Достапни линкови

Вести

Стевкова-Штериева: Банките се многу претпазливи при зголемувањето на каматните стапки

Претседателката на Македонската банкарска асоцијација Маја Стевкова-Штериева
Претседателката на Македонската банкарска асоцијација Маја Стевкова-Штериева

Банкарскиот систем е стабилен, а банките како никогаш досега се претпазливи во однос на зголемувањето на каматните стапки на кредитите, смета претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова-Штериева.

Иако Народната банка неколкупати досега ја зголеми основната каматна стапка која сега е на висина од 1,25 процентни поени, Штериева забележува дека на годишна основа просечните каматни стапки на кредитите и депозитите на ниво на банкарски сектор бележат мал надолен тренд.

„Јасно е дека во услови на инфлација мора да има зголемување на каматните стапки и дека сигналот на Народната банка е реакција на макроекономските и монетарните состојби во земјата. Сепак, банките се претпазливи имајќи предвид дека драстичното и брзо зголемување на каматните стапки може да влијае на способноста на кредитокорисниците за сервисирање на обврските, при што тоа посебно се однесува на населението“, вели Штериева во интервју за МИА.

Претседателката на МБА порачува секој кредитокорисник или депонент на средства во банка да посвети внимание на одредбите во договорот со цел да се избегнат недоразбирања или непотребна паника околу каматните стапки.

„Фиксните каматни стапки по дефиниција не се менуваат за периодот додека се фиксни и во тој случај нема потреба од вознемиреност. Но, многу е важно да се посвети внимание и да се видат одредбите во договорите“, вели Стевкова-Штериева.

Притоа нагласува дека банкарскиот систем е стабилен, а повеќето од македонските банки работеле профитабилно со солиден раст на профитот остварен во првото полугодие од 2022.

види ги сите денешни вести

Министерството за финансии побарало одземање лиценца на две друштва за игри на среќа

 Гордана Димитриеска Кочоска - мининстерка за финансии.
Гордана Димитриеска Кочоска - мининстерка за финансии.

Министерството за финансии иницирало постапка до Владата за одземање на лиценци за приредување игри на среќа на две друштва заради неисполнување на условите од издадените лиценца, соопшти денеска мининстерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.

Министерството за финансии кај двете друштва констатирало дека не се платени давачки утврдени со Законот за игри на среќа и за забавни игри и Законот за данок на личен доход.

„Министерството за финансии ја иницираше постапката откако од УЈП како надзорен орган на приредувањето на игри на среќа го доби записникот од извршената надворешна контрола над работењето на овие друштва“, рече Димитриеска Кочоска.

Првичното барање од Министерството за финансии за добивање на записникот до УЈП било доставено уште во јули 2023 година по што биле направени неколку ургенции, а во УЈП постапиле во јуни 2024 година, откако дошло новото раководство, вели Димитриеска Кочоска.

Од доставената документација од УЈП за извршената надворешна контрола било констатирано дека кај едно од друштвата за кое е иницирана постапка за одземање на лиценцата не биле платени давачки во континуитет од јули 2022 година.

Димитриеска Кочоска вели дека Министерството за финансии доставило дописи до Финансиската полиција и до Одделението за организиран криминал при МВР за преземање активности за утврдување на фактичка состојба со цел да се утврди дали и во колкав обем има оштетување на буџетот, но додаде дека станува збор за голем износ и дека дополнително ќе треба да се утврди дали двете друштва се поврзани со поранешни функционери.

Рускиот суд тајно ја осуди новинарката на РСЕ Курмашева на шест ипол години затвор

Алсу Курмашева - руско-американска новинарка на Радио Слободна Европа.
Алсу Курмашева - руско-американска новинарка на Радио Слободна Европа.

Рускиот суд ја осуди Алсу Курмашева - руско-американска новинарка на Радио Слободна Европа (РСЕ), за ширење лажни информации за руската армија, јавува АП. Како што покажуваат судските записи, но и според изјавите на официјалните лица, новинарката била осудена на шест ипол години затвор на судење кое било брзо и тајно.

Пресудата во градот Казан се случила во петокот, истиот ден кога судот во рускиот град Екатеринбург го осуди на 16 години затвор новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович за шпионажа и го осуди, во случај што САД го нарекоа политички мотивиран.

Курмашева е уредник на татарско-башкирската служба на РСЕ, е осудена за „ширење лажни информации“ за војската, според веб-страницата на Врховниот суд на Татарстан.

Портпаролот на судот, Наталија Лосева, потврди за Асошиетед прес во телефонски разговор дека Курмашева е осудена на 6 и пол затвор во случај класифициран како таен, без достапни детали за природата на обвиненијата против неа.

Во врска со пресудата, претседателот и извршен директор на РСЕ, Стивен Капус, денеска го осуди судењето против Курмашева, а пресудата ја опиша како „исмејување на правдата“. Тој додаде дека „единствениот праведен исход е Алсу веднаш да биде ослободена од затвор од нејзините руски киднапери“.

„Време е оваа американска државјанка, наша драга колешка, повторно да се соедини со своето љубезно семејство“, рече Капус во изјава за АП.

Украинскиот министер за надворешни работи ќе ја посети Кина

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ќе ја посети Кина од 23 до 25 јули на покана на неговиот кинески колега Ванг Ји, објавија на 22 јули министерствата за надворешни работи на двете земји на нивните официјални веб-страници.

„За време на состаноците и преговорите, страните ќе разменат мислења за актуелната ситуација и изгледите за развој на билатералните односи. Главна тема на разговор ќе биде барањето начини за запирање на руската агресија (врз Украина) и можната улога на Кина во постигнување на стабилен и праведен мир“, соопшти украинското Министерство за надворешни работи.

Минатата недела, додека беше во Велика Британија, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека целиот свет ќе мора да изврши притисок врз Русија за да ја убеди да седне на преговарачка маса и да размисли за завршување на војната.

„Ова не значи дека сите територии ќе бидат вратени со сила. Мислам дека моќта на дипломатијата може да помогне“, рече тој, додавајќи дека колку е послаба Русија на бојното поле, толку е посилна позицијата на Украина на преговарачката маса.

Од 15 до 16 јуни, Швајцарија беше домаќин на Мировниот самит за Украина. Повеќе од 80 земји и четири организации, вклучително и Советот на Европа, Европската комисија, Европскиот совет и Европскиот парламент, повикаа „територијалниот интегритет“ на Украина да биде основа на секој мировен договор за ставање крај на војната во Русија.

Шефот на швајцарската дипломатија Игнацио Касис по самитот предложи следниот состанок да се одржи пред изборите во САД.

И Володимир Зеленски рече дека веќе има земји заинтересирани да бидат домаќини на вториот мировен самит, а Киев започнал преговори со нив. Сепак, тој не ги именуваше овие земји.

Како што изјави за Радио Свобода заменик-шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Ихор Жовква, Русија може да учествува на следниот мировен самит под услов да е подготвена „конструктивно“ да разговара и да го спроведе акцискиот план договорен на првиот самит. Наместо тоа, Кремљ ја отфрли идејата за учество на овој настан.

Репортер близок до Кремљ избркан од германското здружение на новинари

Хуберт Сајпел (десно) го интервјуира рускиот претседател Владимир Путин, 2014 година.
Хуберт Сајпел (десно) го интервјуира рускиот претседател Владимир Путин, 2014 година.

Германското здружение на истражувачки новинари „Netzwerk Recherche“ објави дека Хуберт Сајпел повеќе не е член на здружението.

Ваквата одлука е донесена откако било потврдено дека влијателниот новинар и автор добил пари од Москва за да пишува пофални книги за рускиот претседател Владимир Путин.

Заедничката истрага на германскиот јавен радиодифузер ZDF во ноември 2023 година откри дека Сајпел, кој го интервјуирал Путин и напишал две книги за него, добил 600.000 евра од олигархот поврзан со Кремљ, Алексеј Мордашов.

„Со своето однесување, Зајпел ги прекрши основните правила на независното новинарство и нанесе огромна штета на угледот на нашата професија“, изјави за ЗДФ претседателот на „Netzwerk Recherche“, Даниел Дрепер.

Макрон: Франција е подготвена за Олимписките игри

Францускиот претседател Емануал Макрон
Францускиот претседател Емануал Макрон

Претседателот на Франција, Емануел Макрон при денешната посета на Олимпиското село истакна дека Пaриз е подготвен за да биде домаќин на Олимписките игри (ОИ).

„Подготвени сме и ќе бидеме подготвени во текот на Игрите“, посочи Макрон.

Претходно, францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен изјави дека неколку дена пред почетокот на Олимписките игри во Париз биле спроведени еден милион административни истраги и било утврдено оти 4355 лица би можеле да претставуваат закана.

Безбедносните истражување се спроведени за сите лица кои на каков било начин ќе учествуваат во ОИ од 26 јули до 11 август и на Параолимписките игри од 28 август до 8 септември.

Проверени се спортисти, тренери, новинари, волонтери, приватно обезбедување, дури и граѓаните кои живеат во близина на одржувањето на церемонијата на отворање на ОИ.

Според најавите околу 35000 полицајци и жандарми и 18000 француски војници ќе ги обезбедуваат Олимписките игри секој ден.

Церемонијата на свеченото отворање на Олимписките игри во Париз 2024 година е на 26 јули во 19:30 часот (по средноевропско време).

Советот на ЕУ ги укина визите за Србите од Косово

Српски пасош, илустрација
Српски пасош, илустрација

Советот на Европската Унија донесе одлука за укинување на визниот режим за граѓаните на Косово кои имаат српски пасоши, издадени од Директоратот за координација на Србија.

Одлуката е донесена на ниво на министри за надворешни работи на последната средба. Со усвојувањето на оваа одлука од страна на Советот на ЕУ, сите законодавни процеси се завршени.

Веднаш откако регулативата ќе стапи во сила, што ќе се случи на 20-тиот ден од нејзиното објавување во Службениот весник на ЕУ, таа ќе почне да се применува во сите земји-членки на ЕУ.

„Денеска Советот на ЕУ усвои регулатива со која се гарантира дека целиот регион на Западен Балкан е подложен на ист визен режим, со укинувањето на исклучувањето што претходно важеше за имателите на српски пасоши издадени од Директоратот за координација на Србија“, се вели во соопштението на ЕУ.

Косовските државјани без визи во Европа
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:21 0:00

Министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ, ја поздрави одлуката на Советот на ЕУ.

„Мала, но важна победа за човековите права на Србите на Косово и Метохија“, напиша шефот на дипломатијата на Србија на платформата Х на 22 јули.

Процедурите за укинување на визниот режим за граѓаните на Косово кои поседуваат само српски пасоши, почнаа поради одлуката за безвизен режим со Косово, која стапи на сила на први јануари годинава.

Косово не го признава тој пасош и носителите на тие пасоши не можат да летаат од аеродромот во Приштина.

Со укинувањето на визите за косовските пасоши, само косовските граѓани кои поседуваа документи издадени од Координативната управа на Министерството за внатрешни работи на Србија во Белград за граѓаните во Косово, останаа единствените во регионот на кои им требаше виза за патување во Шенген зона.

Во ноември минатата година Европската комисија предложи укинување на визите за оваа категорија граѓани. Европскиот парламент го изгласа во април годинава.

За два дена во Иран егзекутирани 8 лица

илустрација
илустрација

Групите за права соопштија дека иранските власти егзекутирале осум лица во текот на викендот, изразувајќи загриженост дека режимот може да го забрза извршувањето на смртните казни по затишјето пред предвремените претседателски избори одржани претходно овој месец.

Новинската агенција ХРАНА, фокусирана на човековите права, објави дека четири лица, меѓу кои и еден авганистански државјанин, биле обесени во затворот Кезел Хесар во Карај на 21 јули. Новинската агенција соопшти дека тие биле осудени за обвиненија поврзани со дрога.

Групите за права документираа нагло зголемување на бројот на егзекутирани Авганистанци во Иран, а активистите истакнуваат дека тие не добиваат фер судење.

Исто така, организацијата Иран за човекови права со седиште во Осло соопшти дека четири лица, вклучително и една жена, биле обесени на 20 јули во затвор во Шираз. Тројца од нив се осудени за убиство, а еден е прогласен за виновен за силување.

Претходно овој месец, организацијата соопшти дека егзекуциите се намалени за 30 отсто во првите шест месеци од 2024 година, но предупреди дека тоа би можело да се засили по предвремените претседателски избори.

Реформистичкиот пратеник Масуд Пезешкијан го победи ултраконзервативниот ривал Саид Џалили во вториот круг од гласањето на 5 јули. Хјуман рајтс воч на 15 јули го повика Пезешкијан да се бори против зголемениот број егзекуции во Иран.

Од 22 јули годинава во иранските затвори биле погубени најмалку 268 лица, од кои повеќе од половина беа осудени за обвиненија поврзани со дрога. Амнести интернешенел наведува дека Иран извршил 853 егзекуции во 2023 година, со најмалку 481 егзекуции за пресуди за наркотици.

Бидејќи иранската влада не објавува официјална статистика за бројот на егзекуции, меѓународните и иранските групи за права ги документираат случаите користејќи информации само од државните медиуми и организациите за човекови права.

Таравари: Невозможно е да се зголемат платите во здравството до крајот на годината

илустрација
илустрација

До крајот на годината невозможно е да има зголемување на платите на здравствените работници и потпишување на нов колективен договор како што бараат синдикатите, изјави денеска (21 јули) министерот за здравство Арбен Таравари.

Таравари рече дека поради огромниот буџетски дефицит невозможно е да има зголемување на платите и дека ќе побара разбирање од синдикатите.

„Се надевам дека во здравството нема да има огромно скратувње на буџетот бидејќи мора да преживееме и да поминеме до ноември оваа година. Со синдикатите имав еден состанок, повторно ќе имам и ќе побарам од нив разбирање за евентуално да се договориме за идната година. Оваа година практично е невозможно да се донесе нов колективен договор“, рече Таравари по посетата на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.

Од Независниот синдикат изминатата година неколкупати протестираа поради аномалии во колективните договори и ниските плати.

Новиот министер ги почна промените во здравството со смена на дел од досегашните директори во скопските клиники и болниците во внатрешноста.

Петмина загинати во Дом за стари лица во Хрватска

илустрација
илустрација

Пет лица загинале во дом за стари и изнемоштени лица во Дарувар, 130 километри југоисточно од Загреб, јавија хрватските медиуми.

Според нив, маж влегол во домот за стари и изнемоштени лица и почнал да пука во луѓето.

Пет лица загинаа на лице место, а на некои сè уште им се укажува лекарска помош.

Напаѓачот потоа побегнал, но полицијата набрзо го уапсила во близина на кафуле во градот.

Како што јавуваат медиумите, низ градот одекнуваат сирени на службите за итна медицинска помош.

Вонредните контроли утврдиле лоши хигиенски услови во кујните и храна со поминат рок

илустрација
илустрација

Педесет и четири оператори со храна добиле казни, а на осум им е изречена забрана за работа. Ова е епилогот од вонредните контроли на инспекциските тимови на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) кои биле спроведени во период од 16 до 19 јули.

Од АХВ денеска информираа дека со контролите биле опфатени 112 објекти во туристичките центри Дојран, Охрид, Струга и Преспа.

Со контролите било утврдено неисполнување на општите и посебните хигиенски барања во сите фази на производство, преработка и дистрибуција на храна, неимплементирање на сите процедури на ДПП/ДХП базирани на НАССР принципите, храна со поминат рок на употреба, промет на храна без декларација и означување согласно Законот за безбедност на храна и подзаконските акти според кои ваквите производи се прогласуваат за небезбедни за човечка употреба и нештетно се уништуваат.

„Од страна на инспекторите за храна и официјалните ветеринари констатирана беше и работа на објекти- оператори со храна кои не се регистрирани или одобрени за работа од страна на АХВ, поради што беа изречени мерки забрана за работа, а затекнатите производи беа забранети за промет и нештетно уништени. Утврдени беа и лоши инфраструктурни и хигиенски услови во кујните, производствените простории, за што некои оператори добија времена мерка забрана за работа“, се наведува во соопштението од АХВ.

Исто така од промет биле отстранети 8700 килограми небезбедна храна која како што додаваат, била уништена.

Од АХВ најавуваат дека и во наредниов период ќе продолжат со спроведување на вонредни контроли и во другите туристички центри, а поради високите температури на сила останува мерката за засилени контроли кај операторите со храна на целата територија на земјава.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG