Достапни линкови

Деблокирање на преговорите клучни за стабилноста на регионот


Претседателот на Македонија Стево Пендаровски и претседателот на Република Албанија, Илир Мета, кој е во посета на Република Северна Македонија. 11.01.2022.
Претседателот на Македонија Стево Пендаровски и претседателот на Република Албанија, Илир Мета, кој е во посета на Република Северна Македонија. 11.01.2022.

Албанскиот претседател Илир Мета е во посета на Скопје. Тој денеска имаше средба со македонскиот претседател Стево Пендаровски на која констатирале дека треба да се отстрани блокадата за членството на двете земји во ЕУ. Експерти сметаат дека односите меѓу Албанија и Македонија се на одлично ниво.

Деблокирање на процесот за членство во Европската унија на Северна Македонија и Албанија и скорешен почеток на пристапните преговори ќе даде позитивен придонес за севкупниот напредок и стабилноста на региониот, заклучиле македонскиот претседател Стево Пендаровски и неговиот албански колега Илир Мета на денешната средба во Скопје.

Претседателот на Албанија Мета вчера пристигна во Скопје на тридневна посета на земјава. На средбата денеска со Пендаровски во претседателската Вила Водно, тие констатирале дека севкупните билатерални односи меѓу двете држави имаат позитивен развој, а посветеноста на добрососедските односи на двете земји дава силен придонес за просперитетот, стабилноста, безбедноста и европската перспектива на регионот.

„Двете држави како сојузници во НАТО даваат свој придонес и во одбраната на вредностите на евроатлантската заедница“, се вели во соопштението од Кабинетот на Претседателот.

Средбата во Скопје е втора на шефовите на двете држави во повеќе од две години, откако во октомври 2019 година Пендаровски му беше гостин на Мета во Тирана.

Северна Македонија и Албанија се земји кандидатки за членство во Европската унија и заедно во пакет треба да ги почнат пристапните преговори. Но, процесот за почеток на преговорите е блокиран поради ветото на Бугарија кон Северна Македонија.

Албанија и Северна Македонија, исто така, се дел од иницијативата „Отворен Балкан“ заедно со Србија, што предвидува слобода на движење на капитал, стоки, услуги и луѓе меѓу трите земји.

Политичкиот аналитичар Џељал Незири смета дека односите меѓу Северна Македонија и Албанија се главно пријателски уште од осамостојувањето на земјава, посочувајќи дека двете држави, совен за членството во ЕУ, ја делеле „истата судбина“ и при процесот на зачленување во НАТО како дел од Јадранската група заедно со Хрватска.

„Република Северна Македонија единствено со Албанија немала ниту еден спор кој би бил пречка за продлабочување на билатералните односи. Економските односи, исто така, се на највисоко ниво. Албанија е една од значајните земји која има нејзини инвестиции во Северна Македонија, трговската размена е на најзадоволително ниво, без бариери. Со еден збор може да се каже дека двете земји имаат одлична соработка, поврзани со евро-атлантската перспектива и се дел од иницијативата Отворен Балкан“, вели Незири.

Инаку, албанскиот претседател Мета по пристигнувањето во Скопје на 10 декември изјави дека не сака Албанија да се одвои од Северна Македонија на патот кон ЕУ, но дека двете држави треба да ги зголемат напорите на тој пат. Тој додаде дека треба да се најде решение за спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија, но дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за пристапување на некоја држава кон ЕУ.

„Не би сакал никогаш да се разделиме бидејќи не само што сме две соседни земји, туку сме исклучително заинтересирани Македонија да има прогрес и доколку се движат побрзо од Албанија, нека има прогрес и Албанија нема зошто да ја влече Македонија назад“, изјави Мета во интервју за емисијата Клик плус на ТВ21.

Во однос на ситуацијата во која двете земји се блокирани поради ветото на Бугарија, Незири посочува дека во 2019 година неколку земји на ЕУ биле скептични кон Албанија, кога Франција побара промена на методологијата за преговорите, поради што „жртва“ беше Северна Македонија за која беше оценето дека ги има исполнето сите услови за почеток на преговорите. По една година, вели Незири, се случи ветото на Бугарија така што сега „жртва“ е Албанија, иако се оценува дека ги има исполнето сите предуслови за почнување на преговорите.

„Мислам дека е добро што интеграцијата се случува во блок, а најдобро би било таа интеграција да се случува одеднаш за сите шест земји од Западен Балкан. Поединечното зачленување на земјите од Западен Балкан може да произведе дополнителни проблеми во однос на употреба на ветото, како што беше случај со Грција или Бугарија за билатерални прашања. Европската интеграција не е билатерално прашање“, вели Незири.

Албанскиот претседател Мета како дел од тридневната посета на Скопје, освен со претседателот Стево Пендаровски, се среќава и со претседателот на Собранието Талат Џафери. Мета најави дека наскоро ќе ја посети и Бугарија и дека ќе има средба со неговиот бугарски колега Румен Радев со кого планира да разговара за што е она што може да се направи за изнаоѓање на решение на македонско- бугарскиот спор.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG