Достапни линкови

Нов неуспешен обид за евакуација на цивилите од Мариупол


Облак чад се издига од зграда по гранатирањето на руските сили во украинскиот пристанишен град Мариупол.
Облак чад се издига од зграда по гранатирањето на руските сили во украинскиот пристанишен град Мариупол.

И вториот обид за евакуација на цивили од опколениот украински град Мариупол не е успешен, додека Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за прекршување на привременото примирје. Во меѓувреме, борбите продолжуваат низ другите делови на Украина.

Вториот обид за евакуација на цивили од опколениот украински град Мариупол не беше успешен. Сепаратистите поддржани од Русија и украинските власти се обвинуваат меѓусебно за неуспехот да се воспостави хуманитарен коридор надвор од градот.

Евакуацијата на дел од 400.000 жители заробени од руските сили кои го опколија градот, требаше да започне денеска напладне, според привремениот прекин на огнот којшто беше предвидено да трае до 21 часот по локално време.

Советникот на украинското Министерство за внатрешни работи, Антон Герашченко изјави дека планираните евакуации по означените хуманитарни коридори се стопирани поради континуираното руско гранатирање.

Новинската агенција Интерфакс цитираше официјален претставник на сепаратистичката администрација во Доњецк кој ги обвини украинските сили дека не го почитувале примирјето.

Сличен план беше напуштен и вчера, откако примирјето исто така не беше целосно почитувано.

Џугуманов - Светот го очекува нова потензична Студена војна
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:00 0:00

Борбите денеска продолжија во многу делови на Украина, а руската инвазија на земјата влезе во 11-от ден, по што има бројни извештаи за загинати жители и уништување на објекти и инфраструктура, а повеќе од 1,5 милиони луѓе беа принудени да ја напуштат земјата, според податоците на Обединетите нации.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека руските ракети денеска „целосно го уништиле“ цивилниот аеродром во Виниција, град кој се наоѓа во централна Украина.

Украинската војска соопшти дека води „жестоки битки“ со руските сили во околината на јужниот град Миколајев - кој го контролира патот до клучниот црноморски град Одеса на западниот дел на земјата.

Во соопштението се вели дека руските сили лансирале стотици проектили и артилериски напади низ целата земја, вклучително и дека фрлиле моќни бомби врз станбените области на Чернихив.

Жителите се обидоа да побегнат од градовите Буча и Ирпин, каде беа извршени воздушни напади.

Британското воено разузнавање ги спореди тактиките на Русија во Украина со оние што ги користела Москва во Чеченија и Сирија, каде градовите беа бомбардирани и тешко оштетени, откако руските сили се соочија со неочекуван отпор од нивните бранители.

Бегството на Вероника и Стефан од Одеса до Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:27 0:00

Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека руската воена операција ќе биде запрена само доколку Украина „престане да се бори“ и ако ги исполни руските барања.

Путин се надева дека украинските преговарачи ќе заземат „поконструктивен пристап и ќе ја земат предвид реалноста“, рече портпаролот на Кремљ.

Обединетите нации соопштија дека бегалската криза во Украина е најбрзо растечка во Европа по Втората светска војна, со повеќе од 1,5 милиони украиснки луѓе кои ја напуштија земјата во последните десет дена.

„Повеќе од 1,5 милиони бегалци од Украина за десет дена се преселија во соседните земји, што е најбрзо растечката бегалска криза во Европа од Втората светска војна“, напиша на Твитер високиот комесар за бегалци на ОН Филипо Гранди.

Украинците кои успеаја да побегнат заминаа во соседните земји Полска, Романија, Словачка и други места, додека десетици илјади луѓе се внатрешно раселени.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG