Достапни линкови

„Заедно дишеме“ - уметнички проект за заедништвото и нашето здравје


„Заедно дишеме“ на уметницата Симона Манчева
„Заедно дишеме“ на уметницата Симона Манчева

Како дел од проектот „Заедно дишеме“ на уметницата Симона Манчева, од 5 до 8 август во близина на Велес, ќе се одржи четиридневна работилница за креирање „лендарт“ чија цел е да се крене свеста за екологијата и меѓузависноста на човекот со природата.

Ана Трајковска, Ристо Јосифовски - Ромбо, Доротеј Нешовски, Елена Димова Пантелиќ и Славица Капиданова, заедно со Симона Манчева авторката на проектот „Заедно дишеме“, ја чинат групата на уметници кои од 5 до 8 август, во близина на Велес, ќе учествуваат на четиридневната работилница за креирање „лендарт“. Во процесот ќе бидат вклучени и волонтерите Уна Стошиќ, Викторија Чочева, Верица Чочева и Дарко Стојанов, а нивната цел на работењето со „лендарт“ е „да ги преиспитаат начините на кои ѝ пристапуваме на природата, како и да се крене јавната и политичка свест за екологијата и меѓузависноста на човекот со природата“.

Ова подразбира дека тие заедно ќе креираат уметнички инсталации со природни материјали, како и со рециклирање на отпадна хартија, на место покрај автопатот Скопје – Велес кое се наоѓа во близина на железничката станица „Рајко Жинзифов“, во месноста позната и како Лавчани, во близина на село С’лп.

Симона Манчева
Симона Манчева

Во рамките на овој настан, на 7 август, е планирано да се одржи и интерактивна Работилница за Пермакултура, со правење семенски бомби. Работилницата ќе ја реализира Елена Данова – едукаторка со познавање и искуство од областа на Пермакултурата и едукативно градинарство.

И, ако сево ова е првата етапа од проектот „Заедно дишеме“ на Симона Манчева, во втората е предвидено одржување на работилници за рециклирање и обработка на хартија предводени од Ана Трајковска и Драганчо Таневски, во соработка со ЈП Комуналец и одделение за хортикултура на општина Кавадарци. А, тргнувајќи од реалноста дека и натаму неконтролирано се сечат дрва и се уништуваат цели шуми, дека е крајно време многу посериозно да се зафатиме со пошумување на голините, третата фаза е планирано да биде реализирана во соработка со Македонски шуми – „БОР“ Кавадарци и планинарски клуб „ЗПК Зелен брег“ од овој град.

Местото каде ќе бидат изложени ленд арт скулптурите
Местото каде ќе бидат изложени ленд арт скулптурите

Со овој проект „Заедно дишеме“ сакаме да зборуваме за заедништвото, за нашето здравје. Здравјето на населението како предуслов за квалитетен живот и благосостојба го има фундаменталното значење за одржливиот развој. Генетските фактори се значајни, но сепак начинот на живеење и влијанието на животната средина се пресудни за здравјето на населението, на општеството. Поради тесните маргини на образовниот и административниот проблем кај нас, карциномот, белодробните заболувања се прилагодија како глобално прашање на локално ниво. Затоа со овој проект „Заедно дишеме“ сакаме да зборуваме за тоа како треба да превземеме нешто и да почнеме најпрво од себе си. Зошто? Затоа што производите кои ги конзумираме содржат штетни материи како резултат на загаденоста на земјата, воздухот и водата, вели Симона Манчева.

Уметничката појаснува дека токсичните елементи од индустријата и транспортот, како и пестицидите од земјоделството, се таложат во вегетацијата и преку синџирот на исхрана доаѓаат до човекот. Дека сите заедно страдаме.

„Заедно дишеме“ на уметницата Симона Манчева
„Заедно дишеме“ на уметницата Симона Манчева

Активното делување и проактивноста на единката води до движење, до заедница која може да се движи во насока на отворање и решавање на проблеми и прашања на микро ниво. Општествата чии членови не можат или не сакаат да се откажат од своите неугодности, односно не сакаат од внатре со

својот личен напор да спроведат самоограничувања доживуваат повеќекратни поголеми неугодности. И тоа од надвор на подолгорочен период. Затоа ние, група уметници, се трудиме секој со своето индивидуално размислување и став заедно да делуваме за размислувањата на нашето однесување и живеење, смета Манчева.

Инаку, чисто информативно „Лендарт“ е уметничко движење кое се појавило во 60-тите и 70-тите години од 20 век. Тогаш група на уметници, втемелувачи и припадници на ова движење, креирале уметнички дела со користење на природни материјали на отворен простор. Движењето се карактеризирало со алтернативен пристап кон уметничките практики кои ги поврзувале природата и културата преку одржливата уметност.

„Заедно дишеме“ на уметницата Симона Манчева
„Заедно дишеме“ на уметницата Симона Манчева

А, кон ова само уште податокот дека работилницата и другите активности се реализирани во соработка со КСП Центар-Јадро, во рамките на проектот „Места на дарежливост - трансформативни станици“ финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG