Достапни линкови

Пејовиќ со перцепцијата како изведувачки чин на повторување во КСП Центар-Јадро


Плакатот за изложбата на Ирена Пејовиќ во КСП Јадро

„Форми на повторно создавање“ е насловена изложбата, мултимедијаниот настан, на Ирена Пејовиќ, македонската уметничка која живее и работи во САД, што од 16 до 24 јули се одржува во КСП Центар-Јадро во Скопје. Ова е премиерно претставување на тековниот проект.

„Форми на повторно создавање“ е мултидисциплинарен настан кој наметнува перцептивни методи на организација при изработката на делото. Ја бара еластичноста во видеото како медиум и користи акции на повторување како повторени движења, повторени звуци, поделено пресликување, селективна поделба, селективно гледање и селективно слушање, за да го прошири разбирањето на субјектот од едно единствено тело во настан на формирање релации.

Ова ќе биде забележано во каталогот и во информацијата за изложбата, мултимедијалниот настан, на Ирена Пејовиќ, македонската уметничка која живее и работи во САД, што од 16 до 24 јули премиерно се одржува во КСП Центар-Јадро во Скопје.

Во појаснувањето ќе биде запишано и тоа дека „таа создава настани кои водат надвор од визуелниот аспект, кореографирајќи движења кои ја претвораат публиката во истражувач на еден свет кој е активен и во создавање, како збир на релациски односи, на начин на кој тие го немаат доживеано претходно. Дека „всушност во нејзините дела, публиката се движи со сензори, користејќи вид, звук, навигација, чувство на текстура, боја, големина, и е подвижна и неподвижна. Односно дека делата, просторот и гледачот рамноправно учествуваат во изработката на настаните“.

Во контекст на ова Бен Дејвис, американски критичар, во текстот објавен за „Артнет њуз“ за авторските потраги на Ирена истакнува: Нејзиниот интерес за танцот и импровизираните движења се дестилира во средини кои на видик се ултраделикатни и робусни. Пејовиќ ја развива идејата за скулптура, не како фиксен збир од објекти, туку како релации кои секогаш се одвиваат – кои влијаат и се под влијание на начинот на кој гледачите се движат низ нивните параметри. Транспарентните материјали прикриваат суптилни движења и случајности кои доаѓаат во фокусот, за потоа да се распаднат во истрагата; На суптилен начин, од оваа средина се појавуваат тактилни и аудитивни компоненти кога таа е истражена, нагласувајќи ја концепцијата на уметноста како производ на холистичко искуство поголемо од кој било од неговите делови.

Инаку, како што ќе забележи уметничката, „Методи на организација: Перцепцијата како начин на организација: Форми на повторно создавање“ е тековен проект кој ја истражува перцепцијата како метод на организација и ја смета како намерна импровизација низ селективно постоење. Перцепцијата станува изведувачки чин на повторување, во кој да се повтори, значи да се следи настанот во формирање. Овој пристап им дава на содржината и формата флуидност во нивното значење и начините на создавање. Активира реципрочна врска помеѓу активното и активирањето. Го менува нашето разбирање за секоја материја како единствен настан – наместо тоа, ни помага да го разбереме светот како настан на формирање релации.

Нештата секогаш се активни во нивната перцепција. Луѓето се селективни слушатели, селективни гледачи. Често поминуваме покрај голем дел од она што е веќе активно и онемуваме дел од нашите сетилни искуства. Нашата перцепција е предводена од нашите цели, знаење, свест, определби и ограничувања. Ваквите предиспозиции произнесуваат важни прашања во врска со перцепцијата и светот што го создаваме низ нашите импровизирани селективни процеси. На кој начин се селективното слушање, гледање и движење метод на организација? Какво доживување креираме со нашата перцепција? Како може да се направат неселективни средини во уметноста низ медиумите како што се видеото и фотографијата, вели во својата изјава Ирена Пејовиќ.

Ирена и со дополна дека „Форми на повторно создавање“ се само дел од вкупната потрага.

Форми на повторно создавање пристигнува како дел од оваа истрага. Формите на повторно создавање се форми без цел, создадени со намерна импровизација и селективно повторување. Овде перцепцијата се дефинира токму како тоа: форма на повторно создавање.

Родена 1981 година во Гевгелија, Ирена Пејовиќ е мултидисциплинарен уметник. Дипломирала и магистрирала Ликовна уметност на Државниот универзитет „Монтклер“ во Њу Џерси, во САД кадешто подолго време живее и работи.

Досега самостојно изложувала во Музеј на современа уметност во Скопје, Галеријата „Ненси Дрифос“ на Универзитетот „Кин“ во Њу Џерси, во Галеријата „Карас“ во Загреб, Хрватска, Галеријата „Аферо“ во Неварк, повторно во Њу Џерси и во Галеријата МЦ во Њујорк. Зад себе има и бројни групни изложби од кои посебно бележити освен оние во САД се поставките во Аргентина, Германија, на Филипини...

За своето творештво таа е добитник на неколку значајни награди и признанија како Државната награда за помош на индивидуални уметници од Советот за уметности на Њу Џерси минатата 2021 година, потем Artist Relief Fund Grant една година пред тоа, иницијатива организирана од Academy of American Poets, Artadia, Creative Capital, Foundation for Contemporary Arts, MAP Fund, National YoungArts Foundation и United States Artists во 2018, Државната награда за индивидуални уметници од Советот за уметности на Њу Џерси сега далечната 2014, Наградата од Обединетата македонска дијаспора: Џон Битов Македонско културно наследство во 2013 и Step Beyond Travel Grant од Европската културна фондација.

Не смее да се заборави дека Ирена Пејовиќ во 2016 година беше и учесник во перформансот SWIM на американскиот уметник Роберт Витман, презентиран во Галеријата „Фридман“ во Њујорк, а реализиран во соработка со Фондацијата „Диа“ и со Џули Мартин, директор на „Експерименти во уметноста и технологијата“.

Конечно, таа е вонреден професор на Државниот универзитет „Монтклер“ и на Универзитетот „Кин“ во Њу Џерси, САД.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG