Достапни линкови

Дриант Зенели, уметник што ги користи своите филмови како материјал за моделирање на местото и времето


„Трилогија: Под површината има уште една површина“ е насловен мултимедијалниот проект на познатиот албански уметник и претставник на 58 Биенале во Венеција - Дриант Зенели, што од 4 август до 4 септември е изложен во Чифте амам, во Национална галерија

На августовско дремливо Скопје, на трагачите по културни возбуди во овие летни горештини и најмногу на домашната уметничка сцена, од 4 август до 4 септември, ќе им се случи уште едно несекодневно творечко ракување. Во Чифте амам, во Национална галерија, во тој период ќе се одвива мултимедијалниот и интердисциплинарниот проект „Трилогија: Под површината има уште една површина“ на познатиот албански уметник Дриан Зенели.

Роден 1983 година во Скадар, Албанија Дриант Зенели во 2019 година го претставувал албанскиот павилјон на 58-та меѓународна уметничка изложба – Биенале во Венеција.

Дриант Зенели, портрет на Адхе Мула
Дриант Зенели, портрет на Адхе Мула

Тој зад има бројни уметнички проекти од кои посебно за издвојување се Биенале Манифеста 14, одржано годинава во Приштина, Косово, ланското претставување во Театрино Палацо Граци, во Венеција, Италија, 39-то меѓународно биенале на ЕВА, одржано пред две години во Лимерик , Северна Ирска, изложба во Национална галерија на Република Косово претставувања во Фондацијата за уметност Sharjah, филмска платформа, во Летонскиот центар за современа уметност, во Рига (2019);

Автострада биенале, Призрен... а неговите проекти и дела биле изложувани и Бергамо, Италија, Галерија Мостин, во Велс, MuCEM, во Марсеј, Франција, во Центарот „Помпиду“ во Париз, ЗКМ Карлсруе, Германија, MUSAC, Кастиља Леон. Шпанија, Национална галерија во Тирана и така со ред.

Инаку, проектот „Трилогија: Под површината има уште една површина“ се состои од три видеа (инсталации), цртежи, ready-made објекти и просторни инсталации. Елементот што ги поврзува филмовите е минералот хром.

Во разговорот со него тој најнапред ќе рече дека навистина е среќен што за прв пат ја претставува трилогијата „Под површината има уште една површина“ во Националната Галерија на Македонија, чиј куратор е Ана Франговска. Потем истакнува дека Трилогијата е составена од неколку дела, од кои трите главни се три видеоинсталации.

Дриант Зенели
Дриант Зенели

Првото дело нарачено „Невозможно е да се напушти планетата Земја без гравитација“, каде се’ почнува во металургијата на Елбасан, едно значајно место кое во минатото се сметаше за утопистичко, бидејќи се мислеше дека ќе беше многу продуктивно за албанската економија, но денес е едно дистопично и напуштено место каде едноставно се пропадна. Филмот е снимен со Марио, мојот пријател од детството, кого го поканив за да реализираме еден филм посветен на неговата желба за да ја напушти планетата Земја. А, тој пак предложи да го снимиме филмот во металургискиот комбинат во Елбасан, која била изградена во 1962 година. Таа е своевидна реликвија - знак на политичко враќање по застојот со Советскиот Сојуз - на новосоздадениот сојуз меѓу Комунистичката партија на Кина и Партијата на трудот на Албанија, вели Дриант Зенели.

Авторот дополнува дека во текот на снимањето на првиот дел, сосема случајно ги сретнале Флора и Бујар, ќерка и татко кои се обидувале да ја пронајдат згурата од хромот и да соберат ќумур.

Тоа бил нивниот начин на преживување. Бујар, кога дознал дека снимаат филм посветен на пријателот кој сака да ја напушти Земјата, му рекол: „Јас сум многу поврзан со планетите, особено со Венера, бидејќи е близу до мојот дом“.

Од видеото на Дриант Зенели
Од видеото на Дриант Зенели

По неколку години, привлечен од енергијата на Бујар и Флора, решив да им посветам едно ново дело, кое ќе се вика: „И потоа најдов еден метеорит во мојата соба.“ Ова дело е комплексно и има три видеоканали. На едниот е Бујар кој зборува за својата идеја со планетите. На другиот е Флора која настапува како Ди-џеј, компонира музика за татко и, а истовремено на третиот канал во директен пренос е многу значајниот вселенскиот брод ИСС. Делото се развива со пронаоѓањето на книгата од којашто Бујар се инспирирал уште од кога бил мал и која се вика „Кон Еридон Епсилон“. Станува збор за дело од Аријан Хисенбегас напишано во 1983 година. Ја зедов книгата, почнав да ја читам и најдов една многу убава реченица. Беа пет астронаути, четири машки и едно женско, кои се подготвуваа за да ја нашуштат земјината топка. Едниот вели: „Можеби вселената не е толку извонредна, можеби е подобро да останеме на планетата Земја.“ Оваа реченица ме инспирираше за да започнам со третото дело, за кое на знаев сеуште што точно ќе биде, но знаев дека насловот ќе е тој. Како ретко некогаш, во мене се роди насловот пред самото дело, ќе рече уметникот.

Зенели истакнува дека еден негов пријател, геолог од Тирана, му рекол: „Види, зборуваш за минералот хром, но треба да знаеш дека токму тој е вториот најзначаен минерал за албанската економија. Вториот“. Така со силно разбудено љубопитство тој отишол во рудниците на Булќизe и токму таму решил да го сними и „Можеби космосот не е толку посебен“, филмот со кој ја заклучува трилогија. Ова дело било реаализирано во соработка со пет деца од околината, кои според него се вистинските „суперхероите на филмот“. Имено, тие наоѓаат една космичка капсула во фабриката и решаваат да ја однесат - во еден тунел.

Зенели во еден од рудниците каде е сниман неговиот втор филм за проектот
Зенели во еден од рудниците каде е сниман неговиот втор филм за проектот

Практично филмот не покажува ништо друго освен патувањето на хромот, но од крајот кон почетокот, односно од фабриката до местото од каде дошол – до рудникот. Се работи за едно компексно дело со неколку слоеви на метафора, кое зборува за општество во процес на трансформација, за општество кое за жал сеуште ги злоупотребува минералите, а кое не знае да ги употребува плодовите на природата и на земјата. Булќизe денес требаше да биде едно од најбогатите места, а тоа е една од најсиромашните места во Албанија. Моментално таму работат стотина рудари, кои честопати и гинат во окната од рудникот.

На мој начин сакав да покажам една реалност и еден развој на едно општество како албанското и преку тоа да изградам истории кои не се директни документарци, туку се таканаречени фикции и не стимулираат да размислуваме за други паралелни димензии.

Трилогијата „Под површината има уште една површина“ за мене беше можност за да копам во длабочината на сите личности како Марио, Флора, Бујар, децата на Булќизe и во многу други реалности. Изложбата ќе содржи и неколку мои цртежи кои ги базирам на книгата на Хисенбегас. Секако има и други работи кои ќе ги оставам како изненадување за сите тие кои ќе дојдат да ја видат изложбата, забележува Дриант Зенели.

Дриант Зенели, плакатот за изложбата
Дриант Зенели, плакатот за изложбата

А, Ана Франговска во својот текст пишуван за каталогот за изложбата на Дриант Зенели пишува: Редефинирањето на идејата за неуспех, утопија и сон стои во сржта на истражувањето на Зенели, како елементи кои отвораат можни алтернативи. Во неговите филмови, моќта и историјата се испреплетени со поединечни наративи, предизвикувајќи утопии кои го поткопуваат природниот

поредок на нештата. Креативниот чин се храни со непланираните средби и односот со архитектонското наследство на местата.

Зенели ги користи своите филмови како материјал за моделирање на местото и времето. Претставите имаат форма на партиципативни интервенции, при што уметникот го создава значењето на делото со гледачите. Елементот на гравитација резонира низ целата уметничка продукција, било да се тоа филмови, цртежи или случувања, во постојан обид да се одвои од земјата, да си игра со сопствените граници, смета Франговска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG