Достапни линкови

Избистрување на погледот со 21-от СИНЕДЕЈС


Фотографија од прес-конференцијата за Синедејс 2022

Повеќе од 50 филмови ќе бидат прикажани на 21 издание на СИНЕДЕЈС - Меѓународниот фестивал на европски филм кое под мотото „Од високо подобро се гледа“, од 7 до 17 јули, ќе се одржи во Скопје. Отворањето ќе биде со премиерата на „Мими“ на режисерот Даријан Пејовски

На пеколно Скопје, распнато помеѓу еруптираното незадоволство од непристојните предлози и потребата за силно и неопходно национално обединување, ќе му се случи 21 СИНЕДЕЈС, Меѓународниот фестивал на европски филм кој цели две децении, во организација на Младински културен центар, доволно гласно говори за нашата посебност и потребата за културни проблесоци. За нашиот стамен исчекор во културата на глобалниот свет со сета наша и негова несовршеност.

А, слично како и лани, овојпат една недела порано од 7 до 14 јули, ќе бидат прикажани повеќе од 50 филмови на неколку главноградски културни точки. Ќе бидеме во филм, како што велат организаторите, на крововите на ГТЦ и Домот на култура на градежните работници „Кочо Рацин“, во Музеј на современа уметност, Авто киното на Водно, во паркот МКЦ, кино Милениум, Кинотека...

Марга Арсова, програмски уредник на СИНЕДЕЈС
Марга Арсова, програмски уредник на СИНЕДЕЈС

„Околностите изминативе три изданија на фестивалот нѐ принудија да го извадиме платното од неговата предвидлива позиција, да го истражиме градот и годинава ќе видиме како изгледа кино од високо, кино на кров како симболика на нашите фестивалски големи и високи амбиции, со кои правиме програма која често ги надминува човечките и финансиските капацитети. Изборот ни се крововите кои може да соберат доволно публика за филмско прикажување и каде пред и по филмот ќе се ужива во панорамата на Скопје.“ – вели Марга Арсова, програмски уредник на СИНЕДЕЈС.

И, онака како што прилега на времето и забревтаната домашна кинематографија почетокот и крајот на 21 СИНЕДЕЈС е планирано да бидат во знакот на македонските творци и нивните филмови. Во четврток на отворањето ќе биде светската премиера на „Мими“ на Даријан Пејовски, а седум ноќи подоцна е предвидено да ни се случи „Нема да си сама“ на Горан Столевски, кој што го сврте вниманието на светската филмска јавност по премиерата на престижниот фестивал во Санденс. Со неговото прикажување на СИНЕДЕЈС започнува и неговата европска кино приказна.

Синедејс 2022
Синедејс 2022

Инаку, традиционално и зад селекцијата на годинешната програма на СИНЕДЕЈС со својот уметнички габарит стои нам добро познатиот Бернд Будер, и во неа е предвидено да бидат прикажани светски и македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во неколку нови и веќе познати целини како што се Официјална селекција, SEE програма, МК Shorts (кратки филмови), Згора на тоа ќе биде сторена и Ретроспектива на филмовите на големиот Фатих Акин, а мнозина со нагласено внимание ќе ја чекаат и Гала програмата во која, како што е најавено, доминираат филмови од годинешново издание на Канскиот фестивал.

Во рамки на фестивалот го лансираме и новиот, Фестивал на кратки жанровски филмови- „Крацери“ кој што се јави како потреба за прикажување на кратки жанровски филмови досега не застапени на ниту еден фестивал кај нас. Тој ќе ги опфаќа жанровите комедија, научна фантастика, трилер, хорор, еротика, ноар, вестерн, експериментален, ангажиран филм и преку него ќе се направи увид во светската кратка жанровска програма, појаснува Арсова.

Таа и со дополна дека во рамките на овогодинешната програма е предвидено одржувањето на мастер клас на Џон Џост, еден од најплодните и најзначајните американски филмски автори. Притоа во оваа програмска целина ќе се дискутираат и анализираат примери од различни фази на неговото творештво, како и извадоци од други филмски дела со цел да се одговори на насловното прашање на мастеркласот: Што е филм и што тоа може да биде?
Згора на ова ќе биде одржан и Синема форумот, на кој киноприкажувачите од Балканот ќе дискутираат за своите актуелни предизвици, покрај размената на искуства и знаења кои произлегуваат од контекстите кадешто тие работат.

Синедејс 2022
Синедејс 2022

21 СИНЕДЕЈС, пак, преку делот насловен како „Лошите девојки од филмовите“, ќе се обиде и да обрне внимание на костимографијата на филмските платна од 1960 до 2000 година.

Со ова сакавме да ставиме акцент на филмскиот живот во МКЦ кој што бил многу активен и пред постоењето на СИНЕДЕЈС. И наместо модна ревија, одлучивме да направиме селекцијата на различни рекреациии на филмски сцени и костими опфатени преку различни формати и визуелизации. Настанот е авторство на Сандра Шевандо, под кураторство на дизајнерот Драган Христов, ќе забележат организаторите.

Синедејс 2022
Синедејс 2022

Според нив, посебен белег на претстојното издание на Меѓународниот фестивал на европски филм е изложбата на плакати „Филмскиот плакат како визуелна гозба и информативна нарација“ со која се цели да се стори увид во приказната за создавањето на фестивалот преку колекцијата на плакати со која располага МКЦ. Плакатите ги најдовме во депото на МКЦ, тие се оригинали примероци филмската програма која постоела пред воопшто да биде создаден фестивалот, ќе рече Филип Николовски, програмски уредник.

Конечно, во рамките на Mузичката програма на фестивалот - CINEMUSIC по втор пат ќе се одвива Living music project, резиденцијална програма за режисери, композитори и филмски работници која и овојпат ќе ја води композиторката Дарија Андовска. Ова поздразбира и поголема гласност за аудитивната уметност во големите филмски дела, а публиката ќе има можност да ги проследи и перформансите на италијанското дувачко трио Fanfara station, истанбулскиот бенд LALALAR и CV vision од Берлин.
И, чисто информативно СИНЕДЕЈС 2022 е поддржан од Делегацијата на ЕУ, Агенција за филм и Град Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG