Достапни линкови

СДСМ од рекордно високи резултати на чекор до губење на власта во Битола


Премиерот Зоран Заев и кандидатот за градоначланик на Битола Христо Кондовски на СДСМ.

За само четири години СДСМ е исправен пред опасноста да ја загуби локалната власт во Битола. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Тони Коњановски води со 1.645 глас повеќе од Христо Кондовски на СДСМ. Во 2017 година кандидатката на СДСМ освои рекордни 31.337 гласови. Тогаш кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ освои 17.715 гласови. Овој пат за Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ гласаа 19.571 битолчани, за Христо Кондовски 17.926.

Битола ќе избира градоначалник во втор круг, а борбата за советнички места заврши во првиот. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ уште еднаш ќе ги одмерат силите во вториот круг за избор на градоначалник откако кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Тони Коњановски успеа да освои водство со 1.645 глас повеќе од Христо Кондовски на СДСМ. Кој ќе стане градски татко ќе зависи од тоа кој ќе успеа да ги привлече гласовите од другите кандидати за градоначалници, кои не влегоа во вториот круг, политички партии, советнички групи, независни гласачи и оние битолчани кои во кутиите оставија 2600 неважечки ливчиња.

Ете што очекуваат битолчани:

„Очекуваме подобрување во сè.“

„Повисоки пензии, плати, за сите да има поубав живот, да одиме напред, да нема проблеми.“

„Во градот многу недостига, како прво подобра патна инфраструктура, нема градинки, се недостига“, коментираат битолчани.

Кондовски најави локално обединување на целиот коалициски потенцијал во вториот круг.

„Изборните резултати даваат одлична основа за победа во втор круг. Се кандидирав за градоначалник на нашата Битола од срце, со силен мотив и огромна желба да ја менуваме на подобро. Влегов во изборната трка како млад, нов човек во политиката, кој стекнатото знаење и искуство низ личните постигнувања во бизнисот е подготвен да ги стави на ваша услуга, заедно да ја обновиме и модернизираме нашата Битола! Најавувам локално обединување на целиот коалициски потенцијал кој во првиот круг беше разлеан на повеќе страни, како и поттик за излезност на сите кои од различни причини не излегоа на гласачките места“, рече Кондовски.

Kандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Битола Тони Коњановски
Kандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Битола Тони Коњановски

По четири години жена на чело на Битола, сега само мажи ќе се борат за градоначалник

ВМРО-ДПМНЕ со огномет го прослави водството само четири години подоцна откако во 2017 година доживеа катастрофален пораз од кандидатката за градоначалник на СДСМ Наташа Петровска која тогаш освои рекордни 31.337 гласови, а претходно никогаш немало кандидат со добиени повеќе од 30.000 гласови. Тогаш кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ освои 17.715 гласови. Овој пат за Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ гласаа 19.571 битолчани, за Христо Кондовски 17.926.

Коњановски вети создавање на исти стандарди за сите граѓани на Битола.

„За мене не постојат поважни и помалку важни граѓани. За мене сите се битолчани. За сите гарантираме развојни проекти усогласени со заштита на животната средина. Гарантираме проекти за заштита на воздухот, водата и почвата во Битола. Гарантираме Битола ќе биде проектот со кој сите ќе се гордееме“, рече Коњановски.

Но, кој и да биде градоначалник тешко дека ќе може комотно да управува во Советот, каде силите се скоро израмнети и кој ќе има мнозинство ќе зависи најмногу од помалите политички партии и групи граѓани како Левица и Поинаку. СДСМ и коалиционите партнери во општинскиот Совет во претходниот мандат броеја 17 советници, наспроти 11 на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Но, овој пат ВМРО-ДПМНЕ има 13, СДСМ 11, ЛДП 1, ДУИ1, Поинаку 3 и Левица 2. Дури и советниците од ЛДП и ДУИ да коалицираат со СДСМ, силите ќе останат израмнети во двата најголеми политички блока. Така, решавачката улога ќе ја имаат советниците од Поинаку и Левица.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG