Достапни линкови

Протести наместо скара на Први мај


Илустрација. Протест на ССМ за Први Мај
Илустрација. Протест на ССМ за Први Мај

Масовен синдикален протест со кој ќе се изрази револтот кај работниците од незголемувањето на останатите плати со порастот на минималната плата најавуваат од Сојузот на синдикатите на денот на трудот. Главните барања се линеарно зголемување на сите плати и сабота неработен ден .

Протести наместо скара за Први мај- меѓународниот ден на трудот, затоа што не се почитуваат доволно работничките права во земјава, најавува Сојузот на Синдикати на Македонија. Претседателот на ССМ Дарко Димовски најавува масовен синдикален протест в недела, со кој работниците ќе испратат порака до властите и работодавците за повисоки плати.

Тој во интервју за Радио Слободна Европа кое што в целост ќе се објави в недела, вели дека клучни барања на овој протест ќе бидaт право за регрес за сите работниците како во приватниот така и во јавниот сектор, како и нова Методологија за усогласување на сите плати покрај минималната плата.

„Сметаме дека покрај недела неработен ден, треба да се врати и правото за сабота неработен ден, затоа што знаеме дека нашите родители го уживаа тоа право. Доколку се работи во сабота онаму каде што е неопходно, тоа треба достоинствено да се плати затоа што општеството ни се подели на работници кои работат 24/7 и работници кои што ги викаме ние – газди кои уживаат по монденски места и одат по одмори. Не треба да правиме таков јаз во општеството, законите треба за сите да важат подеднакво“, вели Димовски.

Кога станува збор за недела неработен ден, Димовски вели дека од почетокот на спроведувањето на законот до сега до ССМ се пристигнати пријави против речиси 5 илјади правни субјекти во јавниот и приватниот сектор за непочитување на законот за работни односи.

„ На големо жалење, морам да кажам дека во јавниот сектор тоа право се прекршува во здравствените установи, во дел од јавните претпријатија и дел од компаниите кои се занимаваат со енергетика. Додека најголеми прекршувања во приватниот сектор има во секторот трговија, онаму каде што некои несовесни работодавачи ги повикуваат работниците тој ден на работа и ги прикриваат и несоодветно ги плаќаат за тој ден“, вели Димовски.

Тој не стравува дека тој закон може да падне на Уставен суд, каде што Стопанска комора поднесе две иницијативи за проверка на уставноста на законот за работни односи.

Пролетно синдикално будење

Зголемувањето на цените на храната, горивата и режиските трошоци, дополнително го истечни паричникот на работниците. Властите засега воведоа покачување на минималната плата од 15.200 денари на 18.000 денари. Но, голем дел од работниците нема да ги почувствуваат бенефитите од зголемувањето на износот на минималната плата, без соодветно линеарно или скалесто покачување на останатите плати.

Ваквата состојба предизвика и пролетно будење на синдикатите во земјава и одржаа и најавија протести и штрајкови во одделни дејности кои ги опфаќаат вработените во јавниот сектор.

Изминатата недела пропадна обидот за протести на Конфедерацијата на слободни синдикати поради, што изјави синдикалниот лидер на оваа организација Благоја Ралповски, притисоци врз администрацијата.

КСС се откажа од протестите - најави кривични пријави поради притисоци

И двата синдикати со најави за протести бараат покачување на платите во јавниот сектор, односно усогласување со минималната плата. Разликата е во тоа што ССМ засега бара линеарно покачување за, како што вели Димовски од хигиеничарка до претседател на држава, додека КСС бара процентуално покачување на платите. За КСС, е неприфатлив предлогот на Сојузот на синдикати на Македонија за линеарно зголемување на сите плати за 2.806 денари во нето износ.

„Бараме процентуално покачување на плата од причина што треба да се задржи рапоснот на плати по вертикала. На начинот со линеарното покачување не може да се задржи распонот на плати, туку ќе се направи уште поголем хаос. Со линеарното покачувањето затоа што ние земаме плата по закон и бодови ќе треба да се менуваат многу закони и систематизации и тоа е долг и макотрпен процес па може да не фати и септември или октомври па дури и Нова година“, вели Ралповски

Според ККС, со овој проблем се засегнати околу 100 илјади работници во државата.

Просветните работници изминативе три недели штрајкуваа со прекин на наставата. Синдикатот за образование го стави во мирување штрајкот откако вчера лидерот на СОНК Јаким Неделков на прес конференција соопшти дека добиле известување од Министерството за труд и социјална политика за медијациско решавање на колективниот спор со СОНК, според Законот за мирно решавање на работни спорови.

Битиќи - СОНК не им даде доволно шанса на преговорите

Претходно членството на СОНК не се согласи со владината понуда за покачување на платите од 12 проценти јули, заедничко утврдување на методологија за раст на платите која би се применила од 2023 година и исплата на регрес за годишен одмор исто така од следната година. Тие вчера изразија и незадоволство од одлуката за прекинување на штрајкот.

Управата за водење на матични книги веќе трет ден штрајкува. Граѓаните нема да можат да ги користат услугите на овој сектор, кој брои 500 вработени, се додека платата не се усогласи со минималната, не се потпише нов колективен договор и не се воспостави добра систематизација, велат од независниот синдикат на матичарите.

Владата тврди дека во своите први сто дена работа приоритет бил заштитата на животниот стандард на граѓаните и поддршка на компаниите во ек на економска криза која произлегува од енергетската и воена криза во светот. Премиерот Димитар Ковачевски во своето излагање посочи дека за кратко време се направени два историски чекори, зголемување на минималната плата на 18.000 денари со кое се опфатени 160 илјади работници и како и субвенции од 16 милиони евра за придонесите за покачувањето на минималецот. Тој најави и покачување на пензиите од септември.

„Со воведувањето на новата методологија од септември па натаму, пензионерите секој месец ќе имаат просечно по 900 денари плус на својата сметка. Обезбедивме и директна финансиска помош, по 1000 денари плус за 3 месеци, односно вкупно 3.000 денари, за речиси 330 илјади пензионери“, изјави Ковачевски.

Според податоците на Државниот завод за статистика, трошоците за живот се зголемени за скоро 9 проценти во однос на лани. Просечната плата во Македонија во февруари била 29.840 денари, што е за скоро 7 отсто повеќе од истиот месец лани, но сепак, платата не го следи огромното зголемување на трошоците за живот, па тие пари вредат помалку од лани.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG