состојба во судството, реагираа претседателот Стево Пендаровски, Министерството за правда, како и правни експерти. Денеска и претседателката на Врховниот суд Беса Адеми апелираше да се надмине состојбата во Судскиот совет во интерес на граѓаните и на државата.

види ги сите денешни вести

Грузискиот парламент на второ читање го усвои законот за „странски агенти“

Полицијата за време на немирите користи бибер спреј за да ги растера демонстрантите на собирот против контроверзниот предлог-закон за „странски агенти“ пред парламентот во Тбилиси, 30 април, 2024 година.
Полицијата за време на немирите користи бибер спреј за да ги растера демонстрантите на собирот против контроверзниот предлог-закон за „странски агенти“ пред парламентот во Тбилиси, 30 април, 2024 година.

Грузискиот Парламент денеска, 1 мај, гласаше за усвојување на контроверзниот нацрт-закон за „странски агенти“, кој беше причината за неколкунеделните протести во главниот град Тбилси и предупредувањата од Брисел дека тој потег ќе ги наруши надежите Грузија да стане членка на Европската Унија.

Со 83 гласа „за“ и 23 „против“, пратеницита гласаа за усвојување на нацрт-законот во второ читање по жестоката дебата која вклучуваше исклучување на четворица опозициски пратеници, а потоа дури и тепачка меѓу членовите кои ги претставуваат опозициските и мнозинските партии.

Владејачката партија соопшти дека сакаат законот да биде потпишен до средината на мај.

Гласањето во Парламентот следуваше набргу по судирите меѓу полицијата и демонстрантите во текот на ноќта токму околу законот за „странски агенти“, кој пак многумина го сметаат како одраз на законот што го користи руската влада за да ги задуши неистомислениците во таа земја.

Министерството за внатрешни работи на Грузија објави соопштение во кое ги повикува демонстрантите да не блокираат улици и да не се обидуваат да го окупираат Парламентот. Но, во соопштението, исто така, се вели дека луѓето ќе имаат можност да протестираат на улицата пред и зад зградата.

Во исто време, полициски службеници од единиците на специјалните сили ја презедоа контролата врз улицата на задниот излез од Парламентот, каде што мала група луѓе протестираа.

Полицијата употреби солзавец и водени топови во текот на ноќта за да ги растера нелегалните демонстрации и приведе 63 лица. Петмина демонстранти и шест полицајци се хоспитализирани со повреди.

Пратениците Алеко Елисашвили и Леван Хабеишвили се повредени во судирите, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи Александар Даракхвелидзе.

Хабеишвили, претседател на опозициското Обединето национално движење (УНМ), беше пренесен во болница, а фотографиите покажаа дека има модринки и исеченици на главата и телото. Од УНМ соопштија дека тој бил „киднапиран“ од полицијата и тврдеа дека „му помагал на повреден граѓанин“, токму кога бил приведен од страна на полицијата.

Репортерот на РСЕ на местото на настанот сними два инциденти во кои маскирано лице ги удира демонстрантите со тупаници по лицето.

Шефот за надворешна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, го осуди „насилството врз демонстрантите“ во објава на 1 мај на социјалната мрежа X, порано позната Твитер.

„Грузија е земја кандидат за влез во ЕУ. Ги повикувам нејзините власти да го обезбедат правото на мирни собири“, стои во објавата на Борел.

Специјалната истражна служба соопшти дека во тек е истрага за употреба на прекумерна сила врз демонстрантите.

Синоќашните дмонстрации беа најнови во серијата масовни протести во изминатите две недели против законодавството што го предложи владејачката партија Грузиски сон.

Критичарите го нарекуваат предлог-законот „руски закон“, а претседателката Саломе Зурабишвили, која се огради од политиката на владејачката партија, вети дека ќе стави вето доколку тој биде формално усвоен во трето читање.

Сепак, владата ги има потребните гласови да го отфрли ветото и оттаму веќе најавија дека ќе го сторат тоа.

На 30 април пак, меѓународниот хакерски колектив Анонимус изрази поддршка за демонстрантите и ја предупреди грузиската полиција дека „нападот на демонстрантите ќе резултира со објавување информации за сите ваши владини претставници“.

Во објава на X, групата се закани дека ќе ги хакира и објави базите на податоци и е-поштата, велејќи дека „ова е вашето прво и единствено предупредување“.

Протест на синдикатот во Белград: За демократски и работнички рестарт

Протестот го организираше синдикатот „Независност“, 1 мај 2024 година.
Протестот го организираше синдикатот „Независност“, 1 мај 2024 година.

Под слоганот „за демократски и работнички рестарт“, синдикатот „Независност“ одржа протестен марш во центарот на Белград, Србија на 1 мај, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот.

Протестот се одржа на плоштадот Славија, во близина на споменикот на Димитри Туцовиќ, кој е еден од шампионите на социјалдемократијата во Србија.

Претседателката на Обединетиот грански синдикат „Независност“, Чеданка Андриќ, изјави дека собирот е организиран во чест на работниците кои загинале на своите работни места.

Слоганот на протестот во Белград - „За демократски и работнички рестарт“, 1 мај 2024 година.
Слоганот на протестот во Белград - „За демократски и работнички рестарт“, 1 мај 2024 година.

Само минатата година 42 од нив починале на работа, а повеќе од 800 лица се здобиле со тешки повреди на работното место, нагласи Андриќ.

„Никој не одговараше кривично за тоа“, додаде таа.

Андриќ нагласи дека синдикатот се бори „за безбедни и здрави работни места“.

„Се бориме за одговорност на работодавачот и спроведување на мерките за безбедна и здрава работа, се бориме за правото да организираме синдикат, да го применуваме Законот за работни односи и да бидеме на маса кога ќе се носат нови закони“, додаде таа.

Синдикални состаноци се одржаа и во неколку други градови во Србија.

На Меѓународниот ден на трудот, работниците и активистите ширум светот излегоа на улици за да повикаат на поголеми работнички права.

Тирана го одбележува Денот на трудот со апели до младите да не се иселуваат

„Не заминувај, и требаш на твојата татковина“, пишува на транспарент истакнат за време на протестот за Меѓународниот ден на трудот во Тирана на 1 мај 2024 година.
„Не заминувај, и требаш на твојата татковина“, пишува на транспарент истакнат за време на протестот за Меѓународниот ден на трудот во Тирана на 1 мај 2024 година.

На 1-ви мај се одржаа неколку протести во Тирана. На еден од нив група луѓе се собра на патот што ја поврзува Тирана со аеродромот Ринас. На овој протест беше упатен апел до младите да се борат за своите права на работа и да не ја напуштаат Албанија.

Челниците на Конфедерацијата на синдикати порачаа дека на земјата и се потребни работници, бидејќи многу компании страдаат од овој проблем, но додаваат дека на младите не им се нудат пристојни плати и услови.

Протест на патот што ја поврзува Тирана со аеродромот Ринас, 1 мај 2024 година.
Протест на патот што ја поврзува Тирана со аеродромот Ринас, 1 мај 2024 година.

„Не заминувај, и требаш на твојата татковина“, пишуваше на еден од транспарентите што ги носеа демонстрантите на овој протест.

„Младите луѓе не би биле принудени да емигрираат доколку креаторите на политики дизајнираат политики за да ги задржат овде, мотивирајќи ги и вреднувајќи ги“, рече еден од демонстрантите.

На уште еден протест одржан по повод 1 мај, просветните работници се собраа пред Министерството за образование барајќи повисоки плати и подобри услови за работа.

Просветните работници го изразија своето незадоволство на транспарентите на кои пишуваше најразлични пароли како: „Без добро платени наставници нема квалитетно образование“, „спроведување на колективниот договор“ и „наградете го наставникот на крајот на годината“.

Протест на просветните работници во Тирана, 1 мај, 2024 година
Протест на просветните работници во Тирана, 1 мај, 2024 година

Просветните работници побараа двојно зголемување на платите, посочувајќи дека само така матурантите можат да изберат да студираат за да станат наставници, професија што сè помалку млади ја одбираат.

Просечната плата на наставникот во Албанија е околу 600 евра месечно.

„Бараме премиерот да го одржи ветувањето дека буџетот за образование ќе биде 5 проценти од бруто националниот производ, тоа мора да се спроведе што поскоро, нема инфраструктура, нема лаборатории, нема зголемување на платите. Без квалитетно образование оваа држава не може да има иднина“, изјави Иса Халилај, претставник на Синдикатот за образование.

Потоа, наставниците се приклучија на протестот што го одржаа пред кабинетот на премиерот, заедно со работници од различни сектори како рудари, нафтени работници и работници во кол-центрите.

Протестот го организираше Сојузот на синдикати на Албанија и Албанската коалиција за работнички права. Извикувајќи „Достоинство на работниците“, демонстрантите побараа владата да размисли, предупредувајќи на помасовни протести во наредните денови.

Жените кои учествуваа на протестот го кренаа својот глас за разликата во платите меѓу мажите и жените и нивните тешкотии да се справат со високите цени.

„Денеска зборуваме за правата на работничките во фабриките за чевли и облека, дали некогаш сте биле таму? Зборуваме за минимална плата во време кога во Европа, па и во Балканот, се зборува за квалитетна плата, која ќе ви овозможи на крај на месецот да можете да си ги платите лекарствата, да можете да купите квалитетна храна, храна чиј рок не и е истечен“, рече еден од учесниците на протестот.

Додека во Тирана се одржуваа работнички протести, премиерот на земјата Еди Рама за време на настанот во Елбасан на кој присуствуваше, рече дека работниците секојдневно докажуваат дека ништо не е невозможно.

Добри односи со Кина, Русија, САД и членство во ЕУ се приоритети за Србија, рече мандатарот Вучевиќ

Мандатарот за состав на новата Влада на Србија Милош Вучевиќ при претставување на експозето во парламентот, 1 мај 2024 година.
Мандатарот за состав на новата Влада на Србија Милош Вучевиќ при претставување на експозето во парламентот, 1 мај 2024 година.

Мандатарот за состав на новата влада на Србија и лидер на владејачката Српска напредна партија (СНС), Милош Вучевиќ, при своето излагање во српскиот парламент истакна дека членството во Европската унија (ЕУ) останува стратешка цел за Србија.

„Полноправното членство во ЕУ останува стратешка цел на Србија“, рече Вучевиќ, но додаде дека „не може да се игнорира фактот дека процесот е оптоварен со новововедени политички критериуми“.

Тој рече дека очекувањата на ЕУ се поврзани со Србија да се „понижи“ преку признавањето на независноста на Косово и да се приклучи на санкциите против Русија поради нејзината инвазија на Украина.

Мандатарот најави дека Србија ќе направи се за да го спречи приемот на Косово во Советот на Европа, иако, како што рече, нејзините шанси се мали.

Пратеникот Милош Вучевиќ го презентира своето експозе пред пратениците во српското Собрание на седницата за избор на новата Влада. Изборот на Владата на Србија и давање заклетва на претседателот и членовите на Владата е единствената точка на дневен ред на седницата што се одржува на 1 мај, Меѓународниот ден на трудот.

На седниците на Собранието на Србија присуствуваат претставници на дипломатскиот кор, меѓу кои и амбасадорот на САД, Кристофер Хил.

Вучевиќ рече дека неговиот кабинет ќе биде Влада на континуитет во најголема можна мера.

Во однос на надворешната политика, како што посочи, Владата ќе се води од досегашните принципи - политичка и воена неутралност.

„Придонесот на Србија за регионалниот мир и стабилност во регионот ќе биде активен и континуиран“, рече тој.

Без санкции за Русија

Вучевиќ нагласи и дека Србија нема да се приклучи кон санкциите против Русија.

„Нема сомнеж дека притисоците ќе продолжат, веројатно ќе се интензивираат, но нашата одлука е да останеме на истите позиции“, рече Вучевиќ.

„Србија не може и нема да се откаже од пријателството со Русија, чиј народ го сметаме за братски, исто како што тоа е случајот со Украинците. Јасно го осудивме рускиот напад врз Украина, но изјавивме дека нема да се приклучиме на политиката на санкции“, додаде тој.

Тој истакна и дека за Србија „територијалниот интегритет на Украина е неприкосновен“.

Пријателство со Кина, но и со САД

Вучевиќ во своето излагање посебно ја истакна важноста на партнерството со Кина, оценувајќи дека трговскиот договор ќе ги отвори вратите на кинескиот пазар за бизнисмените.

„И покрај спротивставените ставови на многумина на Запад, за нас Кина претставува пријателска земја, партнер и сигурен сојузник во одбраната на нашиот територијален интегритет“, додаде тој.

Вучевиќ рече и дека позицијата на Србија кон политиката на една Кина нема да се промени и додаде дека со нетрпение ја очекува посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг, кој доаѓа во Србија на 7 и 8 мај.

Но, Вучевиќ нагласи и дека Србија ќе гради најдобри односи со САД.

„Онаму каде што има несогласувања, како на пример за Косово и Метохија, ќе го повториме нашиот став, ќе работиме на тоа нашите американски партнери да не слушнат и разберат“, додаде Вучевиќ.

Покрај ова, тој рече и дека новата Влада ќе се стреми да гради добри односи и со соседите, односно со земјите од Западен Балкан.

Новата српска Влада пак се очекува да има 25 министерства и пет министри без ресор. Идниот премиер на Србија ќе биде мандатарот Милош Вучевиќ, кој вчера, на 30 април ги предложи имињата на новите министри во Владата, а меѓу нив се и две лица кои веќе се наоѓаат на црната листа на САД – Александар Вулин, предложен за вицепремиер и Ненад Поповиќ, предложен за министер без ресор.

Работниците ширум Европа и Азија бараат поголеми работнички права

Членовите на синдикатот се препукуваат со турските полицајци додека маршираат за време на прославите на Денот на трудот во Истанбул, Турција, среда, 1 мај 2024 година.
Членовите на синдикатот се препукуваат со турските полицајци додека маршираат за време на прославите на Денот на трудот во Истанбул, Турција, среда, 1 мај 2024 година.

Работниците и активистите во азиските престолнини и европските градови излегоа на улиците во средата за да го одбележат Први мај со протести поради зголемените трошоци за живот и, како што истакнаа „лошите“ владини политики. Сите бараат поголеми работнички права.

Првомајските настани им дадоа на многумина можност да изразат општи економски поплаки или свои политички барања.

Полицијата во Истанбул приведе десетици луѓе кои се обидоа да стигнат до централниот плоштад Таксим, пркосејќи на владината забрана за прослава на Денот на трудот на овој плоштад.

Владата на претседателот Реџеп Тајип Ердоган донесе одлука со која на плоштадот Таксим се забранети собири и демонстрации од безбедносни причини, но некои политички партии и синдикати ветија дека ќе маршираат на плоштадот, кој има симболична вредност за работничките синдикати.

Во 1977 година, неидентификувани вооружени лица отворија оган на прославата на Први мај во Таксим, предизвикувајќи стампедо и убивајќи 34 луѓе.

Во средата, полицијата подигна барикади и ги затвори сите патишта што водат до централниот плоштад во Истанбул. Јавниот превоз во областа исто така беше ограничен. Само мала група претставници на синдикатот добија дозвола да влезат на плоштадот и да положат венец на споменикот во спомен на жртвите од инцидентот во 1977 година.

Членовите на синдикатот во судир со турските полицајци додека маршираат за време на прославата на Денот на трудот во Истанбул, Турција, среда, 1 мај 2024 година.
Членовите на синдикатот во судир со турските полицајци додека маршираат за време на прославата на Денот на трудот во Истанбул, Турција, среда, 1 мај 2024 година.

Интервентната полиција уапсила 30-тина членови на левичарската Народноослободителна партија кои се обиделе да ги пробијат бариерите, пишува АП.

Во Индонезија работниците изразија гнев поради новиот закон за кој рекоа дека ги крши нивните права и им штети на благосостојбата и побараа заштита за работниците мигранти во странство и зголемување на минималната плата.

„Околу 50.000 работници од Џакарта, Богор, Депок, Тангеранг и Бекаси се очекува да се приклучат на првомајските маршеви во главниот град, рече Саид Икбал, претседател на Конфедерацијата на индонезиските синдикати.

Парламентот на Индонезија минатата година ја ратификуваше владината регулатива со која се заменува контроверзниот закон за отворање работни места, но критичарите велат дека тој сепак е од корист за бизнисите. Законот требаше да ја намали бирократијата како дел од напорите на претседателот Јоко Видодо да привлече повеќе инвестиции во земјата.

Работниците мигранти и членовите на Корејската конфедерација на синдикати маршираат за време на митингот за работничките права на мигрантите во Сеул, Јужна Кореја, недела, 28 април 2024 година.
Работниците мигранти и членовите на Корејската конфедерација на синдикати маршираат за време на митингот за работничките права на мигрантите во Сеул, Јужна Кореја, недела, 28 април 2024 година.

Во Сеул, главниот град на Јужна Кореја, илјадници демонстранти скандираа, вееја знамиња и извикуваа про-работнички слогани на почетокот на нивниот митинг во средата. Организаторите рекоа дека нивниот собир првенствено имал за цел да ги засили критиките за, како што ја нарекоа, антиработничката политика на конзервативната влада предводена од претседателот Јун Сук Јеол.

„Во изминатите две години под владата на Јун Сук Јеол, животите на нашите работници паднаа во очај“, рече во својот говор Јанг Кјунг-су, шеф на Корејската конфедерација на синдикати, која го организираше собирот.

„Не можеме да ја игнорираме владата на Јун Сук Јеол. Ние самите ќе ги истераме од власта“, додаде тој.

И Синдикатот на Босна и Херцеговина (БиХ) и Синдикатот на металците на ФБиХ, ја започнаа првомајската протестна прошетка во Сараево. Собирот започна пред зградата на Парламентарното собрание на БиХ, а потоа продолжија со пешачење, едниот кон седиштето на Делегацијата на ЕУ, другиот кон Владата на ФБиХ.

Демонстрантите птсетуваат дека на 21 март 2024 година Босна и Херцеговина доби зелено светло за почеток на преговорите за членство во Европската унија и дека овој важен момент беше во фокусот во изминатата година, додека другите процеси во земјата останале во сенка.

Првомајски протест во Сараево
Првомајски протест во Сараево

Затоа, едно од нивните барања е намерата за учество во преговарачкиот процес, посочувајќи ја потребата од усогласување на домашното законодавство со директивите на ЕУ, меѓу другото, преку зголемување на минималната плата.

За подобра позиција се борат и синдикалците во Бања Лука кои се собраа во паркот Младен Стојановиќ.

Претседателите на гранковите синдикати собрани од Сојузот на синдикати на Република Српска ги изнесоа своите барања.

Тие бараат нов систем на плати, почетен коефициент според работните места за стручно оспособување помножен со најниската плата, плата за секое работно место, топол оброк и годишен одмор, кои се право на секој работник.

Судир меѓу пропалестински и произраелски групи на кампус во Калифорнија

Група демонстранти се обидуваат да ги отстранат барикадите во пропалестинскиот камп во кампусот на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, Калифорнија, САД, на 1 мај 2024 година.
Група демонстранти се обидуваат да ги отстранат барикадите во пропалестинскиот камп во кампусот на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, Калифорнија, САД, на 1 мај 2024 година.

На 1 мај, две различни групи демонстранти, пропалестински и произраелски, се судрија предизвикувајќи турканици и тепачка, во кампусот на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес (УКЛА).

По неколкучасовна пресметка меѓу овие две групи, полицијата интервенираше за да ги раздвои и да го расчисти насилството.

Пред само неколку часа, полицијата интервенираше во друг универзитетски кампус во САД, за да ги растера пропалестинските демонстранти кои беа изолирани во зградата на Универзитетот Колумбија.

Полицијата беше поактивна во кампусите низ САД во изминатите две недели, како резултат протестите преку кои се повикуваа универзитетите да престанат да соработуваат со Израел или со компаниите кои ја поддржуваат војната во Газа.

Во текот на протестите досега беа уапсени повеќе од 1.000 студенти.

Судирите во УКЛА се случија околу кампот на пропалестинските демонстранти, кои поставија барикади додека контрадемонстрантите се обидуваа да ги урнат.

Дел од демонстрантите фрлаа столови, а во еден момент група луѓе нападна лице кое лежело на земја, клоцајќи го и удирајќи го со стапови.

Се уште не е познат бројот на повредени за време на овие судири.

Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, насилството го нарече „апсолутно одвратно и неоправдано“ и рече дека полицајците од полициската управа во Лос Анџелес биле на местото на настанот откако им било кажано дека универзитетот побарал полициска помош.

Нападот на 7 октомври од милитантите на Хамас во јужен Израел - палестинска група означена како терористичка организација од САД и Европската Унија - и последната израелска офанзива, ги предизвикаа најголемите студентски протести во САД од антирасистичките протести во 2020 година.

Пропалестинските демонстранти, исто така, се собраа на Сити колеџот во Њујорк, а универзитетот им нареди да го напуштат кампусот, рече заменик-комесарот на Њујорк Каз Датри. Десетици демонстранти се уапсени, објави Њујорк Тајмс.

Датри, исто така, рече дека универзитетот побарал присуство на полиција за да ги растера демонстрантите.

Многу протести низ САД беа придружени и со контрапротести во кои има и обвинувања за поттикнување на антисемитизам.

Пропалестинската страна, вклучително и Евреите кои се противат на израелските акции во Газа, велат дека неправедно се етикетирани како антисемитисти бидејќи ја критикуваат израелската влада и изразуваат поддршка за човековите права.

Ова прашање доби и политичка конотација пред претседателските избори во САД во ноември, при што републиканците обвинија некои универзитетски администратори дека замижуваат пред антисемитската реторика.

Портпаролот на Белата куќа Џон Кирби во вторникот го нарече принудното влегување во зградите на кампусот „погрешен пристап“.

САД разочарани бидејќи две лица кои се на црната листа се предложени да бидат дел од новата српска влада

Поранешниот шеф на српската служба за безбедност Александар Вулин беше санкциониран од Вашингтон во јули 2023 година за „коруптивни и дестабилизирачки акти, кои исто така ги олеснија малигните активности на Русија во регионот“. (Архивска фотографија)
Поранешниот шеф на српската служба за безбедност Александар Вулин беше санкциониран од Вашингтон во јули 2023 година за „коруптивни и дестабилизирачки акти, кои исто така ги олеснија малигните активности на Русија во регионот“. (Архивска фотографија)

Соединетите Американски Држави соопштија дека се „разочарани“ по објавата дека две лица под санкции на САД се вклучени во предложениот нов српски владин кабинет.

„Разочарани сме што гледаме две санкционирани лица предложени за функции во новата влада“, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент за РСЕ во писмена изјава на 1 мај.

Станува збор за двајцата номинирани лица - Александар Вулин, кој е предложен за вицепремиер и Ненад Поповиќ, кој беше поставен за министер без ресор.

„Нашиот став за г-дин Вулин и г-дин Поповиќ е добро познат“, рече портпаролот на Стејт департментот.

„Тие остануваат под санкции на САД“, истакна тој додавајќи дека Вашингтон нема никаква улога во именувањата во српската влада.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 1 мај изјави дека „не е задоволен“ од позицијата на Стејт департментот.

„Се надевам дека ќе имаме добри односи со нашите американски партнери. Исклучително е важно да имаме добри односи“, истакна Вучиќ.

Вулин, поранешен директор на српската безбедносна агенција БИА, беше санкциониран од Вашингтон во јули 2023 година за „коруптивни и дестабилизирачки акти кои исто така ги олеснија малигните активности на Русија во регионот“.

Поповиќ, бизнисмен и поранешен министер без ресор, беше санкциониран во ноември 2023 година поради наводно „работење во електронскиот сектор на економијата на Руската Федерација“.

Во март, Вучиќ побара од министерот за одбрана Милош Вучевиќ да формира нова влада по оспорените парламентарни избори во декември минатата година.

Вучевиќ, лидерот на владејачката Српска напредна партија (СНС), ја извршува функцијата министер за одбрана и вицепремиер од 2022 година. СНС и нејзините коалициски партнери кои освоија тесно мнозинство од 129 мандати во законодавниот дом со 250 места се избори за гласање што беше нарушено со наводи за измама.

Вучевиќ ги објави своите предлози на 30 април, тврдејќи дека неговиот кабинет ќе вклучува шефови на 25 министерства и пет министри без ресор.

Актуелниот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ е предложен за министер за внатрешни работи, додека министерот за полиција Братислав Гашиќ е избран за министер за одбрана.

Српскиот парламент требаше да расправа за формирање на новата влада на 1 мај.

Блинкен им порача на Израел и Хамас дека е време за прекин на огнот

Американскиот државен секретар Антони Блинкен зборува со новинарите пред камионот за хуманитарна помош за Газа во јорданската хуманитарна организација Хашемит во Аман на 30 април 2024 година.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен зборува со новинарите пред камионот за хуманитарна помош за Газа во јорданската хуманитарна организација Хашемит во Аман на 30 април 2024 година.

Државниот секретар на Соединетите Држави (САД) Ентони Блинкен се состана со израелските лидери на 1 мај, за време на посетата на Израел, а во таа прилика му порача на претседателот на земјата дека „е дојдено времето“ за договор за прекин на огнот во војната во Газа.

Ова е седма посета на Блинкен од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас - палестинска група прогласена за терористичка организација од страна на САД и Европската Унија уште од октомври.

Блинкен се обидува да постигне договор кој би ги ослободил заложниците кои ги држат милитантите на Хамас во замена за прекин на борбите. Како дел од договорот се очекува да бидат ослободени и палестинските затвореници.

Блинкен го обвини Хамас за какво било одложување на постигнувањето договор.

„Решени сме да постигнеме прекин на огнот што ќе ги врати заложниците дома и сакаме да го постигнеме тоа сега, а единствената причина што нема да биде тоа постигнато е поради Хамас“, рече тој.

Блинкен ги посети клучните регионални лидери во Саудиска Арабија и Јордан пред да пристигне во Израел. Тој се сретна со израелскиот претседател Исак Херцог, а подоцна ќе се сретне и со премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Според американскиот Стејт департмент, тој ќе се сретне и со семејствата на заложниците и ќе посети израелско пристаниште каде се проверува влезот на хуманитарна помош во Газа.

Се чини дека тековниот договор меѓу Израел и Хамас постигнува напредок, пренесува новинската агенција АП, но останува клучното прашање дали војната ќе заврши како дел од договорот - барање што Хамас го повтори, а Израел го отфрли.

Блинкен во вторникот рече дека Израел планира да отвори голем премин за хуманитарна помош во северниот дел на Газа. Војната меѓу Израел и Хамас срамни со земја големи делови од северна Газа, а гладот е неизбежен за стотиците илјади цивили кои остануваат таму.

Речиси седум месеци израелски бомбардирања и копнени офанзиви во Газа, според локалните здравствени власти убиле повеќе од 34.000 Палестинци и предизвикале хуманитарна катастрофа.

Војната меѓу Израел и Хамас предизвика напад без преседан на 7 октомври во јужен Израел, во кој милитантите убија околу 1.200 луѓе, главно цивили, и киднапираа околу 250 заложници. Израел тврди дека милитантите сè уште држат околу 100 заложници, како и останките на повеќе од 30 други лица.

Во ек на тензии, грузискиот парламент ја продолжува дебатата за законот за „странски агенти“

Жена стои пред полицијата за време на протестот против таканаречениот „руски закон“ во близина на зградата на парламентот во Тбилиси, Грузија, на 1 мај 2024 година.
Жена стои пред полицијата за време на протестот против таканаречениот „руски закон“ во близина на зградата на парламентот во Тбилиси, Грузија, на 1 мај 2024 година.

Грузискиот парламент остана во состојба на готовност по судирите во раните утрински часови на 1 мај меѓу полицијата и демонстрантите кои се противат на законот за странски агенти. Многумина веруваат дека овој закон го отсликува законот што го користи руската влада за да го поттисне несогласувањето во таа земја.

Предвидено е пратениците да продолжат да расправаат за законот за време на седницата на 1 мај и се очекува да гласаат на второ читање.

Во доцните часови на 30 април, грузиските безбедносни сили употребија солзавец и водени топови за да ги растераат илјадниците демонстранти.

Портпаролот на МВР на 1 мај соопшти дека се уапсени 63 лица, а шест полицајци биле повредени. Не е познато колку демонстранти се повредени.

За време на судирите се повредени пратениците Алеко Елисашвили и Леван Хабеишвили, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи Александар Даракхвелидзе.

Хабеишвили, шефот на Обединетото национално движење (УНМ), пренесен е во болница, а на фотографиите се гледа дека има модринки и исеченици на главата и торзото. УНМ соопшти дека бил „киднапиран“ од полицијата и тврди дека тој му „помагал на повреден граѓанин“ кога бил приведен.

Новинар на грузискиот сервис на Радио Слободна Европа објави два инциденти во кои маскирано лице ги удира демонстрантите со тупаници по лицето.

Тоа беше последниот во серијата масовни протести во изминатите две недели против законите воведени од владејачката партија Грузиски сон.

Критичарите го нарекуваат предлог-законот „руски закон“, а претседателката Саломе Зурабишвили, која се огради од политиката на владејачката партија, вети дека ќе стави вето на законот доколку тој биде официјално одобрен во трето читање, како што се очекуваше.

Сепак, владата ги има потребните гласови за да се отфрли ветото. Пратениците ја завршија седницата на 30 април без гласање.

Протести и контрапротести во Тбилиси за Законот за „странски агенти“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:23 0:00

Леван Јоселијани, омбудсман на Грузија, рече дека извештаите за прекумерна употреба на сила од страна на службениците за спроведување на законот кружат на социјалните мрежи и ги повика демонстрантите „да не одат подалеку од организирање на мирни собири“.

Јоселиани предупреди дека употребата на секаков вид сила или специјални средства од страна на службениците за спроведување на законот „мора да исполни строг тест на неопходност и пропорционалност“.

„Не е дозволено да се користи бибер спреј на лицето“, рече тој, додавајќи дека за употреба на какви било посебни средства мора да и претходни предупредување.

На 30 април, меѓународниот хакерски колектив Анонимус изрази поддршка за демонстрантите и ја предупреди грузиската полиција дека „нападот врз демонстрантите ќе резултира со објавување информации за сите владини функционери“.

Во објава на социјалната мрежа X, порано позната како Твитер, групата се закани дека ќе ги хакира и објави базите на податоци и електронската поштата, потенцирајќи дека „ова е прво и единствено предупредување“.

Се урна дел од автопат во Кина, најмалку 19 загинати

Превртени возила на местото на уривање на надвозник на автопат во Ежу, провинцијата Хубеи, Кина, на 19 декември 2021 година. (Архивска фотографија)
Превртени возила на местото на уривање на надвозник на автопат во Ежу, провинцијата Хубеи, Кина, на 19 декември 2021 година. (Архивска фотографија)

Најмалку 19 лица загинаа на 1 мај кога се урна дел од автопатот во јужната кинеска провинција Гуангдонг, објави кинеската државна телевизија Си-Си-Ти-Ви.

Дел од патот долг 17,9 метри се срушил околу два часот наутро, објавија властите во главниот град Гуангдонг, Меижоу, пренесува АП.

„Околу 11:45 часот по локално време, 18 автомобили се пронајдени под урнатините (на патот). Властите потврдија 19 смртни случаи, а уште 30 лица се во болница, но нивните животи не се во опасност“, се вели во извештајот на Си-Си-Ти-Ви.

Изминативе денови во областа врнеа обилни дождови.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG