Достапни линкови

Ќе се крене ли бугарското вето со францускиот предлог?


Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателот на Македонија Стево Пендаровски во Охрид
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и претседателот на Македонија Стево Пендаровски во Охрид

Бугарскиот премиер Кирил Петков ќе го достави до парламентот францускиот предлог за укинување на ветото, откако Франција официјално ќе го достави во Софија. Во Скопје, пак, властите велат дека предлогот не стасал. Во меѓувреме во Бугарија е сменет претседателот на Собранието.

Македонските власти не го добиле францускиот предлог за кревање на ветото за Македонија. Франција денеска треба да го достави предлогот, јавија претходно бугарски медиуми, по што премиерот на Бугарија Кирил Петков,ќе го достави предлогот до Парламентот.

Претседателот Стево Пендаровски во Охрид, каде на 16 и на 17 јуни се одржува Преспа форумот за дијалог, денеска на прашањето што содржи предлогот рече дека тоа е интерна работа на ЕУ.

„Во Македонија не стасал никаков француски предлог, но постои политичка волја Бугарите во земјава да бидат внесени во нашиот Устав, што сепак не може да се отвори и да се измени за една недела, туку за сто дена. Покрај овој технички аспект, постои и политички – треба да има гаранција дека уставните измени се последното барање од владата на Бугарија. Бараме цврсти политички гаранции и од ЕУ, не само од Софија“, изјави Пендаровски.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, одовори дека прво треба предлогот да биде усогласен од сите земји-членки на ЕУ, па потоа да се даде одговор на македонската позиција на таквите предлози.

„Нашата позиција е дека ќе коментираме и дека ќе дадеме наши ставови откако предлогот ќе биде доставен меѓу земјите-членки или ќе коментираме став што ќе има поддршка од сите земји-членки. Мислам дека тоа е најправичниот начин да комуницираме“, истакна Османи на прес-конференција во Охрид пред почетокот на Преспа форумот за дијалог 2022.

Министерот повтори оти тој не би се откажал за можно решение во јуни, но очекува насока од француското претседателство во наредните денови.

Што содржи предлогот за кревање на ветото не сакаше да открие ниту претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Мишел не сакаше да коментира кои ќе бидат заклучоците што ќе ги поднесе француското претседателство за состанокот на Европскиот совет, но посочи дека се работи да се најде решение.

„Не сум сигурен што ќе се случи на претстојниот состанок на Европскиот совет, но ќе направиме сè да бидат преземени одлучувачки чекори“, рече Мишел одговорајќи на новинарско прашање што содржи францускиот предлог за тргање на бугарското вето,

Тој најави дека наредната недела ќе организира состанок на 27-те земји членки и земјите од Западен Балкан.

Истовремено упати порака дека ЕУ е цврсто посветена на вашиот влез во Унијата, а почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија треба да отпочне што е можно поскоро.

„Тоа е врвен приоритет и ги поддржуваме сите напори да се најде заедничко прифатливо решение за отвореното билатерално прашање со Бугарија“, рече Мишел на заедничката прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски што се одржа во Охрид.

Во меѓувреме, пак, во Бугарија, Никола Минчев веќе не е претседател на бугарскиот Парламент откако денеска пратениците гласаа за негово разрешување со 125 гласа „за“.

Против беа 113 пратеници. Еден пратеник беше воздржан.

Меѓу причините за неговото разрешување се прекршување на Уставот и деловникот на Собранието, како и попречување на нормалната законодавна активност и спроведување на ефективна собраниска контрола.

Минчев беше избран за претседател на 3 декември минатата година. Неговата кандидатура ја предложи актуелниот премиер Кирил Петков. Партијата „Има таков народ“ на Слави Трифунов излезе од владата и сега владејачката коалиција нема мнозинство во Парламентот.


Во Охрид денеска и утре се одржува вториот по ред Преспа форум за дијалог. На него учествуваат видни имиња од меѓународната заедница и од соседните земји. И овој пат како и лани форумот се одржува во услови на статс кво ситуација за Макеоднија на патот кон членство во ЕУ.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG