Достапни линкови

Судството под лупа во Брисел, а во Скопје пука по сите шевови


Правда
Правда

Додека македонски судии и обвинители во Брисел ќе реферираат за усогласеноста на македонските со европските закони, правосудниот систем го тресат афери. Една од последните е за стотици студенти кои положиле правосуден испит пред да завршат студии на правен факултет.

Колку вкупно правници, кои треба да се грижат за спроведување на законите- незаконски исполниле услов за да станат адвокати, обвинители, државни правобранители или судии со „амин“ на тричлена комисија од Министерството за правда? Ова е прашањето што се поставува по аферата која ја отвори Антикорупциската комисија со спорниот начин на полагање на правосуден испит.

Студенти, со „амин“ на државата, можеле да полагаат правосуден испит без да ги завршат до крај студиите или без да имаат доволно приправнички стаж. Спорниот период во кој можеле тоа да го прават е од 2008 година до 2016 година, барем на тоа укажуваат податоците од истражувањата на Антикорупциската комисија.

Министри за правда во тој период биле Блерим Беџети, Аднан Јашари, Валдет Џафери и Билен Салиу кои дошле на функција од редовите на ДУИ.

Извори од министерството за правда за Радио Слободна Европа велат дека во тој период со потпис на министер се издавале потврди со кои им се дозволувало на кандидати да полагаат без да исполнат еден од условите пропишани со закон.

„На пример, според закон му требало две години приправнички стаж, а лицето Х има една година и девет месеци, ама со потпис на комисијата или на министерот му се одобрувало да полага три месеци пред да го исполни условот. Се зависи од интегритетот на комисијата, за да имаш доверба во луѓето што ги прегледуваат документите, “ вели изворот од Министерството.

Функционери на ДУИ дозволувале предвреме да се полага правосуден испит

Актуениот министер за правда Никола Тупанчевски денеска изјави дека дефинитивно некој функционер го искористил дискреционото право.

„Како што дознав од медиумите, не се работи за еден случај, туку се работи за примена на дискреционо право на именуван функционер. Дефинитивно некој го искористил тоа дискреционо овластување и токму затоа од тие причини законот е изменет за да не постои никаква можност во иднина. Еве јас 10 месеци сум министер, не сум ни помислил да дадам некој предвремено да полага правосуден испит“, вели Тупанчески.

Начинот на кој што се полага правосудниот испит низ годиниве неколку пати се менуваше. До 2014 кандидатите требаше да полагаат усно и писмено, додека со доаѓањето на Аднан Јашари на функција се воведе и електронски систем на полагање.

Од 3 до 5 илјади евра се движел тарифникот за прогледување низ прсти за исполнетост на условите за правосудниот испит или за добиени одговорени прашања пред самиот испит, се шпекулира меѓу адвокатските канцеларии.

„Кога полагаш компјутерски, имаш пристап до отворен систем, може да ти асистираат, да ти помогнат да полагаш или да паѓаш“, вели изворот од Министерството за правда за РСЕ.

Манипулациите го загрозуваат владеењето на правото

Многу е непријатно чувството кога ќе добиете информација дека одредени судии или јавни обвинители на незаконит или привилегиран начин станале судии или обвинители, вели професорот и судија Лазар Нанев.

„Навистина сум разочаран од она што го слушаме изминативе денови за начинот на полагање на правосудниот испит, но и за начинот на влез во Академијата за судии и јавни обвинители и тоа е згрозувачки. Ова покажува дека системот на саморегулација, одговорност и отчетност не функционира. Тоа значи дека се доведува во прашање самото начело за владеење на правото“, вели Нанев.

Според него одговорноста треба да се лоцира во носителите на јавните функции во тој временски период.

Молскавична правничка кариера

Електронскиот принцип на полагање е укинат во 2019 година, како дел од реформите, односно усогласување на оваа област со легислативата на ЕУ, и повторно е воведено писмено и усно полагање на кандидатите пред стручна комисија, врз основа на мерила и објективни критериуми за проценка на нивните знаења.

Синот на претседателот на Собранието Талат Џафери, Барлет Џафери го привлече медиумското светло кон стотици студенти кои во период од 2008 па до 2015 година положиле правосуден испит уште пред да завршат студии.

Според законот за правосуден испит Џафери освен што требало да има завршено правни судии, туку и требало да најмалку една година според последниот закон или две години според стариот закон како приправник во правна канцеларија. Џафери се вработил во гостиварското Обвинителство по 45 дена откако го положил правосудниот испит.

Во судската кариера брзо по скалите се искачила и вработена во Основниот суд Битола.

„Од вработен со средно образование, набрзина завршува правен факултет во Кичево, што е подружница на тој факултет во Битола, со 6,26 просек. Се запишува на втор циклус на студии, на магистарски, меѓутоа предвреме, без да помине една година се запишува да полага правосуден испит“, вели претседателката на ДКСК Биљана Ивановска.

За праксата предвреме да се полага правосуден испит говори и фактот дека 76 кандидати биле незадоволни и ги тужеле министрите за правда кои на тоа столче седеле од 2016 до 2020 година што не им дозволиле да полагаат со неисполнети услови. Тие сметале дека ги исполниле условите иако немале завршено студии, или пак дека со неколку месеци наместо најмалку една година приправнички стаж може да полагаат правосуден.

Во тој период се смениле тројца министери за правда Валдет Џафери, Билен Салиу и Рената Дескоска. Според пресудите на Управниот суд најчесто мета на тужби била министерката Рената Дескоска која не одобрувала решенија за предвремено полагање на правосуден испит.

Антикорупција се сомнева дека 449 студенти во период од 2008 до 2012 од Штуловиот Универзитет во Тетово полагале правосуден испит без да ги завршат до крај студиите.

Одговорноста кај министрите за правда и комисиите за правосуден испит

Ректорот на Штуловиот универзитет во Тетово, Абдулменаф Беџети, не се согласува со Ивановска. За него ова е само техничка грешка, односно лошо толкување на реалната ситуација, и како што вели, не се над 400 туку помалку од 200 студенти, без да прецизира колку точно студенти од правниот факултет добиле уверение за недовршени студии кои се третираат како целосно завршени.

„Меѓу 2011 и 2012 година имало такви случаи каде се издадени уверенија со погрешно наведување на називот 7/1. Меѓутоа од 2012 натаму сè е во ред. Во суштина нема грешка, има техничка административна грешка и не во целиот период, вели Беџети.

Антикорупционерите на седницата во ДКСК посочија дека одговорноста може да се бара во членовите на тогашните комисии и министри за правда, како и кај универзитетите кои дозволиле незавршени завршени студии да се третираат како целосно завршени.

„Држава во која било пракса со молба да се дозволи полагање правосуден без завршен факултет никогаш нема да биде правна држава“, коментираат адвокати на социјалните мрежи.

Обидот да се прекине праксата со молба да се дозволува предвреме полагање на правосуден испит се забележува и во последната измена на законот за правосуден испит од 2020 година, каде што е децидно нагласено дека предвремено полагање на испитот е забрането.

Во меѓувреме синот на спикерот Џафери во декември треба да ја заврши Академијата на судии и јавни обвинители и се очекува да пополни некое од испразнетите судски или обвинителски места.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG