Достапни линкови

Вести

Зеленски ја одбележа годишнината од масакрот во Буча

Илустрација, одбележување на една година од масакрот во Буча
Илустрација, одбележување на една година од масакрот во Буча

Украина на 31 март одбележува една година откако руските воени сили се повлекоа од Буча, оставајќи зад себе стотици мртви тела од цивили на улиците, по како што го нарече Киев, извршеното воено злосторство и масакр. Во видеото објавено на социјалните мрежи, украинскиот претседател Володимир Зеленски го нарече масакрот во Буча „симбол на злосторствата“ извршени од руската војска.

„Никогаш нема да простиме. Ќе ги казниме сите виновни“, истакнува Зеленски во објавеното видео.

Додека руската војска беше принудена набрзина да ги напушти Буча и Ирпин, друг град на периферијата на Киев, по неуспешниот обид да го освои главниот град на Украина, сликите на мртвите тела расфрлани низ улиците на Буча го обиколија светот, предизвикувајќи бран на шок и осуда.

Русија негираше дека ги извршила масакрите и тврди дека објавените слики и видеа од Буча се „исценирани “ од Украина.

Украинските власти проценуваат дека околу 400 тела на цивили се пронајдени во Буча и вкупно повеќе од илјада низ целиот регион околу Киев. Многу од телата беа пронајдени во масовни гробници.

Украинските и меѓународните истражители отворија истрага за воените злосторства во Буча, Ирпин и други локации во Украина каде што се случија очигледни масакри.

Во меѓувреме, борбите меѓу украинските и руските сили за контрола на Бахмут и други клучни градови во источниот регион Доњецк продолжија со несмалено темпо, бидејќи североисточниот град Харкив беше цел на напади со проектили и беспилотни летала во текот на ноќта, соопшти војската на 31 март.

види ги сите денешни вести

Блинкен се надева на прекин на огнот меѓу Израел и Хамас пред посетата на Блискиот Исток

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изрази надеж дека сепак ќе биде договорен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, како и ослободување на заложниците кои ги зеде палестинското исламистичко движење во нападот врз еврејската држава на 7 октомври, објавија британските медиуми.

Блинкен зборуваше денеска на прес-конференција на Филипините пред уште една турнеја на Блискиот Исток од избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас.

„Ќе разговарам за „вистинската архитектура за траен регионален мир“, рече тој по повод претстојните посети на Саудиска Арабија и Египет.

Блинкен предупреди дека „100 отсто“ од населението на Појасот Газа е во „ситуација на сериозна несигурност во храната“.

Нови преговори за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците кои ги држеше Хамас почнаа вчера во Доха, пишува ДПА.

Дејвид Барнеа, директорот на израелската странска разузнавачка агенција Мосад, пристигна во главниот град на Катар на средби со посредниците.

Блинкен неделава ќе го посети Блискиот Исток, соопшти Стејт департментот, во услови на напорите на Вашингтон да посредува за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Газа за да се овозможи ослободување на заложниците земени од палестинската милитантна група.

„Блинкен ќе ги посети Саудиска Арабија и Египет и ќе се сретне со високи претставници од двете земји“, соопшти Стејт департментот.

Обезбедувањето поголема хуманитарна помош за Газа, како и разговорот за повоениот план за енклавата, ќе бидат меѓу темите за кои ќе разговара со саудискиот и египетскиот функционер.

Советот за општи работи на ЕУ ќе разговара за Украина, Блискиот Исток и проширувањето на унијата

илустрација
илустрација

Подготовките за средбата на шефовите на држави или влади на членките на Унијата закажана за 21 и 22 март се главна тема на денешното заседание на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) во Брисел, со кое ќе претседава белгиската министерка за надворешни и европски работи и надворешна трговија Хаџа Лабиб.

Министрите или државните секретари задолжени за европски прашања на земјите членки на Унијата во тој контекст ќе дебатираат за нацрт-заклучоците за Самитот посветени на состојбите во Украина и на Блискиот Исток, проширувањето на ЕУ, безбедноста и одбраната и на земјоделската политика.

На заседанието на Советот ќе стане збор и за Европскиот семестар за 2024 година, односно за рамката за социо-економските политики на ЕУ, при што министрите ќе го разгледаат извештајот на белгиското претседателство за досега реализираните планови, како и за следните чекори во процесот.

Во овој дел од состанок, Советот ќе ја разгледа и Нацрт-препораката за економската политика на Еврозоната, која би требало да биде усвоена на претстојниот Самит на ЕУ.

Покрај тоа, учесниците на заседанието ќе разменат мислења и за иднината на Европа, со посебен акцент на внатрешните реформи на Унијата со цел таа да се прилагоди за прием на нови членки.

Зеленски се заблагодари на ЕУ за создавање нов фонд за помош

Украинскиот претседател Володомир Зеленски
Украинскиот претседател Володомир Зеленски

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, им се заблагодари на раководството на Европската Унија и на земјите-членки за создавањето на нов Фонд за помош на Украина во рамките на Европскиот фонд за мир.

„Сакам да му се заблагодарам на раководството на Европската Унија и на сите земји-членки за создавањето нов Фонд за помош на Украина во рамките на Европскиот фонд за мир. Сумата е пет милијарди евра што ќе одат за поддршка на нашите одбранбени акции оваа година. Очекуваме и дека овој фонд ќе стане компонента на општиот безбедносен договор меѓу Украина и Европската унија“, рече Зеленски во видео порака.

Европската Унија вчера (18 март) најави создавање фонд за воена помош за Украина во износ од пет милијарди евра за 2024 година во рамките на реформираниот Европски фонд за мир.

ЕУ ќе ги искористи парите за финансирање на набавка на смртоносна и несмртоносна воена опрема и за обука, се наведува во соопштението.

Со одобрени 5 милиони евра на 18 март, горната граница на овој фонд веќе е поставена на 17 милијарди евра за периодот 2021-2027 година.

Минатата недела, амбасадорите на 27 земји-членки на ЕУ одобрија фонд за Украина, која се соочува со инвазија што Русија ја започна во февруари 2022 година.

Четворица од претенденти за шеф на државата ги поднеле кандидатурите до ДИК

Претседателската резиденција Вила „Водно“
Претседателската резиденција Вила „Водно“

Четворица од седуммина претенденти за шеф на државата кои собраа потписи од граѓаните денеска (18 март) поднеле кандидатури за претседател до Државната изборна комисија (ДИК).

Според роковникот на ДИК за претседателските избори, кандидатурите треба да бидат поднесени до утревечер (19 март).

Оние кои денеска ги поднеле кандидатурите се: актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата; Стевчо Јакимовски од Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ); Максим Димитриевски од За наша Македонија (ЗНАМ) и Арбен Таравари од поддржан од коалицијата на албанската опозиција Вреди.

Останатите тројца претенденти кои успеаја да ги соберат потребните 10.000 потписи и се очекува да ги поднесат кандидатурите се: Гордана Силјановска-Давкова, која е поддржана и со пратенички потписи од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата; Билјана Ванковска поддржана од Левица; и Бујар Османи, поддржан од ДУИ.

За претседателски кандидат потребно е да се соберат 10.000 потписи или да се обезбеди поддршка од 30 пратеници. Според распоредот на силите во парламентот и бројноста на пратеничките групи, поддршка од оваа бројка пратеници можеа да обезбедат само Пендаровски и Силјановска-Давкова. Сепак, и тие решија да собираат потписи.

Рокот за собирање потписи беше од 23 февруари до 8 март.

Откако кандидатурите ќе се поднесат до ДИК, тие треба да бидат потврдени од членовите на оваа комисија со што и формално претендентите за шеф на државата ќе станат претседателски кандидати.

Кампањата за претседателските избори ќе започне на 4 април. Првиот круг од гласањето ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај кога граѓаните на Северна Македонија ќе гласаат и на парламентарни избори.

Јакимовски за црната листа: Изненаден сум, ова е нечесна работа

Стевчо Јакимовски
Стевчо Јакимовски

„Дали сум изненаден? Да. Апсолутно сум изненаден“. Ова беа меѓу првите зборови во реакцијата на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, откако американскиот Стејт департмент на 18 март објави дека го става него и неговото семејството на црната листа.

Покрај Јакимовски, листата санкционирани се прошири и со поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиното потесно семејство.

„Како може да не бидам изненаден кога на 4 јули бев поканет од американската амбасада и стриктно ми беше кажано дека листата е максимално редуцирана и се одеше строго по листа за да не бидат присутни некои што тие не сакаат – криминалци или несакани лица, да присуствуваат на денот на американската државност, 4 јули“, рече Јакимовски на вонредна прес-конференција вечерва.

Тој е лидер на партијата Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ), а денеска и официјално ја поднесе кандидатурата за претседател на државата откако изминатиот период успеа да ги собере потребните 10.000 потписи.

Неговата реакција за црната листа во најголем дел се однесуваше на тоа дека ова се случува поради неговата кандидатура бидејќи, како што тврди, ја има поддршката од гласачите за да се пласира во вториот круг од изборите. Ставањето под санкции, тој го нарече „нечесна работа“.

„Како поинаку да го сфатиме овој акт на насилие освен директно мешање во изборниот процес во Република Македонија којшто е казниво, кривично дело и мешање на странски разузнавачки служби во изборот на претседател на Република Македонија. Јавно кажувам дека ќе поднесам кривична пријава против непознат сторител, мора да се утврди кој од овде, од нашиве македонски гавази ја направи оваа нечесна работа“, вели Јакимовски, кој на прес-конференцијата се спореди и со поранешниот американски претседател и извесен кандидат на републиканците за годинешните избори Доналд Трамп.

Градоначалникот на Карпош, заедно со Јанева, се најде на црната листа бидејќи, како што соопштија од Стејт департментот, нивните постапки го поткопале владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси.

„Во неговото службено својство како градоначалник на општина Карпош, Северна Македонија, Јакимовски беше вклучен во коруптивни дејствија, вклучително и користење на својата службена положба за мешање во урбаниот развој и процесите на набавки за да имаат корист за себе и за неговите соработници“, наведоа од Стејт департментот за Јакимовски за кого се водеа кривични постапки за злоупотреба на службената положба и бесправно градење.

Нема пречка за претседателската кандидатура на Јакимовски

По проширувањето на американската црна листа, попладнето на 18 март во изјава за државната агенција МИА се огласија и од Државната изборна комисија (ДИК) во однос на кандидатурата на Јакимовски за шеф на државата. Оттаму посочија дека кандидат може да биде лице кое ги исполнува условите за претседател утврдени со Уставот, кој пак предвидува само дека треба да биде државјанин на Република Северна Македонија, да има најмалку 40 години и да бил жител на државата најмалку десет години во последните 15 години.

„Само овие услови ги предвидува Уставот за претседател на државата. Други услови не се предвидени ниту со Изборниот законик и тој упатува на Уставот“, посочија од ДИК.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни прозивки

Веста од Вашингтон, предизвика реакции и меѓу политичките партии, па двете најголеми – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, излегоа со меѓусебни прозивки.

Социјалдемократите побараа во Собранието да се донесат измените на Законот за рестриктивни мерки со кои ќе се санкционираат македонските државјани и фирми кои ќе се најдат на американската и на британската црна листа.

„Законот е доставен до Собранието од страна на Владата. СДСМ го повикува пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ кој раководи со собраниската Комисија за надворешна политика веднаш да го стави на дневен ред, Мицкоски и ДПМНЕ да го поддржат и законот да биде усвоен. Треба веднаш да се создаде можност сите вакви случаи наведени од нашите стратешки партнери да може да се процесираат преку домашното законодавство“, реагираа од СДСМ.

Клучно со овие измени, на кои инсистира владејачката партија, е што институцијата што ќе ѝ предложи на Владата воведување санкции откако некој ќе се најде на американската или британската црна листа, ќе има обврска сите докази да ги достави и до Јавното обвинителство, а тоа, пак, ќе мора да започне кривична постапка.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, ставањето на Јанева и Јакимовски на црната листа го нарече „удар за СДСМ“. Ставањето на овие две лица со нивните семејства под американски санкции, според партијата, е доказ дека „корупцијата во земјава цвета“.

„СДС даваше најголема поддршка на СЈО и Јанева, злоупотребувајќи го судството и обвинителството за пресметка со неистомисленици. Каде им се сега маичките со ликот на Јанева на функционерите од СДС денеска кога истата беше прогласена за непожелна личност на САД? Воедно, и градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски кој излезе од коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а направи неформална коалиција со СДС и Ковачевски, од денеска се наоѓа на црната листа на САД. На СДС и Ковачевски устите им се полни со прозападни вредности, со проевропски фронт, а всушност се во коалиција со луѓе криминализирани до гуша“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Откако на 18 март Стејт департментот објави дека Јакимовски и Јанева се ставени на црната листа, прва со порака се јави американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер која порача дека ова не треба „никого да изненади“.

„САД ќе продолжат да ги именуваат функционерите на која било партија, огранок на владата или заедница што се вклучени во значителна корупција. Народот на Северна Македонија заслужува правда и одговорност од нивните институции за да се запре бранот на криминално однесување и да се запре ракот на корупцијата“, вели Агелер.

Јакимовски и Јанева се само последните актуелни или поранешни функционери што се најдоа под американски санкции.

Меѓу последните кои од почетокот на декември 2023 е на црната листа е бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев.

На американската црна листа претходно се најдоа и поранешниот шеф на Управата за контраразузнавање Сашо Мијалков, неговиот братучед и поранешен премиер Никола Груевски, бизнисменот Јордан (Орце) Камчев и рускиот бизнисмен Сегреј Самсоненко и неговата сопруга, кои имаат бизниси во земјава.

Седиштето на претседател на РС Милорад Додик во боите на руското знаме

Зградата каде се наоѓа седиштето на претседателот на Република Српска е осветлено со боите на руското знаме поради победата на Путин, Бања Лука, 18 март 2024 година.
Зградата каде се наоѓа седиштето на претседателот на Република Српска е осветлено со боите на руското знаме поради победата на Путин, Бања Лука, 18 март 2024 година.

Во понеделникот вечерта, на 18 март, зградата во која се наоѓа седиштето на претседателот на Република Српска беше осветлена во боите на руското знаме.

Ова било направено „во чест на победата на Владимир Путин“ на претседателските избори во Русија, а во знак на пријателство меѓу Република Српска и Русија, објави претходно во понеделникот на мрежата Икс Милорад Додик, претседателот на овој ентитет во Босна и Херцеговина.

Прорускиот лидер на Србите во Босна и Херцеговина, кој е под американски и британски санкции поради неговите антидејтонски активности, претходно на истата социјална мрежа му честиташе на Путин за победата.

Додик е еден од ретките функционери кои се сретнале со Путин од почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година, дури четири пати.

Последен пат Додик се сретна со Путин на 21 февруари во Казан, во руската Република Татарстан.

По тој повод Путин му го врачи Орденот Александар Невски, со кој Додик беше одликуван во јуни минатата година „за неговиот придонес во развојот на соработката“ меѓу Русија и Босна и Херцеговина.

Инаку, на изборите во Русија како набљудувачи беа Мирослав Вујичиќ – пратеник во Претставничкиот дом на Парламентот на БиХ, Срѓан Мазалица – пратеник во Народното собрание на Република Српска (РС) и Синиша Видовиќ – советник на претседателот на Народното собрание.

Сите тројца се членови на партиите од владејачката коалиција во РС – Вујичиќ и Мазалица од Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), партијата на Милорад Додик, додека Видовиќ е член на Обединета Српска.

Тие беа меѓу ретките набљудувачи од европските земји на изборите, на кои немаше никој од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

На строго контролираните избори, кои завршија во неделата, на 17 март, Владимир Путин обезбеди дополнителни шест години како претседател, со што стана руски лидер со најдолг стаж по Јосиф Сталин. Тој е на власт 24 години.

Победата му беше сигурна, бидејќи не се соочи со ниту еден кредибилен ривал и не беше дозволено да се кандидира за претседател на Русија некој кој се противи на руската агресија врз Украина.

Милановиќ не прифаќа дека мора да поднесе оставка ако сака да се кандидира на избори

Зоран Милановиќ, претседател на Хрватска
Зоран Милановиќ, претседател на Хрватска

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ја отфрли одлуката на Уставниот суд на Хрватска дека не може да биде кандидат на претстојните парламентарни избори доколку не поднесе оставка и рече дека нема намера да го стори тоа.

Уставниот суд на Хрватска одлучи дека актуелниот претседател Зоран Милановиќ, како непартиски на таа функција, не смее да биде кандидат на претстојните избори, а доколку сака тогаш треба да поднесе оставка од функцијата претседател.

Милановиќ, кој ги распиша парламентарните избори во Хрватска за 17 април, пред три дена најави дека ќе биде носител на изборната листа на Социјалдемократската партија (СДП) во првата изборна единица. Милановиќ рече дека на изборите ќе излезе како независен и непартиски кандидат на листата на СДП, по што ќе стане премиер.

Претседателот на Уставниот суд, Мирослав Шепаровиќ, на прес-конференција по седницата на 18 март изјави дека Милановиќ не смее да биде кандидат за пратеник, ниту за премиер, ниту на кој било начин да учествува во изборната кампања.

Шепаровиќ рече дека Милановиќ, доколку сака да се кандидира, прво мора да поднесе оставка од функцијата претседател на државата, по што претседателските должности ќе ги преземе претседателот на парламентот, а во рок од 60 дена треба да се распишат претседателски избори.

Шепаровиќ ги повика Милановиќ и СДП да постапат во согласност со Уставот на земјата. Уставниот суд, додаде, очекува сериозност од Милановиќ и другите учесници во изборниот процес.

Сепак, Милановиќ ги нарече уставните судии неписмени гангстери, а нивната одлука уставен удар. Во изјавата за новинарите во Вела Лука на островот Корчула, тој рече дека на крајот ќе биде премиер и ги повика граѓаните да се обединат против владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ).

„Ќе бидам кандидат на изборите, како што можев да бидам и на европските избори. Се разбира, нема да си го доделам мандатот на себе. Што е спорно, неписмени гангстери“, праша Милановиќ, кој повтори дека нема да поднесе оставка од позиција на претседател за да не се предаде целата власт на ХДЗ.

Доколку Милановиќ поднесе оставка на функцијата претседател би дошол актуелниот претседател на Собранието Горан Јандроковиќ од владејачката ХДЗ.

Парламентарните избори првично беа планирани за есен, но владата одлучи да ги одржи пред изборите за Европскиот парламент во јуни.

Хрватскиот Сабор има 151 пратеник, од кои 140 се избираат во десет изборни единици, тројца во дијаспората се избираат од хрватски државјани кои живеат во странство, а осум се припадници на националните малцинства во 12-та изборна единица, што е целата земја.

Бајден и Нетанјаху разговараа за Газа за првпат по повеќе од еден месец

Џо Бајден во Тел Авив, октомври 2023 година.
Џо Бајден во Тел Авив, октомври 2023 година.

Американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху разговараа во понеделникот, соопшти Белата куќа, што е нивен прв разговор по повеќе од еден месец во екот на зголемените тензии поради израелската офанзива во Газа.

Двајцата последен пат разговараа на 15 февруари, а Бајден е сè погласен во критиките кон Израел поради бројот на загинати Палестинците и страшната хуманитарна ситуација во Газа.

Претседателот Бајден разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за новите случувања во Израел и Газа, вклучувајќи ја и ситуацијата во Рафа и напорите за зголемување на хуманитарната помош за Газа, се вели во соопштението на Белата куќа.

Се посочува дека подоцна ќе објават повеќе детали за повикот.

Нетанјаху го отфрли притисокот од Вашингтон, велејќи неодамна дека Израел ќе продолжи со планот за офанзива во градот Рафа во јужниот дел на Газа за да се уништи Хамас, палестинска организација која САД и Европската унија (ЕУ) ја прогласија за терористичка организација.

Со предупредувањето од ОН за неизбежен глад во Газа, Бајден претходно овој месец и нареди на американската војска да започне со авионски фрлање храна во енклавата и испраќа американски сили да изградат пристаниште за привремена помош.

Во исто време, САД продолжуваат да доставуваат милијарди долари воена помош на американскиот сојузник Израел.

Израелската војска започна офанзива во Газа откако вооружени лица на Хамас убија околу 1.200 луѓе во јужен Израел на 7 октомври и зедоа 253 заложници.

Министерството за здравство на Газа, под контрола на Хамас, соопшти дека оттогаш повеќе од 32.000 луѓе се убиени на палестинска територија.

Советот на ЕУ одобри нов фонд за помош на Украина од 5 милијарди евра

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се ракува со шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел во Киев на 7 февруари.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се ракува со шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел во Киев на 7 февруари.

Советот на Европската унија (ЕУ) го одобри создавањето на Фонд за помош на Украина (УАФ) и за тоа одвои 5 милијарди евра додека Киев се бори да се избори со инвазијата на руските сили.

„Со фондот, ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина да се брани од руската агресивна војна со се што е потребно и онолку долго колку што е потребно“, рече на 18 март високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

ЕУ ќе ги искористи парите за финансирање на набавка на смртоносна и несмртоносна воена опрема и за обука, се наведува во соопштението.

Советот, исто така, ги одобри и правилата за заедничка набавка на оваа опрема.

Со одобрени 5 милиони евра на 18 март, горната граница на овој фонд веќе е поставена на 17 милијарди евра за периодот 2021-2027 година.

Минатата недела, амбасадорите на 27 земји-членки на ЕУ одобрија фонд за Украина, која се соочува со инвазија што Русија ја започна во февруари 2022 година.

Во Ниш повторното му се суди на поранешен украински разузнавач

Поранешниот украински разузнавач Андриј Наумов (лево) со неговиот адвокат Едвин Прелиќ во зградата во судот во Ниш, Србија, 18 март 2024 година.
Поранешниот украински разузнавач Андриј Наумов (лево) со неговиот адвокат Едвин Прелиќ во зградата во судот во Ниш, Србија, 18 март 2024 година.

На 18 март, во Високиот суд во Ниш, на југот на Србија, започна новото судење против поранешниот украински разузнавач Андриј Наумов под обвинение за перење пари.

Апелациониот суд на крајот на јануари ја укина првостепената пресуда, со која Наумов беше осуден на една година затвор, и наложи повторно судење.

На подготвителното рочиште за новото судење на 18 март биле договорени деталите за натамошниот тек на судењето, јави репортерот на Радио Слободна Европа кој го следеше рочиштето.

Во својот исказ по обвинителниот акт, Андриј Наумов се изјасни за невин за кривичното дело перење пари што му се става на товар, но ги потврди наводите во обвинителниот акт дека во моментот на апсењето имал поголема сума пари од дозволената.

Одбраната тврди дека во овој случај нема елементи на кривичното дело перење пари, но евентуално може да се работи за „девизно дело“. Во тој случај, како што изјави за РСЕ еден од правните застапници на Наумов, Едвин Прелиќ, Наумов може да одговара по прекршочна, а не кривична пријава.

Обвинителството на рочиштето достави нови докази за наводно фалсификување документ со кој се потврдува дека речиси 530.000 евра, пронајдени при претресот на автомобилот на Андриј Наумов на граничниот премин меѓу Србија и Северна Македонија во јуни 2022 година, таткото на Андриј, Олег, ги позајмил од деловен партнер Вадим Фридман. Одбраната се спротивстави на внесувањето на овој доказ во постапката, тврдејќи дека се работи за „политички прогон од државата Украина против Наумов“.

Паралелно со постапката по обвинение за перење пари, во Србија се водеа и постапки по барање на Украина за екстрадиција на Наумов поради истрага за злоупотреба на службената положба.

Во септември 2023 година, Србија го одби барањето на Украина поради, како што е наведено, можен политички прогон доколку тој се врати таму. Наумов се спротивстави и на екстрадицијата, тврдејќи дека ќе биде загрозена неговата безбедност.

Украинскиот државјанин Андриј Наумов на 07.06.2022 година беше уапсен од српската полиција заедно со германскиот државјанин Александар Акст. При претресот во автомобилот биле пронајдени неколку стотици илјади евра и долари, како и два смарагди. Полицијата тогаш соопшти дека постои сомневање дека парите и смарагдите „потекнуваат од криминални активности“.

Наумов е на слобода и ја чека конечната пресуда по обвинението за перење пари во Србија, откако во декември 2023 година му беше укинат притворот и му беше одземена патната исправа за да не може да ја напушти Србија.

Поранешниот бригаден генерал Андриј Наумов почна да работи во Службата за безбедност на Украина (СБУ) во 2019 година. Тој беше отпуштен од служба на крајот на јули 2021 година.

Извесен период ја извршуваше функцијата началник на Главната управа за внатрешна безбедност, каде што доби нови, поголеми овластувања и влијание во службата.

Пред да влезе во СБУ, Наумов работеше во Државната агенција за управување со зона на исклучената нуклеарна централа Чернобил. Тој беше одговорен за управување со економскиот комплекс на зоната на исклучување, како и за комуникација со јавноста за статусот на радијација.

Пред нуклеарната централа, 12 години работел во Обвинителството како виш помошник на заменик-главниот обвинител, а потоа и како виш обвинител.

Поранешниот разузнавач беше во фокусот на новинарските истраги поврзани со корупција, шверц на пари и други вредни предмети во странство. Во октомври 2020 година, новинарите на „Шема“, проект на украинскиот сервис РСЕ – Радио Свобода, го открија елитниот недвижен имот на Наумов, кој не соодветствува со пријавените приходи на државниот службеник.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG