Достапни линкови

„Круг“ - трагикомедија за системот во кој живееме


Игор Трпчески и Даниела Иваноска во сцена од претставата „Круг“

Вечерва во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп се случи премиерата на претставата „Круг“ во режија на Јован Ристовски. Станува збор за проект работен по текстот „Дамата од Дебјук“ од Едвард Олби, а играат актерите Игор Трпчески, Даниела Ивановска и други.

На крајот на сезоната и со идеја да биде уште повеќе разиграна наесен, на театарот „Војдан Чернодрински“ и на прилепската публика, вечерва им се случи премиерата на претставата „Круг“ во режија на Јован Ристовски. Станува збор за проект работен по текстот „Дамата од Дебјук“ од Едвард Олби, во превод од англиски јазик и адаптација на драматургот Лидија Митовска Ѓорѓиевска. Ова подразбира дека всушност се работи за праизведба на дело на еден од најголемите американски драмски писатели на 20 век чии текстови („Животинска приказна“, „Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“...) поодамна се присутни на македонската театарска сцена.

А, во пресрет на нејзината премиера, режисерот Ристовски ќе забележи дека „Круг“, преку главниот женски лик Џо и нејзиниот сопруг Сем, зборува за распадот. Имено, Џо умира од рак и така се „отвора кругот“.

Во текстот се говори за распадот од болест, за распадот на еден брак, на заедницата, на кругот пријатели. Говори за распад на еден театар, на системот во кој живееме. Претставата е трагикомедија која влегува во надреализам. Првиот чин говори за едно друштво, а во вториот се сфаќа дека се и не е така убаво. Говори дека луѓето се станати безобзирни, себични и дека човештвото се наоѓа на раскрсница - дека треба да се преиспитаме и да видиме каде одиме. Никој не е свесен за маните и доблестите, освен ликовите кои доживуваат метафорично екаполипса – борба меѓу доброто и злото. Секој крај носи нов почеток. Се надевам дека еден момент, во едно време, ќе сфатиме дека треба да одиме на подобро – вели режисерот Јован Ристовски, кому оваа претстава му е прва соработка со прилепскиот театар.

Во претставата играат актерите Даниела Иваноска, Игор Трпчески, Димитар Црцороски, Наташа Ачански, Михајло Миленкоски, Ангела Наумоска, Димитар Ѓорѓиевски и Марија Сприкоска Илијеска.

Даниела Иваноска, која патем го отелотворува ликот на Џо, верува дека „Круг“ ќе се обиде да не преиспита кои сме и каде сме.

Тоа гледање внатре во себе, во она што го носиме, треба да не направи луѓе, бидејќи покажавме колку сме станале ѕверови и безобзирни. Навистина ми е жал што живеам во ова и вакво време и постојано се прашувам што им оставаме на нашите деца. Можеби ќе има некаква промена во иднина, но ако продолжиме вака не одиме никаде. Ако не направиме како луѓе еволутивен чекор исто како да не сме постоеле, категорична е Иваноска.

А, нејзиниот колега Игор Трпчески појаснува дека станува збор за една интимна приказна, за една голема љубов помеѓу Сем и Џо и за брак кој завршува со нејзината смрт на возраст од нецели четириесет години. Дека потем таа приказна се отсликува понатаму во општеството и распаѓањето на системот, на губењето на сите вредности.

Лично можам да кажам дека сум среќен со вака убава и современа американска драматургија, меѓутоа можам исто така да кажам дека не сме сеуште на нивото на текстот за да можеме да ги пренесеме вистинските пораки онака како што авторот ги дал. Затоа, пак, се надевам и верувам дека ќе имаме можност во иднина кога ќе ја разиграме претставата со сите овие работи, таа да си добие свој тек и свој развој па дури да се отслика на нашето општество и нашето живеење, вели актерот.

Кон ова само уште информацијата дека за сценографијата и за изборот на музика во „Круг“ се погрижи режисерот Ристовски, а костимите се на Андреј Ѓоргиевски.

Инаку, претставата финансиски е поддржана од Министерството за култура во годишната програма за 2022.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG