Достапни линкови

Мицкоски: имаме ново парламентарно мнозинство


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на состанок со опозициските лидери за ново парламентарно мнозинство
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на состанок со опозициските лидери за ново парламентарно мнозинство

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски вечерва сподели фотографија со пратеници наведувајќи „имаме ново парламентарно мнозинство“. Извори од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека прво ќе ја почекаат оставката на Заев да стигне во парламентот, но дека ако тоа не биде скоро ќе бараат гласање на доверба на владата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва по објавувањето на новото парламентарното мнозинство, изјави дека доколку премиерот Зоран Заев не ја поднесе најавената оставка тие ќе поднесат иницијатива за недоверба на Владата.

„Мнозинство кое што ќе гарантира дека оваа влада предводена од СДСМ ќе е минато. Ја очекуваме оставката на Заев која ја најави доколку тоа не се случи ќе поднесеме недоверба на Владата. Очекуваме да ја поднесе оставката“, рече Мицкоски.

Додаде дека сите опции се во игра и брзи предвремени избори и мнозинство со кое како што рече се гарантиало дека оваа влада на СДСМ е минато, но за се останато како стратегијата и програмските определби ќе седнеле да разговараат.

Тој вечерва на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук објави фотографија на која се пратеници и лидери на партии, а на која напиша „имаме ново парламентарно мнозинство“. На фотографијата со него се претседателот на Левица Димитар Апасиев, Африм Гаши од Алтернатива, министерот за земјоделство Аријанит Хоџа од Беса и Арбен Таравари и Халил Снопче од Алијанса за Албаците.

„Новата иднина доаѓа, ново време и нова надеж. Не чекаат силни предизвици, свесни и благодарни за поддршката заедно ќе успееме. Македонија ќе успее! Имаме ново парламентарно мнозинство, “ напиша Мицкоски во својот пост.

Претседателот на Левица Димитар Апасиев и генералниот секретар на Алијанса за Албанците Арбен Таравари вечерва во изјава за ТВ Клан потврдија дека има ново парламентарно мнозинство.

„Да, има ново мнозинство. Тоа е официјално. Имаме 61, со тенденција до 64“, рече Апасиев одговарајќи потврдно на прашањето дали новото парламентарно мнозинство го сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, Беса, Алтернатива, Алијанса за Албанците и Левица.

Претседателот на Алтернатива Африм Гаши која е дел од коалицијата Алтернатива/Алијанса за Албанците за Телма изјави дека како опозициска партија се потпишале на иницијативата на опозициската ВМРО- ДПМНЕ за интерпелација на Владата.

„Ако се изгласа недоверба тогаш започнуваат други рокови, и тогаш почнува процесот кој ќе биде мандатар, каква Влада ќе се состави, а потоа ќе седнеме пак и ќе разговараме. Важно е да знаете дека Алтернатива нема да биде дел од Влада која би се повлекла од евроатлантските процеси и интеграции. Мора нашата држава да остане членка на НАТО, да се зацврстат нашите односи. Ако некоја партија тоа го условува, ние нема да бидеме дел од таа Влада“, вели Гаши.

Ова би значело дека ВМРО-ДПМНЕ формира мнозинство од 61 пратеник. Имено, партијата има 44 пратеници, Алијанса за Албанците и Алтернатива имаат 12, Левица двајца и Беса тројца.

Ваквиот потег на Беса која на ланските парламентарни избори настапи на заедничка листа со СДСМ денеска го навести министерот за земјоделство Аријанит Хоџа.

„Желино, во кое се роди една партија (како движењето БЕСА), може да биде и Желино кое растура една Влада“, објави тој на социјалната мрежа.

До ова дојде откако ДУИ до Државната изборна комисија испрати два приговора за избирачки места во Желино во кое разликата е 69 гласа во полза на кандидатот на Беса Блјерим Сејди.

Во Собранието лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска подоцна изјави дека не очекува Беса да ја напушти Владата, затоа што, како што вели, таквиот потег нема да биде од полза на таа партија. Ахмети коментирајќи ја изјавата на Хоџа посочи дека нема потреба да се врши притисок врз институциите и дека треба да се почитува одлуката на ДИК за прегласување на едно избирачко место во Желино.

Гласините за ново парламентарно мнозинство се присутни со месеци но се засилија откако во неделата на локалните избори победи ВМРО-ДПМНЕ по што премиерот Зоран Заев најави оставка. Во меѓувреме течат консултациите со коалициските партнери за кандидат за нов мандатар од мнозинството на СДСМ.

Извор од ВМРО-ДПМНЕ прашан за следните постапки на новото мнозинство кое го објави Мицкоски вели дека ќе почекаат неколку дена да стигне оставката од премиерската позиција на Заев во парламентот, но доколку тоа не се случи во скоро време ќе побараат седница за гласање на доверба на владата.

Инаку, ако се потврди ново парламентарно мнозинство следен да направи чекор е претседателот Стево Пендаровски. Тој треба да го даде мандатот на оној кој има мнозинство, по што мандатарот има рок од 20 дена до Собранието да достави предлог состав на новата влада.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG