Достапни линкови

По четири години жена на чело на Битола, сега само мажи ќе се борат за градоначалник


Седиште на Општина Битола.

Шест кандидати ќе се тркаат за градоначалник на Битола. Има 14 советнички листи. За 31 советничко место кандидирани се дури 434 битолчани. За првпат на овие избори своја советничка листа ќе имаат и битолските Роми. Битолчани од идниот градоначалник имаат големи очекувања.

Битолчани на овие локални избори ќе можат да избираат меѓу шест кандидати за градоначалници и повеќе од двојно, поточно 14 кандидатски листи на политички партии и групи избирачи. Во општината која четири години ја водеше жена, сега за челната општинска позиција ќе се борат само мажи. Тоа се: Христо Кондовски предложен од СДСМ и коалицијата, Тони Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Јорго Огненовски од партијата Демократи, Горан Тасковски од „Македонска ера трета", лидерот на ЛДП Горан Милевски предложен од коалицијата на ЛДП и ДОМ и Зоран Лазаровски- Паљо независен кандидат.

За 31 советничко место кандидирани се дури 434 битолчани. Свои листи со советници имаат предложено коалициите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ЛДП и ДОМ, Левица, Поинаку, Ристенка Алтипармаковска, партии од албанскиот политички блок и други. За првпат на овие избори своја советничка листа ќе имаат и битолските Роми предводени од НВО активистот Ремзи Медик. Ромите немале свој советник 30 години наназад.

Битолчани од идниот градоначалник имаат големи очекувања од решавање на инфраструктурни проблеми до создавање на услови да се казнуваат сите оние кои создаваат диви депонии, а не го збираат дури ни ѓубрето во сопствениот двор. Но, најважно од се е да биде чесен.

„Да направи инфраструктура, да ги поврзи влезовите и излезите од градот со експресни патишта, да имаме широк пат за грчка граница, автопат за Прилеп, Скопје.“

„Очекувам да се помогне развојот на планинскиот туризам на Пелистер, подобра жичница, продолжување на ски сезоната. Но, и екологијата да се подобри. Не само да се исчисти ѓубрето низ градот и дивите депонии, туку да спроведе и законска можност секој да си го чисти сопствениот двор од ѓубре, ако не да следува казна за сопствениците кои не си ги чистат дворовите.“

„Најважно ни е да биде чесен, да биде транспарентен, отворен кон народот, отчетен, да знаеме што работи, да нема криминали во работењето, да е достапен за народот, да го прими и помогне ако може“, коментираат битолчани.

Во последниот мандат локалната власт беше во рацете на СДСМ и коалицијата предводена од градоначалничката Наташа Петровска. Тие го имаа и мнозинството во советот. Таа беше професор по математика, а сегашните кандидати за нејзина замена се бизнисмени од областа на осигурувањето, епидемиолог, актуелен министер за локална самоуправа, спортски работник, глумец и поранешен амбасадор во Турција.

Составот на предложените кандидати за советници е шаренолик, меѓу нив има специјалисти доктори, гинеколог, кардиолог, економисти, инспектори, спортски судии, началници на одделенија, , професори и други профили.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG