Достапни линкови

Седницата за доверба на владата цел ден на пауза


Собрание на Република Северна Македонија

Собраниската седница за доверба на Владата почна точно во 11 часот, но продолжи со обновувања на барања за еден час пауза откако стана јасно дека опозицијата нема мнозинство од 61 пратеник, а пратениците од владиното мнозинство ја напуштија салата. Седницата треба да заврши до полноќ.

Кастриот Реџепи од Беса е пратеникот кој вчера заедно со другите опозиционери го стави потписот на барањето за седница на која ќе се гласа за доверба на владата, но денеска одлучи да не дојде во Собранието. Тој на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека одлуката не ја донел лесно, но дека одлучил да го стави „интересот на народот и државата на прво место“.

„Со оглед на политичкиот моментум, по одложувањето на оставката на премиерот Заев, за доброто на процесот и силните сигнали од стратешките партнери САД и земјите од ЕУ кои ми беа доставени од високи дипломатски претставници, дека во декември има одлична шанса да имаме датум за почеток на разговорите за членство во ЕУ, решив да не учествувам на собраниската седница на која требаше да се донесе одлука со која ќе се доведе во прашање оваа витална национална и државна цел“, напиша Реџепи.

Претседателот на движењето Беса Биљал Касами кој поранешен пратеник, а сега е градоначалник на Тетово пред Собранието изрази сомнеж дека неговиот сопартиец Реџепи се држел некаде со сила за да не можел да дојде и да гласа за соборување на владата.

„Последните случувања со пратеникот Кастриот Реџепи докажуваат дека оваа власт е спремна на сè за да остане на оваа позиција. Сè додека немам јасна слика и глас од пратеникот за својот став, јас се сомневам дека тој против своја волја го има декларирано тоа што има декларирано и не може да дојде во Собранието и да ја искаже својата позиција“, рече Касами.

Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби пак рече дека наводите дека некој му се заканувал на Реџепи се неточни.

„Не е точно, не е вистина. Кастриот секогаш беше ориентиран про-ЕУ, про-НАТО, кон пријателството со САД. Ми беше колега во Холандската амбасада, сме работеле заедно и ги знам неговите убедувања дека неговото срце спие во Вашингтон и во Брисел“, изјави Груби за ТВ21.

Министерот за земјоделство Аријанит Хоџа кој е од истата партија пак посочи дека соработката со Алијансата за Албанците и Алтернатива „ќе продолжи до последното уривање на овој режим“.

Беса, која е дел од владиното мнозинство одлучи да оди со опозицијата по одлуката на Државната изборна комисија за прегласување во Желино, каде што победи нивниот кандидат. Подоцна Управниот суд ја прифати жалбата на Беса и одби прегласување. Таа партија која на минатите парламентарни избори настапи на заедничка листа со СДСМ има тројца пратеници, од кои едниот е Реџепи што денеска одлучи да не дојде во Собранието. Покрај овие дел од опозицискиот кампус се и ВМРО-ДПМНЕ со 44 пратеници, Алијанса за Албанците и Алтернатива кои имаат 12 и Левица кои имаат двајца.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој викендов објави дека имаат ново мнозинство од 61 пратеник за уривање на владата на СДСМ и ДУИ по пристигнувањето во Собранието на прашање дали ќе се најде друг пратеник на местото на Кастриот Реџепи „кој се премисли“, го спореди пратеникот со Амди Бајрам. Сега покојниот Бајрам при гласање на доверба на Владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Љубчо Георгиевски во 2000 година, а по иницијатива на тогашниот лидер на СДСМ Бранко Црвенковски, рече дека владата опстоила поради неговиот глас, а дека тој им дал гол со пета на СДСМ.

Инаку на денешната седница присуствуваa пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Беса и Левица. Меѓу нив беа и двајцата пратеници кои се изолација поради Ковид-19, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и пратеничката од таа партија Ангелика Петкова.

Откако беше констатирано дека има 61 пратеник, а пратениците на мнозинството седеа пред собраниската сала, претседателот на Собранието Талат Џафери побара неговиот заменик Фадиљ Зендели од Беса да ја води седницата, па по неговото излегување од салата немаше мнозинство. Од тогаш и почнаа барањата за едночасовни паузи, кои досега се обновуваат на секој еден час.

Инаку Заев најави оставка од премиерската и партиската функција на 31 октомври по локални избори на кои победи ВМРО-ДПМНЕ. По партискиот состанок неделава одлуката е да ги одложи оставките додека не се стабилизира владиното мнозинство.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG