Достапни линкови

Петличковски - Ги оправдувам рестрикциите за невакцинирани


Петличковски – Вакцините функционираат одлично, но има малку вакцинирани
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:19 0:00

Петличковски – Вакцините функционираат одлично, но има малку вакцинирани

Од она што го гледам, рестриктивните мерки повеќе даваат резултат, а тие значат забрана за посета на затворени простории, задолжително тестирање на трошок на оној кој не се вакцинирал, лекување во случај на заболување на трошок на тој кој не се вакцинирал. Јас ги оправдувам сите вакви мерки, коишто ќе ја зголемат стапката на вакцинација, бидејќи според сите научни докази вакцинацијата е најјасниот излез од кризата, вели доктор Александар Петличковски од Институтот за имунобиологија.

Професоре Петличковски, евидентно е дека секој ден бројот на заразени од ковид-19 расте. Дали сметате дека овој нов бран е резултат на опуштањето на мерките, особено помеѓу двата изборни циклуси?

Сигурно дека опуштањето има влијание на зголемувањето на бројките, а уште повеќе имаат влијание условите надвор, во зимски услови кога повеќе време поминуваме на затворено, е очекувано и сите практично очекувавме зголемување на бројките. Но да, имавме значително опуштање, бидејќи кон крајот на летото имавме одлична ситуација. Исто така и вакцинацијата не ја завршивме така како што би требало да ја завршиме, така што оставен е голем простор на вирусот и тој тоа го користи овие денови.

Здравствените власти велат дека нема потреба од рестриктивни мерки. Дали вие сметате дека е време за ново заострување на мерките?

Во тек на целата пандемија ова изолирање и внимавање е единствената константа која дава многу добри резултати. Ние, вклучително и јас, очекувавме дека вакцинацијата ќе биде сериозна алатка во справувањето со пандемијата и тоа е така, но вакцинацијата без внимавање и социјално дистанцирање не може да ја заврши работата бидејќи трае предолго. Ние оставаме многу долг простор и споро одиме со вакцинацијата, за да ги намалиме шансите на вирусот за прескокнување од еден на друг. Затоа мислам дека од рестриктивни мерки има потреба, нив ги гледаме и во земји кои имаат висока стапка на вакцинација, бидејќи овој бран почнува многу интензивно. Секако дека со рестрикции шансите за пренесување на вирусот ќе бидат намалени и ќе има позитивни резултати.

Дали со стапка на вакцинација од 40 проценти може да се надеваме на завршување на пандемијата во блиска иднина, ние сепак сме далеку од она што се нарекува колективен имунитет?

Стапката на вакцинација ни е ниска, вакцините не се прифатени со таков ентузијазам кој се очекуваше, бидејќи доказите се недвосмислени дека вакцините функционираат одлично. Во целиот свет таму каде што стапката на вакцинација е над 70 проценти нема смртни случаи поврзани со ковид. Во сите земји, почнувајќи од соседството, каде што стапката на вакцинација е под 50 проценти, има огромни бранови и стотици мртви. Тука нема дилема дека вакцините штитат од смрт и сериозна болест. И цело време тоа го зборуваме и тоа е докажано на многу примери.

Во јавноста се појавија дилеми околу тоа дали треба да се мешаат вакцините. Кај нас достапна за „бустирање“ е само вакцината на Фајзер, па оттука и прашањето дали оние кои примиле две дози од друг производител треба да примаат трета доза на Фајзер. Дали е безбедно мешањето на вакцините?

Теоретски и практично се покажува дека комбинирањето на вакцините може да има позитивен ефект на ефикасноста, притоа без пријавување на некакви несакани реакции. Во моментот и најавторитетните светски агенции кажуваат дека мешањето на вакцините е безбедно и ефикасно, бидејќи е згодно теоретски кога имаме прва вакцинација со некаква инактивирана вакцина втората да биде мРНК или аденовирусна вакцина со цел да се комбинираат ефектите и од двете различни платформи, кои имаат различни корисни и можеби по некој несакан ефект. Значи комбинирањето на вакцините е безбедно и од оние студии кои се достапни е јасно дека ефектот е значително подобар. Значи, кога би имале човек вакциниран со две дози на Спутник, третата доза на Спутник нема да предизвика толкаво засилување на имунитетот како трета доза од Фајзер.

Вакцинацијата стагнира. Оној којшто досега не се вакцинирал веројатно нема ни сега? Како да ги натераме антиваксерите да примаат вакцина против ковид?

Да, се согласувам дека оние коишто сакаат да се вакцинираат веќе се вакцинирани и веќе се во редот за трета доза, но нашиот проблем како здравствен систем се оние кои не ја прифаќаат вакцината. Различни земји различно го решаваат овој проблем. На почеток имаше стимулативни, а потоа рестриктивни мерки. Од она што го гледам, рестриктивните мерки повеќе даваат резултат, а тие значат забрана за посета на затворени простории, задолжително тестирање на трошок на оној кој не се вакцинирал, лекување во случај на заболување на трошок на тој кој не се вакцинирал. Јас ги оправдувам сите вакви мерки, коишто ќе ја зголемат стапката на вакцинација, бидејќи според сите научни докази вакцинацијата е најјасниот излез од кризата.

Она што загрижува е и високата стапка на смртност. Сигурно е дека не сме единствената нација со коморбидитети или пациенти кои се јавуваат подоцна на лекар па затоа умираат?

Имаме проблем дефинитивно. Смртноста ни е висока споредено со смртноста во развиените земји, ама ние не сме развиена европска земја и имаме недоволно развиен здравствен систем. Сигурно дека коморбидитетите влијаат на зголемување на смртноста. Имаме и дополнителен проблем со неприфаќањето на болеста и нејавувањето навреме. И тоа е сигурно, но имаме и лоши услови во здравствениот систем, немаме ни доволно капацитети и сите елементи комбинирани придонесуваат за оваа висока смртност, која е слична во регионот. Со развојот на државата и здравствениот систем, ќе се подобруваат условите и ќе се намалува смртноста, но во моментот не сме таму.

Целото интервју со доктор Александар Петличковски од Институтот за имунобиологија и хумана генетика можете да го погледнете на видео-снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG