Достапни линкови

Умерен оптимизам од средбата Вучиќ и Курти во Вила Билјана во Охрид


Комбо фотографија од премиерот Димитар Ковачевски со Албин Курти и Александар Вучиќ во Охрид, 18 март 2023
Комбо фотографија од премиерот Димитар Ковачевски со Албин Курти и Александар Вучиќ во Охрид, 18 март 2023

Во Охрид започнаа средбите во рамки на договорот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, под покровителство на Европската унија. ЕУ очекува Белград и Приштина да се договорат за планот за спроведување на договорот. Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека „не планира ништо да потпише“. Косовскиот премиер Албин Курти е оптимист за состанокот, но вели дека не зависи сè од него. Пред состаноците премиерот на Македонија имаше одвоени средби со Курти и Вучиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти утрово пристигнаа во комплексот „Билјана“ во Охрид, каде денеска продолжува дијалогот меѓу Белград и Приштина за нормализација на односите, што се одржува по покровителство на ЕУ. Домаќин на средбата е премиерот Димитар Ковачевски.

Ковачевски утринава имаше одвоени средби со Курти и Вучиќ. Тој ги охрабрува бидат конструктивни и да имаат продуктивен ден, иако, како што вели, дијалогот значи и отстапки.

„Дијалогот е единствената алатка за консолидација на регионот, тоа е од голема важност и за нив двете и на регионот“, рече Ковачевски, додека во вилата Билјана течат состаноците.

Денешните разговори, на кои присуствуваат и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел и специјалниот пратеник на Унијата за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, се продолжение на дискусијата од 27 февруари во Брисел на која беше договорен текстот на првичниот план за нормализација на односите меѓу двете земји.

Ковачевски во Охрид допатува синоќа заедно со Борел и Лајчак со авион од Скопје.

Тој тука ги пречека Вучиќ и Курти со кои имаше и одвоени средби.

Иницијатор средбата да се одржи во Охрид, е шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел. На средбата во Охрид, Вучиќ и Курти треба да се усогласат за анексот на договорот што го предлага Европската унија, кој се однесува на спроведување на договорот.

Средбите во Охрид се одржуваат во вилите од комплексот Билјана. Тука се вилите на претседателот, премиерот и на Министерството за внатрешни работи. За нив многу малку се знае, а пристапот за новинари е ограничен. Во времето на Југославија комплексот беше познат како Вилата на Тито. Градени се веројатно во доцните 50-ти или раните 60-ти години, а Тито го посетил комплексот во 1967 година. Вилите се погодни за шатл-дипломатија, затоа што може да се оди од една во друга вила, далеку од очите на јавноста.

Во ек на воениот конфликт во 2001 година, во Вилата Билјана се водеа преговорите кои доведоа до постигнувањето на Охридскиот рамковен договор за окончување на конфликтот. Договорот беше потпишан на 13 август 2001 година во Скопје.

Борел смета дека евентуалниот договор за планот за имплементација, кој се очекува на средбата во Охрид, ќе биде важен не само за двете земји туку и за целиот регион.

„Доколку тоа се случи (договор меѓу страните), тогаш Западен Балкан ќе означи голем чекор напред на патот кон Европската унија за целиот Западен Балкан“, рече Борел на 16 март во Тирана, каде што учествуваше на состанокот во рамките на Советот за стабилизација и асоцијација со Албанија.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во пресрет на средбата во Охрид изјави дека „не планира ништо да потпише“. Според Вучиќ, 18 март нема да биде судбоносен ден, а тој ќе се обиде да го направи она „што е најдобро за Србија“.

„А тоа е да работиме на нормализација на односите со Косово, да изградиме најдобри односи со Европската унија и цврсто да ги држиме нашите црвени линии, јас не се откажувам од тоа“, рече Вучиќ.

Тој ги повика граѓаните да му веруваат на државниот врв и порача дека ќе се потруди да го зачува мирот, да тргне по патот на нормализацијата, чувајќи ги виталните државни и национални интереси.

Ќе им се погоди ли Охрид на Вучиќ и Курти?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:13 0:00

Косовскиот премиер Курти, порача дека е оптимист за состанокот во Охрид, но дека не зависи сè од него.

Пред состанокот во Охрид, специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, ги посети Косово и Србија.

Лајчак за време на посетата на Србија, во интервју на РТС, рече дека формирањето на Заедницата на српските општини е главниот предуслов за постигнување договор.

Европскиот пратеник вели дека доколку се погледне предлогот на ЕУ, тој зборува за нормализација, а не за некаква капитулација.

Во посета на Србија беше и американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар. Договорот што го предлага Европската унија за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија е силно поддржан од Соединетите Американски Држави. Ескобар беше дел од тимот европско-американски дипломати кои во јануари беше во посета на Косово и Србија по повод договорот.

Ескобар очекува оваа година да се постигне договор за нормализација на односите меѓу Србија и Косово. На на прес-конференција на 16 март во американската амбасада во Белград, рече дека француско-германскиот предлог е првенствено договор за нормализација, а не за признавање на независноста на Косово.

„Американскиот став е дека Косово е независна држава со територијален интегритет и суверенитет. Ние, исто така, веруваме дека регионот ќе има корист од меѓусебното признавање, но тука не се работи за тоа“, рече Ескобар.

Тој рече дека во Охрид, САД очекуваат „признание“ дека Заедницата на општини со српско мнозинство претставува „важен дел од односите меѓу Србија и Косово“.

„Факт е дека Заедницата се појавува во Бриселскиот договор. Таа е дел од заклучоците на Европскиот совет и дел од политиката на САД. Тоа ќе се оствари. Прашање е кога тоа ќе се случи и кој модел ќе се примени“, рече Ескобар.

Вучиќ по средбата со Лајчак соопшти дека формирањето на Заедницата на српски општини е предуслов за нормализација на односите, како и за безбедноста и заштита на правата на српскиот народ на Косово.

Курти на 13 март рече дека се разгледуваат 15 модели кои Европската унија (ЕУ) ги понуди за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство.

„Се разбира, Уставот, законите, еднаквоста, функционирањето на државата се нешто за што никогаш нема да правиме компромиси“, изјави косовскиот премиер на новинарите на 13 март.

Заедницата на општини со српско мнозинство беше договорена во рамките на дијалогот во 2013 година, додека принципите на нејзиното формирање беа утврдени две години подоцна.

Но, официјална Приштина засега одбива да ја формира Заедницата, со образложение дека тоа не е во согласност со законите, дека не може да се формираат моноетнички здруженија и дека тоа е штетно за Косово, бидејќи може да влијае на внатрешната функционалност.


Во Охрид на 18 март Борел и Лајчак прво ќе имаат одвоени состаноци со Вучиќ и со Курти, а потоа ќе имаат заеднички трилатерален состанок.

Борел, Лајчак, Вучиќ и Курти имаа средба на 27 февруари во Брисел, по која Борел изјави дека лидерите на двете страни постигнаа согласност за Договорот за нормализација на односите, но дека се потребни дополнителни разговори за анексот со кој треба да се постави патоказ за примена на договореното.

Договорот познат и како француски или француско-германски план, бидејќи го формулираа советници на германскиот канцелар и на францускиот претседател, Јенс Платнер и Емануел Бон и го претставија на Вучиќ и Курти, во септември лани.

Планот, чија првобитна верзија во меѓувреме беше модифицирана, ЕУ го усвои во декември.

Извештајот за преговорите меѓу Вучиќ и Курти ќе биде разгледан од Европскиот совет на состаноците на 23 и 24 март.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG