Достапни линкови

Македонија не го дава идентитетот, Бугарија се занимава со себе


Политичкиот врв во Македонија не коментира за детали за францускиот предлог, но велат за идентитетот и јазикот нема да се преговара. Францускиот предлог за укинување на бугарското вето за македонските преговори со ЕУ е во сенка на тензичките настани во бугарското собрание околу пратеничкото мнозинство и најавеното гласање за недоверба за бугарската влада.

За македонскиот идентитет и македонскиот јазик нема да се преговара, изјави денеска македонскиот премиер Димитар Ковачевски на прес конференцијата на „Преспа форум за дијалог, одговарајќи на новинарските прашања за содржината на францускиот предлог за укинување на бугарското вето за македонските преговори со ЕУ. Тој уште еднаш повтори дека до македонските власти не е пристигнат предлог кој е усогласен од сите земи членки на ЕУ.

„Доколку земјите членки на ЕУ, вклучително и Бугарија усогласат предлог во однос на проширувањето на следниот Самит, тој ќе биде испратен до нас и ќе ги дадеме нашите забелешки. Во однос на нашите позиции - Ние имаме многу јасни позиции дека за македонскиот јазик и за идентитетот на народот од кој било аспект не се разговара. Во однос на преговарачката рамка, тоа е мултилатерален документ кој што треба да биде одобрен од сите земји членки и кој што ќе овозможи затворање низ процесот на сите отворени прашања кои ние ги имаме во процесот на пристапување кон ЕУ“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека Владата го цени напорот на претседателството со ЕУ и на францускиот претседател Емануел Макрон кој има своја иницијатива за изнаоѓање на решение. Тој додаде дека постои француски предлог кој е испратен до Бугарија која ќе го разгледува низ своите институции. Во однос на внатрешните проблеми во Бугарија, тешко е да се коментира, вели Ковачевски. Тој повтори дека македонскиот став е да не се политизира спорот со Софија.

„Што ќе се случува во Бугарија ние не можеме да знаеме, тоа зависи од развојот на настаните во нивниот Парламент најдобро е тоа да го следиме“ вели тој.

Во однос на тоа дали ќе има почеток на преговори со ЕУ или не, Ковачевски вели дека не треба да се врзуваме за датуми, затоа што тоа најмалку зависи од Македонија.

Вархеји - Бугарија да се угледа на Грција за надминување на спорот

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во денешното видео обраќањето на „Преспа Форумот за дијалог “ порача дека Бугарија треба да ги зајакне нејзините напори да се надмине спорот со својот сосед.

„Денес како што ја славиме четиригодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор, важно е да се нагласи дека како што Грција и Северна Македонија можеа да го надминат нивниот спор и да го решат со заеднички договор, очекуваме Бугарија да ги зајакне нејзините напори и да го направи истото“, истакна Вархеји.

Францускиот предлог, кој ќе биде испратен до сите земји-членки на ЕУ, според информации на дел од бугарските медиуми, предвидува укинување на ветото, а ЕУ да стане гарант дека Скопје ќе ги исполни условите на Софија.

Претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел во Охрид по вчерашната средба со претседателот Стево Пендаровски изјави дека францускиот предлог носи одлучувачки чекори.

„Има фрустрација и недоверба на двете страни. Време е да се делува. Војната во Украина го забрза процесот. Сакаме да го одблокираме процесот за Северна Македонија и Албанија“, изјави Мишел.

Според досегашните политички изјави и Скопје и Софија од ЕУ бараат гаранции за евентуално решение за отстранување на ветото. Скопје бара гаранции дека барањето за влез на Бугарите во македонскиот Устав ќе биде последното бугарско барање во однос на овој проблем. Софија, пак, бара, ЕУ да биде гарант дека Северна Македонија ќе ги исполни условите на Бугарија.

Вчера шефот на дипломатијата Бујар Османи изјави дека прво треба предлогот да биде усогласен од сите земји-членки на ЕУ, па потоа да се даде одговор на македонската позиција на таквите предлози. Но, според него не е е охрабрувачка политичката сцена во Бугарија.

Македонската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ смета дека премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи се виновни за капитулација на Македонија.

„Францускиот предлог за влегување на бугарските барања во преговарачка рамка се чекор за бугаризација. Францускиот предлог буквално ги става бугарските барања во преговарачка рамка за Македонија на патот кон ЕУ. Тоа значи дека Македонија или ќе треба да се бугаризира на патот кон ЕУ или никогаш нема да стане членка на Унијата“, се вели во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.

Тие бараат од Ковачевски и Османи да одговорат како дозволиле бугарските барања да влезат во францускиот предлог, кој треба да биде рамката која се предвидува вклучување на Бугарите во Уставот, негирање дека македонската нација постоела пред 1945, како и негирање на македонската јазична, историска и идентитетска посебност.

Опозицијата е децидна дека нема да прифати внесување на Бугарите во Уставот доколку нема писмени гаранции од Софија и Брисел дека тоа ќе биде последно бугарско барање.

Уште еден пратеник на „Има таков народ“ ја напушти пратеничката група, тензии во бугарското собрание

Во меѓувреме во Бугарија работите дополнително се искомплицираа откако вчера беше разрешен претседателот на Собранието Никола Минчев кој доаѓа од партијата на премиерот Кирил Петков. По вчерашниот тензичен ден, денеска во бугарското собрание продолжи напнатата атмосфера меѓу пратениците од власта и опозицијата. Денеска дојде и до физички контакт меѓу народните избраници во Парламентот, по што привремениот претседател Мирослав Иванов беше принуден да даде пауза од 20-тина минува.

Дополнително денеска уште еден пратеник ја напушти партијата „Има таков народ“(ИТН) на Слави Трифонов со што пратеникот Кирил Симеонов стана шестиот пратеник што ја напушти оваа пратеничка група.

Претходно неделава пет пратеници од „Има таков народ“ објавија дека ја напуштаат групата откако изгубиле доверба во Слави Трифонов тие изјавија дека „мафијата се инфилтрирала во ИТН.

Трифонов минатата недела објави дека неговата партија ја напушта владејачката коалиција, оти Петков водел „предавничка“ политика кон Северна Македонија.

Бугарскиот парламент денеска треба да одлучи кога ќе се одржи расправата за гласањето недоверба на Владата. На гласањето треба да му претходи дебата во Собранието и во рок од 24 часа по дебатата да се гласа.

Темата за Македонија беше меѓу изговорите за вчерашната смена на претседателот на Собранието, Никола Минчев.

За францускиот предлог ќе одлучува бугарското собрание

Уште пред изборите во декември 2021 година, на кои победи „Промените продолжуваат (ПП)“, Кирил Петков и Асен Василев најавија дека ќе наметнат „нов пристап за решавање на проблемот меѓу Софија и Скопје“.

Претходно во средата, владата одлучи за секој предлог во Брисел, како и за секоја акција на Бугарија на темата за почеток на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ да се дискутира и одлучува од пратениците во Народното собрание.

Радев - Петков да ги отфрли сомнежите за повлекување на ветото

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска изјави дека Владата на Кирил Петков треба да ги отфрли сите сомнежи дека може да се повлече од ветото за Република Северна Македонија. Според Радев, секоја измама или обиди за замена и заобиколување на националната позиција ќе има тешки последици.

Премиерот Петков најави дека францускиот предлог ќе биде ставен на гласање во Собранието пред да се одржи јунскиот самит во Брисел на 23 и 24 јуни. Според него со тоа се избегнуваат „секакви шпекулации дека актуелната влада ќе направи нешто на темата Република Северна Македонија и нејзините евроинтеграции“.

Македонија е кандидат за зачленување во Унијата од 2005 година, а во 2009 првпат доби препорака за почекот на преговорите. Земјава потоа добиваше препораки за отпочнување на преговорите. Пречката, проблемот со името со Грција беше тргната во 2018 година со договорот од Преспа, но земјава пак не доби датум.

Бугарија веќе две години ги блокира претпристапните преговори на Македонија за влез во Европската Унија. Меѓу барањата од бугарска страна се немешање во внатрешните прашања во државите, воведување конкретни механизми за спречување на говорот на омраза, продолжување на работата на комисиите, но и вметнување на Бугарите во македонскиот Устав.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG