Достапни линкови

Мировните преговори продолжуваат, за Украина ќе заседава и Советот за безбедност на ОН


Уништена зграда во Чернихев.
Уништена зграда во Чернихев.

Продолжуваат преговорите меѓу Русија и Украина за воени и политички прашања, соопшти руското Министерство за надворешни работи. Во меѓувреме регионални власти во Украина јавуваат за цивилни жртви при руски бомбардирања во неколку градови. За хуманитарната криза во Украина денеска треба да заседава и Советот за безбедност на ОН.

Преговорите меѓу Русија и Украина продолжуваат преку видео врска, а двете страни разговараат за воени, политички и хуманитарни прашања, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Украина се надева дека денеска ќе ги евакуира цивилите преку девет „хуманитарни коридори“ во градовите, вклучително и во опколениот пристанишен град Мариупол, изјави заменик-премиерката Ирина Верешчук.

Коридорите се користат за евакуација на цивили од градовите кон се бомбардираат од страна на руските сили. Илјадници луѓе се одведени на сигурно во изминатите денови, иако некои од хуманитарните коридори беа мета на Русија.

Локалните гувернери на неколку украински градови денеска пријавуваат цивилни жртви за време на бомбардирањата од страна на руските сили. Русија, пак, негира дека цели на цивили. Руската инвазија над Украина влегува во четвртата недела. Русија започна напад над соседната земја на 24 февруари.

Градоначалникот на опколениот украински град Мариупол вели дека повеќе од 1.000 луѓе биле засолнети во театарот што на 16 март беше погоден од руски воздушен напад. По нападот многу цивили се заробени, а бројот на жртви е непознат, вели тој.
Градоначалникот Вадим Боиченко ја објави информацијата на својот профил на Телеграм рано на 17 март, нарекувајќи го нападот на театарот „уште една трагедија“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во видео порака на 17 март рече дека луѓето во театарот се криеле од гранатирања, а сега и тој е уништен. И тој вели дека сè уште нема информации за жртви.

Од канцеларијата на градоначалникот потоа соопштија дека има преживеани по вчерашниот напад и дека засолништето од бомби по се изгледа го издржало ударот. Но и од канцеларијата на градоначалникот немаат најнови информации за евентуален број на жртви.

Погодениот театар во Мариупол.
Погодениот театар во Мариупол.

Невладината организација за човекови права Хјуман рајтс воч претходно соопшти дека во театарот се засолнуваат „стотици цивили“.

„Ова предизвикува сериозна загриженост за тоа која била целта во град каде што цивилите веќе се под опсада со денови, а телекомуникациите, струјата, водата и греењето се речиси целосно исклучени“, рече Белкис Виле од групата за човекови права Хјуман рајтс воч.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба рече дека зградата на театарот сега е „целосно уништена“ и рече дека руските сили „не можеле да не знаат дека ова е засолниште за цивили“.

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека нивните сили не ја нападнале зградата на театарот, јави новинската агенција РИА.

Во Чернихев убиени луѓе додека чекале ред за леб

Загубите се зголемуваат и во украинскиот град Чернихив, изјави регионалниот гувернер Виачеслав Чаус. Тој денеска соопшти дека 53 лица загинале од руските сили само во средата. Информацијата не можеше веднаш да се потврди. Русија негира дека цели на цивили. Северниот град Чернихив е под опсада од 25 февруари.

Генералниот обвинител на Украина рече дека руските сили во Чернихив убиле 10 луѓе кои чекале ред за леб. Од американската амбасада во Киев претходно го пријавија инцидентот, велејќи дека руските сили убиле 10 жртви. Русија го негираше нападот и рече дека инцидентот е измама.

Гранатирања и во Киев и Рубижне

Едно лице загинало, а пет се повредени во руското гранатирање на украинскиот град Рубижне, во Луганската област, соопшти денеска локалниот гувернер Серхиј Хаидаи. Тој рече дека областа била гранатирана цел ден вчера и синоќа, по што градот бил во пламен, а уништени се и 20 куќи.

Рубижне се наоѓа во регионот Луганск во источна Украина кој е по контрола на Украина. Некои делови од Луганск и соседниот регион Доњецк се под контрола на проруските сепаратисти од 2014 година.
Руските новински агенции пишуваат дека Русија погодила воено складиште во западна Украина, јавува Ројтерс. Министерството за одбрана соопшти дека ракети со висока прецизност погодиле складиште во Сарни, во регионот Ривне, уништувајќи проектили и муниција. Ројтерс не може независно да ги потврди извештаите.

Најмалку едно лице загина, а три се ранети откако остатоци од соборен проектил погодија станбена зграда во главниот град на Украина, Киев, соопшти во четвртокот украинската служба за итни случаи, јавува Ројтерс.
Во соопштението се наведува дека 16-катницата била погодена во 05:02 часот, по локално време. Од зградата биле евакуирани 30 лица и изгаснат е пожарот што настанал откако зградата била погодена од остатоци од проектилот. Во Киев сега е укинат 35-часовниот полициски час што градоначалникот Виталиј Кличко го спроведе претходниот ден.
Повеќе од три милиони луѓе ја напуштија Украина од почетокот на војната.

Советот за безбедност на ОН денеска ќе се состане на итен состанок за да се реши ескалацијата на хуманитарната криза во Украина.

САД, Велика Британија, Франција, Ирска, Норвешка и Албанија повикаа на состанок, соопштија дипломатски извори, по силното гранатирање на цивилни области во последните денови.


САД, Велика Британија и Франција се постојани членки на Советот заедно со Русија и Кина.

Се известува и дека во тек се разговори за да се создаде можност украинскиот претседател Володимир Зеленски да зборува на Генералното собрание на ОН, кое го сочинуваат сите земји-членки.

Зеленски -Урнете го судот!

Во меѓувреме тој денеска се обрати пред германскиот Парламент. Тој остро ги критикуваше своите колеги, кои, како што вели, премногу бавно реагирале додека руските сили се трупаа на украинската граница.

„Сè за што се грижевте беше економијата“, рече тој пред Парламентот.

Зеленски ја повика Германија да не дозволи нов ѕид да ја подели Европа и да ја поддржи Украина за членство во НАТО и ЕУ.

Потсетувајќи на падот на Берлинскиот ѕид, Зеленски го повика германскиот канцелар Олаф Шолц да го урне ѕидот меѓу мирот и конфликтите во Европа и да ја запре војната во Украина.

Тој потсети на апелот на поранешниот американски претседател Роналд Реган до последниот советски лидер Михаил Горбачов, да го урне Берлинскиот ѕид и го повика Шолг – Драг канцеларе уништете го овој ѕид!.

„Овозможете ѝ ја на Германија лидерската улога кога ја заслужува за да може вашите наследници да бидат горди на вас. Поддржете ја слободата, поддржете ја Украина, запрете ја оваа војна, помогнете ни да ја запреме оваа војна“, рече Зеленски.

Утре се очекува Советот за безбедност на ОН да гласа за руската хуманитарна резолуција, која беше остро критикувана од многумина.

Поканата за состанокот доаѓа откако Русија предложи резолуција со која се повикува на заштита на цивилите во ситуации во кои тие се загрозени во Украина, како и безбедно поминување на хуманитарната помош и на оние кои сакаат да ја напуштат земјата, но во неа не се споменува одговорноста на Москва.

„Русија врши воени злосторства и цели кон цивили“, објави британската мисија во ОН на Твитер, објавувајќи го повикот за состанок на кој се приклучија САД, Франција и други.

„Нема да гласаме за резолуција на Советот за безбедност која не го признава она што Русија го прави “, рече амбасадорката на Обединетото Кралство во ОН, Барбара Вудворд.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG