Вести
УНИЦЕФ: Милиони деца раселени поради руската инвазија

Најмалку 1,5 милиони деца станаа бегалци поради руската инвазија на Украина, изјави портпаролот на УНИЦЕФ Џо Инглиш за Си-Ен-Ен.
„Уште 3,3 милиони малолетници во моментов се раселени во земјата“, додаде Инглиш.
Најмалку 150 деца се убиени, а 160 се повредени од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари.
Обединетите нации проценуваат дека руската инвазија протерала околу 10 милиони Украинци од нивните домови. Најмалку 902 цивили се убиени, а 1.459 се повредени во Украина до 19 март, соопшти Канцеларијата за човекови права на ОН.
„Повеќето од жртвите загинале од експлозивно оружје, како што е гранатирање од тешка артилерија и повеќецевни ракетни системи, како и од проектили и воздушни напади“, соопштија од ОН.
Вистинскиот број на загинати се смета дека е значително поголем бидејќи ОН, кои имаат голем тим за набљудување во земјата, сè уште не може да прими или потврди извештаи за жртви од неколку тешко погодени градови, вклучително и Мариупол, се наведува во соопштението.
види ги сите денешни вести
Брисел го воведе шестиот пакет санкции против Техеран

Европската унија го воведе шестиот пакет санкции против Иран поради кршење на човековите права, додавајќи осум поединци и една компанија на листата на санкционирани. Имам, свештеник и тројца судии од Иран се опфатени со новите санкции. Тие се обвинети за кршење на човековите права.
„Европскиот совет конкретно ги казнува членовите на судството одговорни за изрекување смртни казни при нефер судења и за мачење на осуденици“, се наведува во соопштението.
Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, пред да се постигне договор за санкциите рече дека најновите санкции покажуваат дека ЕУ „не ги затвора очите“ пред злоупотребата на човековите права во Иран и ја пофали храброста на демонстрантите.
„Сакаме јасно да ставиме до знаење дека никој не е над законот, поради што ќе го воведеме шестиот пакет санкции овде во Брисел“, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок.
Велика Британија, од своја страна, изјави дека вовела санкции за високи функционери на иранската Револуционерна гарда, вклучително и оние кои се одговорни за управување со финансиските инвестиции на единицата.
Санкциите на ЕУ сега ќе важат за вкупно 204 поединци и 34 компании во Иран.
Турција ќе добие милијарда евра помош од ЕК

Европската комисија ќе и даде милијарда евра помош на Турција, која беше погодена од земјотреси, изјави денеска претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на почетокот на меѓународната донаторска конференција.
Таа говореше за земјотресот, кој однесе речиси 50 000 животи во Турција и Сирија, како најголема природна катастрофа што го погоди регионот во последните години.
„Милиони сега се бездомници и живеат во шатори во текот на зимата. Мора да се мобилизираме за обнова. Куќите, училиштата и болниците мора повторно да се изградат со највисоки стандарди за безбедност од земјотреси. Водата, канализацијата и другата клучна инфраструктура мора да се поправат. На јавните служби и претпријатијата им треба капитал за повторно да работат, за луѓето да можат да заработат за живот“, рече Фон дер Лајен.
Таа истакна дека Комисијата ќе обезбеди дополнителни 108 милиони евра за хуманитарна помош и за обновување на Сирија. Европската унија не одржува дипломатски врски со претседателот на таа земја, Башар ал Асад, од војната што започна во 2011 година.
Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) проценува дека „вкупниот финансиски товар од земјотресот“ за Турција е околу 103,6 милијарди долари, што е девет отсто од проектираниот БДП на земјата за 2023 година.
Српската листа повтори дека нема да учествува на локалните избори на северот на Косово

По средбата со американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер, Српската листа - најголемата партија на косовските Срби, повтори дека нема да учествува на претстојните вонредни локални избори во општините на север додека не се исполнат нивните барања.
„Претставниците на Српската листа изразија јасен став дека нашата партија останува доследна на својот став дека нема да учествува на претстојните вонредни локални избори во општините на северот на Косово се додека не бидат исполнети барањата поради кои ги напуштивме косовските институции, а тоа е формирање на Заедницата српски општини и повлекување на сите специјални единици на Приштина од северот на Косово“, се наведува во соопштението.
Вонредните избори во општините со српско мнозинство на северот на Косово - Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток се закажани за 23 април.
Иако рокот за регистрација на политичките субјекти требаше да истече во сабота на 18 март, Централната изборна комисија на Косово го продолжи тој рок до 22 март.
До вонредните локални избори доаѓа откако градоначалниците, кои дојдоа од редовите на Српската листа, во ноември минатата година поднесоа оставки како дел од колективното излегување на Србите од косовските институции поради напорите на косовските власти да го спроведат процесот на пререгистрација од српски на косовски таблички.
Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во интервју за РСЕ изјави дека „би сакале Србите да учествуваат на изборите“.
Собранието ги изгласа законите за Собранието и за амнестија

Пратениците ги изгласаа Предлогот на законот за амнестија и Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за Собранието на Република Македонија. И двата предлог- закони беа донесени по скратена постапка.
Измените на Законот за собрание се однесуваат на обезбедување на соодветен модел на усогласување на висината на минималната плата во платата на собраниските службеници, а со цел постигнување еднаквост во исплата на минималната плата во јавниот и приватниот сектор. Со овој Предлог закон се предлага нов начин на пресметка на плата на собраниските службеници, кој е веќе воспоставен и применлив во државата и во кој во основната компонента на плата е вградена и минималната плата која се зголеми согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата.
Со измените на Законот за амнестија околу 3500 граѓани осудени на високи парични казни поради непочитување на ковид-протоколите за време на пандемијата ќе бидат амнестирани. Голем дел од нив се социјални случаи на кои им се закануваше затворска казна.
Според податоците на Основен кривичен суд Скопје, лани на 138 лица кои биле правосилно осудени на парична казна заради член 206 од КЗ, за непостапување според здравствени протоколи за време на пандемија, а не ја платиле досудената казна, паричната казна им е заменета за затворска. Упатен акт за во затвор добиле само оние што не ја платиле казната.
На оние што си ги платиле казните, а кои најчесто беа меѓу 1000 и 2000 евра, нема да им бидат вратени парите. Амнестијата нема да важи за рестораните, кафулињата, фирмите и за другите правни лица кои ги прекршиле ковид-протоколите.
ВМРО-ДПМНЕ го поддржа Законот за амнестија, но според пратеникот Антонио Милошоски тој од еден аспект е дискриминирачки бидејќи не ги опфаќа лицата кои веќе платиле казна за прекршување на полицискиот час во ковид кризата.
Русија отвори кривична постапка против судот во Хаг

Рускиот истражен одбор денеска соопшти дека отворил кривична постапка против обвинителите и судиите на Меѓународниот кривичен суд, кои во петокот издадоа налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин поради обвинение за воени злосторства.
Одборот, кој е одговорен за истрага на сериозни злосторства, рече дека нема основа за кривичната одговорност на рускиот претседател Путин и дека шефовите на државите уживаат апсолутен имунитет од јурисдикцијата на странските земји.
Постапките на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд покажуваат знаци на кривично дело според руските закони, објави Комитетот, посочувајќи дека станува збор за свесно обвинување на невино лице за злосторство и „подготвување напад на претставник на странска држава, кој ужива меѓународна заштита, со цел да се комплицираат меѓународните односи“.
Рускиот потег е симболичен гест на револт како одговор на налогот за апсење на Путин, со кој тој и комесарот за правата на децата се обвинети за воено злосторство, депортирање деца од Украина во Русија.
Кремљ одлуката на Меѓународниот кривичен суд ја нарече нечуена, но правно неважечка, имајќи предвид дека Русија не е потписник на договорот со кој беше основан Меѓународниот кривичен суд.
Почна судењето за предметот „Империја“

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска започна судењето за случајот „Империја“ против преостанатите три лица од предметот, по спроведената истражна постапка против 19 лица.
Во овој случај обвинети се Цветан Панделески, Зоранчо Митровски и Јованчо Тасковски, кои се гонат за кривичните дела „злоупотреба на службена положба“, „перење пари“ и „измама“, а Основното јавно обвинителство достави и предлог од тројцата обвинети да се конфискува имот во вкупна вредност од 292 333 000 денари или 4 753 382 евра.
Првообвинетиот и второобвинетиот се гонат за „злоупотреба на службена положба“ и „перење пари“, а на првообвинетиот на товар му се става и кривичното дело „измама“ за кое се товари и третообвинетиот.
Според опишаните дејствија во Обвинителниот акт, прво и второобвинетиот и веќе едно осудено лице, во периодот од месец мај до месец август 2013 година како соизвршители ги искористиле своите овластувања како одговорни лица – членови на Одбор на директори на правно лице и претставници на акционерскиот капитал.
За дел од лицата опфатени во истражната постапка, помеѓу другото, имаше пресуди врз основа на предлог спогодби, застарување како и решенија за неповедување на кривична постапка.
Помеѓу спогодбите беше и спогодбата на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, кој призна вина и се спогоди со Обвинителството за организиран криминал со што беше осуден на 3 години затвор и исплата од 6,1 милиони евра во кеш за уделот во хотелот Мериот и му беше одземен и имот во вредност од околу 30 милиони евра.
Спогодба, исто така, направи и бизнисменот Орце Камче кој доби казна затвор од една година и обврска да уплати 5,2 милиони евра на управата за јавни приходи заради пресметан непалтен данок со фирмата „Орка холдинг“.
Пад на вредноста на банкарскиот сектор на берзите во Европа

Европскиот банкарски сектор претрпе загуби на берзите, еден ден по одлуката на швајцарската групација UBS да ја купи втората по големина банка во земјата, „Credit Suisse“, која се наоѓа во тешка ситуација. Се чини дека операцијата за спасување не ги охрабри инвеститорите за стабилноста на банкарскиот систем и покрај охрабрувачките изјави на европските претставници.
Во Париз „БНП Парибас“ загуби повеќе од осум отсто од вредноста, а „Сосиете Женерал“ повеќе од седум отсто. Во Фракфрут вредноста на акциите на Дојче банк падна за повеќе од шест отсто, а на Комерцбанк за речиси пет отсто.
Во Лондон, банката „Standard Chartered“ изгуби повеќе од шест проценти од својата вредност, „NatWest“ повеќе од четири проценти и HSBC три проценти, пренесува Бета повикувајќи се на AФП.
Претседателот на Швајцарската конфедерација, Ален Берсет, во неделата навечер објави дека по интензивните преговори е договорено првата швајцарска банкарска групација UBS да го купи својот ривал „Credit Suisse“, велејќи дека тоа е најдобриот начин да се „врати довербата“.
Колапсот на „Credit Suisse“ е кулминација на повеќегодишни скандали, загуби од повеќе милијарди долари, промени во менаџментот и стратегија која не успеа да инспирира доверба кај инвеститорите. Во февруари, банката ја пријави својата најголема годишна загуба во 21 век.
Новинар на РСЕ од Белорусија се обидел да се самоубие во затвор

Групата за човекови права „Вјасна“ соопшти дека нејзини извори изјавиле дека затворениот новинар на Радио Слободна Европа, Ихар Лосик, бил однесен во амбуланта откако бил пронајден со „исекотини на рацете и вратот“.
Групата соопшти дека Лосик бил „спасен“ од, како што го опишаа, „обид за самоубиство“, иако не е јасно како и во која мера тој е повреден.
Лосик беше уапсен од белоруски агенти во јуни 2020 година и му се судеше по измислени обвиненија, вклучително и „организирање и подготвување акции кои грубо го нарушуваат јавниот ред“ како и „подготовка за учество во немири“.
По петмесечно судење зад затворени врати, Лосик беше прогласен за виновен и осуден на 15 години затвор во декември 2021 година, а ставен е и на список за следење терористи.
Во јануари неговата сопруга Дарја Лосик беше осудена на две години затвор под обвинение за помагање на екстремистички активности.
Во 2020 година, Александар Лукашенко, претседателот на Белорусија, организираше брутално задушување на демонстрациите по претседателските избори на кои тој тврди дека победил. Беа приведени 30.000 луѓе, стотици претепани, а неколкумина биле убиени.
Лосик е меѓу повеќе од 300-те политички затвореници кои, според групите за човекови права, биле уапсени од почетокот на демонстрациите.
ВМРО-ДПМНЕ ги блокираше законите за повисоки плати во судството

Со 2 100 амандмани пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ги блокираше четирите закони со кои се бара покачување на платите на судиите, јавните обвинители и судскиот и обвинителскиот совет.
Дејанчо Ефтимов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека е неодговорно да се бара покачување на платите на судиите и јавните обвинители во услови на висока инфлација, кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај.
„За да биде појасно, пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата не
е против покачувањето на платите на судиите и јавните обвинители, но
како одговорни пратеници реагираме од принципилени причини бидејќи
токму покачувањето на платите во судството треба да биде последната, а
не првата мерка која што оваа Влада треба да ја направи“, рече Ефтимов.
Претходно на Комисијата за политички систем и пратениците од
владејачката коалиција и опозицијата ги поддржаа измените на Законот
за Собрание за изедначување на платите со минималната плата, како и
Законот за амнестија, со којшто ќе се одредат условни казни за лицата
кои беа казнети за врема на ковид пандемијата.
ВМРО-ДПМНЕ го поддржа Законот за амнестија, но според пратеникот Антонио Милошоски тој од еден аспект е дискриминирачки бидејќи не ги опфаќа лицата кои веќе платиле казна за прекршување на полицискиот час во ковид кризата.
Четири закони беа на дневен ред на седница на Комисијата за политички
систем и односи меѓу заедниците, но откако беше констатирано дека за
секој од законите има поднесено по околу 500 амандамни, таа беше
прекината.
Борел ги информира министрите на ЕУ за исходот од средбата во Охрид

Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, ќе ги информира министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ за исходот од средбата во Охрид на која Србија и Косово се договорија за планот за имплементација на договор за патот кон нормализација на односите.
„Што се однесува до Косово и Србија, имавме долг разговор за финализирање на договорот што ќе се гледа како составен дел од европскиот пат за двете страни. Тоа ќе биде дел од преговарачкото поглавје, поглавје 35 во преговорите со Србија и ќе биде вклучена во документот за нормализација и во барањата од Косово. Тоа сега е обврска и ние внимателно ќе ја следиме имплементацијата. Двете страни се согласија и се обврзаа да го направат тоа и ајде сега внимателно да набљудуваме како ќе се одвива“, изјави Борел пред почетокот на министерскиот состанок.
На крајот на маратонската средба одржана во Охрид, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, се договорија итно да ја прифатат Декларацијата за исчезнати лица, како што е договорено во дијалогот со посредство на ЕУ.
Косово се обврза да започне да обезбедува соодветно ниво на самоуправа за српската заедница во Косово, во согласност со претходните договори за дијалог. Вучиќ и Кури исто така, се согласија да формираат Заеднички комитет за следење, со кој претседава ЕУ, во рок од 30 дена. Овој комитет ќе го надгледува спроведувањето на одредбите.
Анексот договорен во Охрид предвидува организирање донаторска конференција во рок од 150 дена со цел да се воспостави пакет инвестициска и финансиска помош за Косово и Србија. Србија и Косово се договорија да не го блокираат спроведувањето на ниту еден член. Но, лидерите не го потпишаа договорот бидејќи претседателот на Србија одби. Во меѓувреме ЕУ и САД го поздравија договорот.
Од утре замрзнати цени на јајцата и оризот

Од утре ќе се замрзнат цените на оризот и јајцата, соопшти днеска министерот за економија Крешник Бектеши. Кај шеќерот и брашното нема да се интервенира со замрзнување зашто веќе има намалување на цените на овие производи и тој тренд се очекува да продолжи, рече Бектеши на денешната прес конференција.
Бектеши не кажа конкретно на која цена ќе биде замрзнувањето, но извесно е дека тоа нема да биде денешната, туку од некој друг претходен ден во март. Според него, цените на јајцата во земјава се најниски во однос на другите земји од регионот.
„Очекуваме цените на шеќерот и брашното сами да паѓаат, а и веќе бележат намалување, но ако тоа не се случи од страна на трговците, до крајот на оваа или почетокот на идната недела ќе има дополнителни одлуки за цените на овие производи“, истакна Бектеши.
Од 16 март се замрзнати цените на тестенините и млечните производи, а од 28 февруари е замрзната и цената на лебот. Тогаш, согласно владините одлуки, се укина и субвенционираната струја за компаниите од прехранбената индустрија.
Иако цените на храната на меѓународниот пазар веќе цела година се намалуваа, тој тренд не го следеа македонските производители, па Владата донесе одлука за замрзнување на цените. Министерот Бектеши минатата недела најави дека во април се можни нови мерки во однос на цените. Цените на месните производи ќе бидат една од наредните мерки што ќе се анализираат.
Џинпинг ја почнува посетата на Москва

Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска ја започнува посетата на Русија, што е негова прва посета на странска земја откако по трет пат беше избран за претседател на Кина, а исто така прва посета на Русија од почетокот на руско-украинскиот конфликт во февруари 2022 година. Џинпинг ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. Кинеската влада не даде детали за тоа што Џинпинг има намера да постигне за време на неговата посета на Москва.
Додека се подготвува да го угости својот кинески колега во услови на продлабочување на меѓународната изолација поради неговата инвазија на Украина, Путин го пофали неговиот однос со кинескиот претседател и рече дека врските меѓу Москва и Пекинг никогаш не биле посилни.
Како што е најавено Си и Путин ќе разговараат за кинеско-руското сеопфатно стратешко партнерство, ќе разменат мислења за важни меѓународни и регионални работи и ќе ја промовираат соработката меѓу двете земји, соопшти претходно кинеското Министерство за надворешни работи.
Портпаролот на кинеското МНР, Ванг Венбин, претходно изјави дека посетата на Си на Москва дополнително ќе ја продлабочи меѓусебната доверба и разбирање на двете земји, нагласувајќи дека тоа ќе биде и патување насочено кон зајакнување на мирот.
Волстрит журнал, повикувајќи се на свои извори, објави дека по посетата на Москва, Си Џинпинг би можел да одржи онлајн средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Кина постојано нагласува дека Пекинг „игра конструктивна улога“ во решавањето на украинската криза. На 24 февруари кинеското Министерство за надворешни работи објави документ од 12 точки за политичко решение на украинската криза.
САД го поздравија договорот што го постигнаа Косово и Србија во Охрид

Сoединетите Држави го поздравуваат договорот што Косово и Србија го постигнаа во Охрид со посредство на ЕУ за имплементација на Договорот за патот кон нормализација на односите, соопшти Стејт департментот.
„Ги пофалуваме претседателот на Србија и премиерот на Косово за нивното лидерство во постигнувањето договор. Исполнувањето на обврските на Косово и Србија од Основниот договор, во рамките на трајната определба за помирување, ќе обезбеди значителни можности за граѓаните на двете земји и да го забрзаат нивниот пат кон членство во Европската унија“, се вели во соопштението на американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Тој додава дека САД ќе продолжат да бидат активно ангажирани, во соработка со партнерите од ЕУ, „да ги поддржат Косово и Србија во нивната работа на имплементација со цел да се постигнат предвидливи и мирни односи“.
„Ќе продолжиме да го поддржуваме подобрувањето на стабилноста и просперитетот на Западен Балкан“, се наведува во соопштението.
Во соопштението, се заблагодарува на Европската Унија за посредувањето во преговорите и на Владата на Северна Македонија што била домаќин и поддржала финализирање на договорот.
Блинкен на својот Твитер профил исто така изјави дека го поздравува договорот. Тој додаде дека САД остануваат „посветени на унапредување на европската и евроатлантската интеграција“.
Мило Ѓукановиќ и Јаков Милатовиќ во вториот круг од претседателските избори во Црна Гора

Актуелниот претседател на Црна Гора Мило Ѓукановиќ и кандидатот на Движењето Европа сега Јаков Милатовиќ одат во вториот круг на претседателските избори, што ќе се одржи на 2 април, покажуваат прелиминарните податоци кои ги објави Центарот за мониторинг и истражување, врз основа на скоро 99 отсто обработени гласачки ливчиња.
Во првиот круг, што се одржа денеска, ниеден од кандидатите за претседател на Црна Гора не освои над половина од гласовите на излезените избирачи.
Ѓукановиќ освои околу 35 отсто од гласовите, додека Милатовиќ околу 29 отсто.
Андрија Мандиќ од Демократскиот фронт освои околу 19 отсто од гласовите, а Алекса Бечиќ од Демократска Црна Гора околу 11 проценти. Останатите тројца кандидати освоија по помалку од 3 отсто.
Во вториот круг одат двајцата кандидати со најмногу гласови во првиот круг.
На гласање излегоа околу 64 проценти од регистрираните избирачи, соопшти претседателот на Државната изборна комисија.
Поранешниот премиер на Пакистан обвинет за тероризам

Полицијата во главниот град на Пакистан, Исламабад, денеска го обвини поранешниот премиер Имран Кан, 17 негови помошници и многумина поддржувачи, за тероризам.
Поддржувачите на соборениот премиер вчера се судрија со безбедносните сили во Исламабад, пред судот каде што Кан требаше да се појави поради случаи на корупција.
Неговите приврзаници фрлаа запаливи бомби и камења кон полицијата, при што беа повредени над 50 полицајци, а полициски пункт и неколку автомобили и мотоцикли беа запалени.
Полицијата соопшти дека во судирите биле уапсени 59 демонстранти.
Кан не се појави во судот, каде што требаше да се соочи со обвиненија дека продал државни подароци кои ги примил додека бил на функција.
Освен Кан, обвинети се и поранешни и сегашни пратеници, поранешни министри, поранешен претседател на Народното собрание и бројни поддржувачи.
Обвиненијата вклучуваат тероризам, спречување полициски службеници во извршување на нивните задачи, напади врз полицијата, ранување полицајци и загрозување на нивните животи.
Парламентот изгласа недоверба на владата на Кан во април 2022 година, по што тој замина во опозиција. Кан тврди дека бил незаконски сменет од САД.
Сегашниот премиер Шабаз Шариф и Вашингтон ги отфрлија тие тврдења, а владата соопшти дека наредните избори ќе бидат оваа година во редовен термин.
Поранешниот премиер, некогашна крикет ѕвезда, е вмешан во низа афери и против него има покренато дури 76 судски постапки, меѓу кои и за тероризам по пријава на полицијата.
Тој досега избегнуваше апсење и тврди дека хајката против него ја организира државата за да го замолчи.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете